КОМЕНТАР

Сито и Решето

НА 15 СЕПТЕМВРИ...

Од Редакцијата

Апатија го зафатило целото македонско општество, бидејќи насекаде забележуваме сиромаштија, невработеност и бесперспективност. Добро е што Господ се уште ни ги крепи пензионерите оти ако и тие заминат на оној свет што ќе прават (младите) .... невработените? Не знаат да крадат, ама не знаат ниту да живеат. Ќе испоумрат од глад оти немаат работа, оти ќе немаат пари за да преживеат. Но, како до сега преживуваа?

Некако крај со крај врзуваа со тенките пензиички, ама времето и нив ги притиска. Толку има живејачка. Колку дал Горниот толку ќе проживеат и другиве. Не оти сакаат мизерно да живеат, ама ги наваса реалноста. Проблемот е што премногу долго ги гледаме аргументите. Се е исто како и лани, но и како полани и пред она лани.

Се е реприза. Дури репризата, политичката, стана здодевна. Фактите ги гледаме 1992, 1994, 1998, 2002 и 2003 година. Ветуваа дека ќе тече мед и млеко, а гласачите се залетаа на лагата. Дојдоа изборите, не знаеме кои беа оти сите ни се слични, па повторно електоратот се залета на промените. Од нив ништо не бидна, се вратија старите, ветувајќи иста лага. И сега година дена подоцна се е исто. Лагата е на виделина. Само што ние, обичните смртници, сме постари. Додека се освестивме мина времето. Душата ни остана празна. Ама и стомакот.

"ЦВЕЌИЊА ЗА МИРИСАЊЕ"

Година дена сметавме дека подобро ќе живееме. Ќе имаме некаква си иднина. Но, ете, со жал и со тага во душата мораме да констатираме оти од неа нема ни трага, ни глас. Не излажаа дека ќе ја вратат безбедноста и сигурноста. Ќе не вработат за да не лежиме и предвреме да старееме како нација. Меѓутоа, ветувањата исчезнаа како и милијардата на Циле. Впрочем, надежта умре оној миг кога победи Коалицијата "За Македонија заедно". Нејзиното владение покажа дека се неспособни да раководат со државата, но затоа не заборавија да лажат и да крадат како претходниците. Суратот им е ист, дури и лакомоста не им е променета. Се метнаа во карактерот како една мајка да ги родила. Од утка во утка. Немаат време да ја признаат грешката, односно грешките што ги сторија. Премногу ги има. Дури по карактерот се метнаа на терористите на АНА. Првите, екстремистите ги нарекуваат криминални банди. Ама и првите се криминалци. И тоа закоравени. Ако не се можеби ќе ги засукаа ракавите и ќе земеа метла да го расчистат дворот. Вака ништо не прават. Само дигаат џева. Дигаат прашина оти тие биле "цвеќиња за мирисање" во споредба со нивните претходници. Меѓутоа, до кога ќе се вадат на нивниот апашлук? До кога бре...! Времето нам ни е кусо. Немаме друга држава да живееме. Ако можевме да заминеме одамна ќе го фатевме "Параходот" оти тој и онака не ни гине. Но, Запад не не сака. Премногу сме биле нецивилизирани.

"ВИСКИ" ДЕМОКРАТИЈА

Е,... дојде време Западот да ни каже дека сме биле нецивилизирани и оти тие ќе ни ја прават државата. Ние не знаеме да се стокмиме. Да се уредиме. Божем сме биле слепо црево на цивилизираните.

Пу, ... јаз'к да ни е. Наместо да им предаваме култура, оти писменоста веќе им ја пренесовме, сега ние мораме да се учиме на бонтон - демократија. Па ние знаеме што е морков демократија. Но, не знаеме во што е вицот. Проблемот е што не знаеме кого да избереме. Сите оние што излегоа на бината знаат само да го наведат народот на јадец, а потоа тој нека си ја удира главата.

Како да ја промениме "виски" демократијата? Треба постојано да ја држиме трезна, оти ако е пијана кој знае каква друга глупост ќе направи. Нив ги има многу. Дури и премногу за ова мало парче земја кое секој го освојува. Зарем историјата не беше доволно поучна да го освести народот!?

"Народот по 15 септември ќе ја земе в раце".... мотиката. Или само стапот. Тоа му остана. Тој ист празноверлив македонски народ ниту мотика има, ниту метла има, ниту држава ќе има. Ќе нема ништо ако продолжи да му верува. Нему му требало време за да продолжи со (тактиката) лажењето. Иако времето го има на претек, година дена му се малку. Треба да ја изора 2004-та за да ја соголи 2005 година. Кога ќе стигне 2006 година времето минало. Битката за победа повторно ќе ја започне со лажењето.

КОЈ ЌЕ НИ ГИ ВРАТИ ГОДИНИТЕ?

Што сулуд народ ќе бевме да толку веруваме во празноверија, во магионичари, вештерки итн. Сето тоа толку не наваса што немаме ниту малку време да кренеме глава од проблеми. Во почетокот мислевме дека политички ќе еволуираат. Но, фактите го говорат спротивното. Молзат ли молзат. Кравата ни ја исцицаа. Не можеме да се прибереме од грандиозните проекти на владејачката Коалиција. Затоа ниту се живее подобро, ниту се променија променетите. Промените останаа да владејат. Тие што ја создадоа кризата и што овозможија македонскиот народ да пропаѓа се најголемите виновници за тоталниот хаос што владее во Република Македонија. Егзистенцијалните проблеми се толку големи што тешко дека ќе можат да се надминат ако немаме стручни и чесни луѓе.

Но, таквите се ретки. Тие не можат да дојдат во преден план од неспособните владетели на дворецот. Бродот тоне, бидејќи компасот е загубен. Дали е време да се запрашаме - треба ли да им го одземеме мандатот. Ниту ќе бидат први ниту последни кои ќе треба да бидат сменети. Ако сакаат да си ја одмерат силата, нека го запрашаат македонскиот народ и другите граѓани колку им веруваат сега.

По 365 дена климата е иста. Експлозивна. Државата не ја контролира ситуацијата во Липковскиот и во Тетовскиот крај. Криминалот цвета. Господарат амнестираните. Треба ли за ваквата ситуација и нив да ги амнестираме!? Да им ги простиме гревовите што не сакаат да се соочат со наталожените проблеми?! Да им простиме што економијата се наоѓа на најниските гранки од осамостојувањето?! Да им простиме што за прв пат пензионерите се уште ни даваат некаква лажна надеж дека државата живее?! Да им простиме што лажно се претставуваа во овие десетина години и повеќе!? Не, затоа што кој нас ќе ни ги врати загубените години. Кој нас ќе ни ги врати илузиите? Никој. Го разбудивме нашето проклетството и тоа си го зема својот данок во крв!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"