|
АРХЕОЛОГИЈА
Нови сознанија за локалитетот "Црквиште" кај кумановското село Клечовце
МИСТЕРИОЗНАТА БАЗИЛИКА КРИЕ И ДРУГИ ТАЈНИ
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Годинешните систематски археолошки ископувања на локалитетот "Црквиште"
во околината на селото Клечовце го опфатија просторот на некрополата и
населбинскиот комплекс.
- На друг сектор, независен од другите, кумановските археолози пронајдоа
и остатоци од уште една градба која не ја дефинирале целосно. Кога ја
откриле базиликата, екипата ги прекинала другите ископувања така што
целото внимание и работа го насочиле кон неа.
А рхеолози од Народни-от музеј во
Куманово неодамна откриле ба-зилика од крајот на третиот век на локалитетот
Црквиште крај кумановското село Клечовце. Покрај овој сакрален објект на
овој археолошки локалитет пронајдени се и некропола - гробишта и уште еден
објект кој се уште не е целосно откриен и дефиниран.
Според откриените наоди археолозите тврдат дека ова било големо населено
место во римскиот период кое претставувало крстопат и значаен
административен центар.
ОТКРИТИЈА
М-р Звонимир Николовски, кустос - археолог во кумановскиот Музеј,
раководител на ископувањето, со своите колеги и студенти по археологија од
Филозофскиот факултет во Скопје веќе трета година го ископува локалитетот
Црквиште. До минатата година биле сконцентрирани на некрополата каде што
откриле монети, керамика и фрагменти од керамика, стакло, делови од накит.
Сите наоди се датирани во исто време - крајот на третиот и почеток на
четвртиот век.
Ископувањето го планираме веќе три години, вели археологот Николовски.
Поради фактот дека имавме малку пари за ископување, годинешните
систематски археолошки ископувања ги насочивме кон просторот на некрополата
и населбинскиот комплекс. Во тој временски период во секторот некропола
откриени се пет типолошки различни гробни конструкции од
IV век н.е. Во еден од нив
откриени се вредни наоди (златна обетка, оловен предмет во десната рака,
засега со непозната намена и едно мало керамичко садче, целосно сочувано).
Она што е интересно за преостанатите гробови е нивната едноставна
конструкција и недостаток од гробни прилози што укажува на покојници од
пониска социјална структура. Меѓутоа, тоа не значи дека на овој простор не
живееле и луѓе со побогат статус. Тоа го потврдуваат и новооткриената
базилика и едната златна обетка.
ОБЈЕКТИ
На секторот "Населба" кумановските археолози продолжиле со дооткривање на
ѕидовите во североисточниот дел од населбинскиот простор започнати во 2001
година. Констатирано е дека ѕидовите продолжуваат, особено оној кон запад со
убав опус на градење карактеристично за доцната антика.
Поради експедитивност на работите отворив една пробна сонда во средината
на населбинскиот простор, објаснува археологот Николовски. Со првите
ископи, на мала длабочина наидовме на широк ѕид кој продолжуваше на исток.
Со неговото целосно откривање се потврди ѕид широк 0,65 метри ѕидан со убаво
делкани камења врзани со варов малтер. На страните од ѕидот има остатоци од
ѕиден малтер. Првичните сознанија ме упатија на мислење дека станува збор за
градба со убави архитектурни елементи, а согледувајќи ја и должината на
ѕидот (17,50 м.) за импозантен објект од периодот на доцната антика, според
опусот на ѕидањето. На источната страна ѕидот продолжи со ист опус на ѕидање
кој во средината има убава и раскошна апсида. Импозантните димензии на
источниот ѕид од 12,30 метри и апсидата која го формира олтарниот простор,
според првичните согледувања, укажува на сакрален објект, најверојатно
базилика од IV
век, можеби трикорабна. Пронајдовме и монети кои се од крајот на
III век (ги има преку
600), стакло и керамика на која се гледаат преубави цртани орнаменти. Засега
се ископани само ѕидовите. Ова е
единствена добросочувана базилика во тој дел на земјава - ѕидовите се
направени од обработени камења, обложени со малтер и од внатрешната и од
надворешната страна. На западниот дел откривме раскошна влезна партија со
големи стопи за столбови, влезен праг од голем монолит и под него од
внатрешната страна делови од подна партија формирана од убаво делкани камени
плочи.
Според сознанијата на археолозите, остатоците од поголем столб пред
западниот портал укажуваат на постоење на нартекс, што допрва треба да се
открива. Откопана е една лента од северниот ѕид кон југ, односно кон
внатрешноста заради потврдување на стопи од носечката конструкција. Со
отстранувањето на земја и шут откриени се уште две големи стопи за столбови
со кои се формира северниот кораб. Натамошните истражувања во средишниот дел
ќе ја дефинираат намената на овој објект и целосно ќе се дефинира неговата
архитектурна диспозиција.
Ископувањата се прекинати, објектот е примарно заштитен од механички
оштетувања со најдобри желби дека истражувањата на него и неговата
непосредна околина ќе бидат продолжени идната година со поголем интензитет.
|