ИСТОРИЈА

Референдум за независна, самостојна и суверена Македонија - 12 години

ДОСТОЈНО ПРЕД ИСТОРИСКИТЕ ПРЕМРЕЖЈА И ГОЛГОТИ

Пишува: Анита ДИМОВА

  • На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.074.658 граѓани со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 95,09 отсто. Резултатите сами по себе говорат за успешноста на Референдумот.
  • Третиот Илинден е само финале на основите на државноста што ги поставија Александар III Македонски, Самуил и двата македонски Илиндена - Крушевската Република 1903 и АСНОМ 1944 година.

Осми септември 1991 го-дина влезе во историјата на македонскиот народ како ден кој го потврди националниот идентитет на македонскиот народ и државно-правниот статус на Република Македонија. Пред 12 години делумно се остварија вековните стремежи на Македонецот да решава за својата иднина и да стане носител на судбоносната одлука.

На 8 септември се одржа Референдумот на кој македонскиот народ и националностите се изјаснија за суверена и самостојна држава Македонија. На гласачките ливчиња за непосредно тајно изјаснување стоеше: "Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?".

ВЕКОВЕН ДОСТРЕЛ

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.074.658 граѓани со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 95,09 отсто. Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатираше масовноста на граѓаните со право на глас во Република Македонија кои се изјасниле "за" самостојна и суверена Македонија.

Масовен беше одзивот и на Македонците во дијаспората, во САД, Канада и во Австралија каде што гласањето беше извршено предвреме, а на повеќе места е констатирано дека сите гласачи се изјасниле позитивно.

Во деновите пред Референдумот беа упатени повици до сите политички лидери и до граѓаните да одат да го дадат својот глас. Повикот беше прифатен од сите, освен единствено од партиите на албанската националност кои повикуваа на бојкот на овој историски чин, манипулирајќи со Албанците преку тезата дека се обесправен народ. Така, граѓаните од албанска националност го бојкотираа Референдумот и одбија на демократски начин да се изрази волјата на албанското малцинство во Македонија. Тие тогаш ја испуштија историската шанса рамноправно да учествуваат во поставувањето на темелите на новата демократска држава.

Но, Албанците во Македонија "си направија" свој крвав референдум десетина години подоцна кога повторно со тезата дека се обесправен народ ги разнишаа темелите на држава и направија "корекција" на општествените односи во нашата земја. Врвот на сето тоа е Рамковниот договор кој ни ги пресече крилјата и не врати во историјата. А македонската историја е предолга и преполна со вакви слични настани, со многу нагорнини и падови.

Уставот кој го доби Македонија два месеца по Референдумот за самостојност, на 17 ноември и 1991 година, "не преживеа долго". Со помош на нелојалните граѓани и политички партии со нивните лидери Референдумот беше "проголтан" од Рамковниот договор. Неговите главни одредници беа јасноста, прецизноста и дезидеологизираноста, а основни постулати - конституирањето на Македонија како држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и сожителство на македонскиот народ со Албанците, со Турците, со Власите, со Ромите и другите националности кои живеат во земјата, изградба на парламентарна демократија, плурализам на сопственоста, слобода на пазарот, демократски решени правата и слободите на човекот и граѓанинот.

СИМБОЛИ НА СЛОБОДАТА

Иако донесувањето на овој Устав претставуваше крупен чекор во заокружувањето на државноста, самостојноста и сувереноста на Република Македонија и основи за нов политички, економски и демократски систем, тој не успеа да ја дочека својата десетгодишнина.

Но, третиот Илинден е само финале на основите на државноста што ги поставија Александар III Македонски, Самуил и двата македонски Илиндена - Илинденското востание и Крушевската Република 1903 година и АСНОМ 1944 година.

Македонскиот крал Александар III Македонски (336 –3 23 година п.н.е.), синот на Филип II и Олимпијада, ученикот на Аристотел кому Римјаните му го дале прекарот Велики, како генијален војсководец и вешт дипломат се издигнал меѓу најголемите војсководци и освојувачи во светската историја. Пред повеќе од 23 века, Александар Македонски создал држава каква што светот, ни пред него ни по него не видел. Македонската држава тогаш се протегала од западното крајбрежје на Балканскиот Полуостров до Индија на исток, од Дунав и Црно Море на север, до Египет, Либија и Киренаика на југ. Тој не бил само освојувач, туку и творец на нов поредок, бидејќи неговите освојувања го смениле ликот на античкиот свет.

Ги поврзувал македонските и грчките земји со Исток и ги поставил основите за нивното натамошно проникнување и мешање. Неговата извонредна личност, раскошниот талент, легендарните походи и сјајните победи, оставиле силен впечаток на неговите современици, а и на подоцнежните поколенија. Со своите походи надалеку го раширил и го прославил името на Македонија.

Неговите походи ги продолжил Самуил, 13 века подоцна. Самуиловото царство (969 - 1018) претставува најголемата ранофеудална средновековна државна творба на Балканот со центар во Македонија. Постепено ја обединил под своја власт цела Македонија (освен Солун) и ги освоил Тесалија, Епир, Албанија, Далмација (до реката Цетина), Босна, Рашка и поголемиот дел од Бугарија.

По успешниот поход на запад, кон крајот на Х век, Самуил се прогласил за цар, а неговата држава станала царство. Чинот на крунисувањето бил извршен во една од двете главни претстолнини на царството Преспа или Охрид, од страна на свештеници испратени од Рим. Со тоа, всушност, Самуиловата држава добила меѓународен карактер и признание.

Десетина века подоцна, Илинденското востание и Крушевската Република (1903) претставуваат врвен дострел на македонското ослободително движење. Подигајќи востание против турското ропство, македонските револуционери се бореа за македонска држава, за Автономна Македонија. Крушевскиот манифест е сведок на желбата на македонскиот народ за своја држава во која има место за сите добронамерни:

“Браќа земљаци и мили комшии!

Ние вашите вечни комшии, пријатели и познајници... не можејќи веке да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо... денеска дигнафме глава и решифме со пушка да се браниме... За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да дојдете заедно да водиме борба!... Елате под бајракот на 'Афтономна Македонија'! Македонија е заедничка наша мајка и викат за помош... Нека сет живи борците за слобода и сите чесни и добри македонски синој!

Ура! За 'Афтономна Македонија!'".

Од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излезе и Вториот Илинден, тој симбол на слободата и изразител на сувереноста на македонскиот народ во првата слободна македонска држава. Вековниот идеал на македонскиот народ да создаде своја држава по Александар Велики, Самуил, Крушевската Република се оствари на првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот "Св. Прохор Пчински", на кое Македонија де факто за првпат стана држава.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"