|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
Житијата на сите досега познати македонски светители (18)
ЗАБЛУДИТЕ НА БУГАРСКИТЕ ИСТОРИЧАРИ
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Свети Паисиј никаде себеси јасно не се декларирал како "Бугарин" и
секаде во својата Историја на Бугарите им се обраќа во второ или трето
лице!
- Македонецот Теодосие, иако бил епископ на Трапезунтското царство,
градел цркви во Македонија!
В о својата
"Историја
славјано-бугарска",
свети Паисиј никаде, дури ни во подоцнежните бугарски преписи на таа
историја, себеси јасно не се декларира како припадник на бугарскиот народ!
Во бугарските преписи на таа Историја свети Паисиј секаде на Бугарите им се
обраќа во второ или во трето лице (како, на пример: Ти Бугарину... За
Вашите татковци... Јас Ви пишувам.. Не дозволете да Ве мамат... Многу го
засакав бугарскиот род... и сл.), што може да претставува доказ дека тој
себеси воопшто не се сметал како припадник на бугарскиот народ.
Од друга страна треба да се објасни и зошто свети Паисиј ја напишал таа
историја. Нему соработник тогаш му бил бугарскиот монах Јован Раиќ,
кој (иако бил Бугарин) себеси се декларирал како - Србин! Двајцата
монаси, додека престојувале на Света Гора во 18 век, разочарано констатирале
дека елинизмот зема се поголем замав на Балканот, духовно поробувајќи ги
народите што зборуваат словенски. Така обајцата, како словенски
патриоти, дошле на идеја да почнат да пишуваат историја на
словенските народи. Отец Раиќ (иако бил етнички Бугарин, родум од Видин),
бидејќи себеси се сметаал за Србин, т.е. сметал дека Бугарите се Срби, се
зафатил да ја пишува главно српската историја (но и историјата на други
словенски народи).
Свети Паисиј, пак, тогаш веројатно под влијание на разговорите со Раиќ,
ја пишува
"Историја
славјано-бугарска"
од која, како што рековме, оригиналните негови преписи не се зачувани, а
подоцнежните бугарски преписи се полни со романтизам и неточни историски
податоци (што го признава и денешната бугарска историографија). Најголема
заблуда препишувачите на отец Паисиј внеле кога турко-монголските Бугари (т.н.
Прабугари) ги прогласиле за Словени! Така, на пример, во оваа
Историја, меѓу другото пишува:
" Од целиот словенски род најславни
биле Бугарите. Прво тие имале свои цареви, прво тие имале свој патријарх,
прво тие се крстиле...".
Романтизмот и неточноста на овие податоци се повеќе од очигледни. Познато
е дека првите Бугари што се покрстиле и што имале свои цареви биле
турко-монголските Бугари (владетелот Борис и неговите претходници, но и
наследници). Турко-монголските Бугари припаѓале на жолтата раса и немале
никаква етничка врска со словенскиот род, со кој овде се поистоветени.
Овој фалшлив податок & нанел штета и на македонската преродба од 19 век.
Познато е дека тогаш извесен број Македонци, сфаќајќи дека не се Грци и
сакајќи тоа сознание јавно да го артикулираат, го прифатиле
турко-монголскиот етноним Бугари, под влијание на погрешното сфаќање
дека Бугарите биле Словени. Подоцна бугарската пропаганда ќе ја
користи таа нивна неинформираност за да докажува дека Македонците
биле Бугари (!?).
Без разлика дали самиот свети Паисиј (или пак неговиот препишувач) го
напишал фалшливиот податок дека турко-монголските Бугари биле Словени,
има основа да се тврди дека тоа не е случајно сторено. Сепак, да
претпоставиме дека тоа го направил самиот свети Паисиј. Зошто ги спомнал
Бугарите, а не Македонците? Ќе одговориме веднаш. Како прво, на свети Паисиј
добро му бил познат фактот дека Бугарите биле едно, а Словените нешто
сосема друго (барем според старите книги од кои ги црпел податоците за
својата
"Историја",
во кои овие два етникума се јасно разделени). Но, нему му биле важни
Словените (како пандан против елинизмот, но и против турското ропство).
Терминот Македонци воопшто не можел да го спомне за Словените,
бидејќи во тоа време македонското име наполно било узурпирано од Грците
против кои се борел. (Дури подоцна во пошироката јавност излегуваат успешно
криените податоци од страна на Грците за етничките и културните разлики
помеѓу античките Македонци и Грците). Затоа свети Паисиј како Словени
ги прогласил Бугарите (турко-монголските Бугари, т.е. оние што
"прво
имале свои цареви").
Едноставно, свети Паисиј морал така да постапи. Во спротивно, веројатно
немало да има ништо од бугарскиот (читај: словенскиот) патриотизам
што тој сакал да го разбуди. Каков ќе бил тој бугарски патриотизам што
требало да се бори против турското ропство, до колку свети Паисиј ја напишел
вистината дека првите етнички Бугари биле блиски со Турците? Со тоа само ќе
им направел услуга на Турците.
