СПОРТ

Македонската репрезентација пред испит на зрелост

ЌЕ ДОКАЖЕМЕ ЛИ ДЕКА ВРЕДИМЕ?!

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Селекторот најави дека против Англија ќе се игра храбро, дрско, без респект и офанзивно и дека тоа во иднина ќе биде карактеристика на македонската фудбалска репрезентација.
  • За тоа колку сериозно почна да се смета на Македонија докажува и тоа што натпреварот помеѓу Македонија и Турција во Турција беше директно прикажуван на англискиот канал "Скај нет". Успехот со Англија ни овозможи конечно да ја откачиме Малта како наш спаринг-партнер и веќе игравме со Португалија, светска велесила, а договорен е и натпревар со репрезентацијата на Украина.

Македонскиот фудбал е исправен пред предизвикот да докаже дека навистина има квалитет, дека навистина вреди и дека местото му е многу повисоко на ранг-листата на репрезентации. Мегданот за докажување ќе биде погоден - македонскиот храм на фудбалот, противникот токму како што доликува - Гордиот Албион, репрезентацијата на Англија, една од петте најсилни репрезентации во светот.

Спортските фанатици веќе се наострени и по историскиот резултат со Англија во Сауттемптон се добива впечаток дека никој во Македонија не помислува на пораз. Се е подготвено македонските фудбалери да го остават срцето на теренот и да & докажеме на фудбалска Европа дека треба да се смета на оваа млада репрезентација.

СТРАТЕГИЈА

Честа да ја предводи македонската репрезентација во овој двобој ја има старо-новиот селектор, Драган Канатларовски, кој негува многу поинаков начин на игра од неговиот претходник, Џиџи, кој и го оствари историскиот резултат во Англија. Видливо е дека Канатларовски го задржа костурот на репрезентацијата што го постави Џиџи, но направи и чекор понатаму и успеа да ги надмине недоразбирањата кои се појавија со некои искусни репрезентативци. Со нивно вклучување во репрезентацијата, слободно може да се каже, сега на располагање ја имаме најсилната репрезентација која може играчки да ја понуди Македонија.

Селекторот најави дека против Англија ќе се игра храбро, дрско, без респект и офанзивно и дека тоа во иднина ќе биде карактеристика на македонската фудбалска репрезентација. Како лидери на оваа репрезентација се издвоија Артим Шаќири и Гоце Христов, а со игрите кои во последно време ги прикажува може слободно да се каже дека како лидер на младата генерација која се наметнува пополека се издвојува и младиот Горан Пандев кој годинава успеа да биде вториот Македонец, по Дарко Панчев, кој ќе се појави во, според многумина, најсилната лига на светот - италијанската.

ОРГАНИЗАЦИЈА

Што може да добијат, а што може да изгубат Македонија и македонската фудбалска репрезентација од овој натпревар? Бенифициите кои можат да се добијат од еден ваков натпревар веќе ги почувствувавме по првиот натпревар кога името на Македонија и на македонскиот фудбал беше по сите светски фудбалски списанија. Во Англија многумина дознаа и каде се наоѓа Македонија, а сите оние кои мислеа дека Македонија е репрезентација која може да служи единствено како тренинг репрезентација, дефинитивно се разубедени.

За тоа колку сериозно почна да се смета на Македонија докажува и тоа што натпреварот помеѓу Македонија и Турција во Турција беше директно прикажуван на англискиот канал "Скај нет". Успехот со Англија ни овозможи конечно да ја откачиме Малта како наш спаринг-партнер и веќе игравме со Португалија, светска велесила, а договорен е и натпревар со репрезентацијата на Украина. Токму и сега еден добар резултат многу ќе придонесе за развојот на македонскиот фудбал, а индиректно може да се зголеми и интересирањето за македонскиот фудбал и македонските фудбалери и меѓу спортските вљубеници во Македонија. На овој начин, преку овој натпревар како спореден ефект може да се појави и поголема посетеност на македонските натпревари. Еден таков спореден ефект веќе се почувствува сега кога поради големиот притисок кој го направи англиската фудбалска репрезентација конечно добивме еден репрезентативен стадион кој ги исполнува стандардите на ФИФА и УЕФА. Имено, Градскиот стадион во Скопје сега има столчиња на сите свои трибини, поправени се санитарните јазли и подтрибинскиот простор и, како што кажува чаршијата, ако ништо друго, тогаш од овој натпревар барем добивме репрезентативен стадион.

А она што можеме да го загубиме секако е многу помалку и побезначајно од она што може да го добиеме. Најмногу може да изгубиме ако потфрлиме во организацијата на натпреварот. Ако се земе предвид дека на натпреварот се очекуваат и оние најзагреани англиски хулигани, тогаш дефинитивно може да се каже дека нашата способност за организирање на голем спортски настан е на испит. Во секој случај од овој натпревар многу повеќе добиваме отколку што губиме.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"