Кон крајот на 19 век бугарската официјална историографија ги исправа
грешките во книгата на свети Паисиј, па прогласува дека Бугарите не се чисти
Словени, но бугарската преродба веќе има таков замав што бегло се
преминува преку овој податок.
Да заклучиме дека свети Паисиј е македонски светител, но тој подеднаквво
им припаѓа на сите христијани во светот. Тој треба пред се да биде почитуван
како христијански светител и неговото име не треба да се користи за
дневно-политички цели.
СВЕТИ ДИОНИСИЕ КОСТУРСКИ
Неговиот празник се слави на 25 јуни (стар стил), т.е. на 8 јули (нов
стил). Овој светител се родил во селото Горица во близината на градот Костур.
Потекнувал од сиромашно и побожно семејство. Неговите родители му ги дале
првите знаења во врска со Христовата вера. Дионисие имал постар брат кој се
викал Теодосие. Еден ден Теодосие заминал за Цариград, каде се придружил на
тамошните монаси и добил дозвола да живее во самата Патријаршија. Таму
почнал да ги учи световните науки, истовремено подвизувајќи се во името на
Христа. Успешно напредувал во изучувањето на Светото Писмо и догмите на
верата. Набргу се прочул по своите квалитети и знаења, поради што од страна
на патријархот, бил ракоположен за свештеник. Но, тој повеќе го претпочитал
осаменичкиот живот и подвизување поради што набргу се преселил на Света Гора,
каде пристапил во братството на Филотеевскиот манастир. По смртта на
старешината на ова братство, на молба од тамошните монаси, Теодосие прифатил
да биде нивни старешина. За тоа време младиот Дионисие се повеќе се
усовршувал во изучувањето на Светото Писмо. До него почнале да пристигнуваат
вести за подвизите на неговиот брат. Свети Дионисие посакал да му се
придружи во братството, но отпрвин бил одбиен заради својата младост. Кога
станал полнолетен оваа желба му се исполнила. Голема била радоста за време
на средбата на двајцата браќа. Свети Дионисие набргу и самиот се прочул по
подвизите што ги правел заедно со преостанатите собраќа од манастирот. Кога
наполнил триесет години бил ракоположен за презвитер откако претходно ги
поминал преостанатите свештенички чинови. Потоа свети Дионисие отишол да се
подвизува во една пештера на Света Гора каде останал цели три години. Во тоа
време му се придружил уште еден монах, а подоцна за подвизите на Свети
Дионисие слушнале и други монаси кои исто така му се придружиле. Тој ги
замолил да го остават сам и да се преселат подалеку, но им ветил дека
постојано ќе ги посетува. Така тие во северниот дел на гората подигнале
ќелии и црква посветена на свети Јован Претеча. Свети Дионисие ги посетувал
и им држел литургии.
МИТРОПОЛИТОТ ТЕОДОСИЕ МУ ПОМАГА НА СВЕТИ ДИОНИСИЕ
Во меѓувреме неговиот брат Теодосие станал митрополит во Трапезунт. Тоа
било за време на трапезунтскиот цар Алексеј Комнен. Кога слушнал за ова
свети Дионисие се упатил кај својот брат за да го замоли да му помогне во
подигнувањето манастир на местото каде се подвизувало неговото братство.
Теодосие со радост ја примил оваа молба и го упатил кај царот. Свети
Дионисие го замолил царот да биде ктитор на тој манастир, а царот тоа со
задоволство го прифатил. Притоа објавил повелба со која одобрил големи суми
од своето азно за манастирот и наредил секоја година да му се дава на
манастирот по илјада сребреници. Така, во 1380 година, бил подигнат
манастирот "Претеча". Свети Дионисие (веќе во одмината возраст) повторно
заминал за Трапезунт за да побара средства за живописување на црквата, но
кога се вратил видел дека Турците ја опустошиле, а монасите ги одвеле во
ропство. Многу се нажалил и како верен чувар на своето братство со парите
што ги имал кај себе ги откупил своите браќа од ропство. Потоа пак заминал
за Трапезунт затоа што манастирот останал без никакви средства. На
заминување му кажал на монахот Дометие дека веќе нема да се видат во земниот
живот. Во Трапезунт бил со радост примен од својот брат Теодосие, кој му
ветил дека повторно ќе обезбеди помош од царот. Но, по извесно време свети
Дионисие, исто како што прорекол, му ја предал својата душа на Бога. Тогаш
имал седумдесет и две години. Годината на неговата смрт не е позната.
Свети Дионисие Костурски живеел во 14 век, т.е. во времето на
драматичните збиднувања во Македонија. Тоа е време на наизменичното владеење
со делови од Македонија од страна на српската држава и Византија, но и време
првите османлиски навлегувања во нашата земја. Повелбата од трапезунтскиот
цар Алексеј Трети Комнен дадена на манастирот Претеча до денес се чувала во
овој манастир. Трапезунтското царство (како изолиран дел од Византија) се
наоѓало на брегот на Црно Море (денешна североисточна Турција). Практично
манастирот Претеча бил подигнат само неколку години пред османлиското
освојување на Македонија што се гледа и од податокот во жититето за
опустошувањето на овој манастир недолго откако бил изграден.
(Продолжува)
|