ФОРУМ

УПЛАВОТ ОД ПАЈКОВЦИ СИ ГО ПРАВИ СВОЕТО

Латиф Пајкоски, поранешен пратеник во Собранието на РМ

(Повод: Написот објавен во рубриката ФОРУМ во неделникот "Македонско сонце" бр. 477 од 22.08. 2003 година под наслов "Сценарио за соживот" од Џеват Арслани, с. Жировница)

Целта на моето јавување не е да се правдам пред невистините, лагите и шпекулациите наведе-ни во текстот кон мене и моето пошироко семејство. За тоа именуваниот ќе треба да се подготви и да ги докаже пред надлежните судови, за што му е поднесена приватна тужба од повеќе лица наведени во текстот. Ниту целта ми е со ист шизофреничен речник да му возвратам, затоа што моето достоинство и реноме не ми го дозволуваат тоа, туку целта ми е да укажам на некои работи кои сметам дека се важни читателите да разберат зошто Џеват во текстот со голема доза на уплав кон мене и моето семејство, губи целосна контрола и всушност пишува се што во тој момент му паднало на памет без да води сметка за одредени факти и аргументи. Јас во овој текст ќе се обидам да презентирам аргументи и се надевам дека истите ќе бидат објавени.

На почетокот си дозволувам да искажам критика на уредувачкиот тим на овој неделник кој дозволи објавување на вакви текстови кои поттикнуваат лоши меѓучовечки односи и меѓусебна нетрпеливост. За која личност станува збор, требало ако не повеќе тогаш барем да се отворат неделниците на вашиот весник бр. 264 и 273 каде што всушност и отпочнува добивањето на "уплав" на Џеват од Пајковци и Жировница. Но, не смеам многу да се лутам затоа што ми овозможивте да дојдам до многу доказен материјал за поднесување на приватна тужба (втора по ред).

Лицето Џеват Арслани во текот на 1999 година поради кариеристички побуди стана член на ВМРО-ДПМНЕ и како припадник на албанскиот етнос стана директор на училиштето во Жировница, село населено со мнозинско население од македонскиот етнос со муслиманска религија. Тогаш реакциите беа жестоки од повеќе страни. Јас само ќе спомнам неколку: "Старт" бр. 41 од 5.11. 1999 година; "Утрински весник" од 8.07. 1999 година; "Дневник" од 30.09. 1999 година; "Утрински весник" од 15.11. 2000 година; "Старт" бр. 44 од 26.11. 1999 година; "Старт" бр. 43 од 19.01.1999 година и, се разбира, вашиот неделник бр. 264 од 16.07. 1999, бр. 273 од 17.9. 1999 и бр. 328 од 6.10. 2000 година. Во сите овие реакции на поединци, граѓани на Жировница, Месната заедница с. Жировница и јас како тогашен пратеник се укажуваше на опасната одлука на тогашниот министер за образование за именување на овој крајно деструктивен и неомилен човек во с. Жировница за директор на училиште. Тука би го спомнал уште бојкотирањето на наставата и палењето на училишната зграда како знак на револт кон човекот кој сакаше да ја скрши неосвоивата Жировница. По неколку мои настапи од говорницата на Собранието на РМ на кои ги пренесував ставовите на 3.000 жители и родители на околу 400 ученици, наведеното лице беше сменето од директорската функција. За жал, од тогаш на човекот во коски му влезе уплавот од, како што тој вели, Пајковци, но јас би рекол од жировничани. Кога му беше скратена можноста да управува со средства наменети за доградба на училишната зграда во селото и со нив да располага како што тој сака, кога му беше скратена можноста за тортура и изживување со вработените и нивно прераспоредување во околните села и најпосле кога ние спречивме училиштето да стане негов пашалак, човекот сакајќи своето членство во ВМРО-ДПМНЕ (како редок Албанец во оваа партија, ако не и единствен) до крај да го материјализира и сакајќи да им се освети на жировничани за својата одлучност, под крајно сомнителни околности се дрзна да го заграби центарот на селото, наводно за градба на некаква фабрика. Тој истовремено планираше продажба на парцели на една од најактуелните локации во Жировница и за себе придобивајќи на нечесен начин голема имотна корист. Површина од околу 1.700 квадратни метри купена за околу 200.000 денари, место кое претставува витален интерес за граѓаните на долното маало, купено на некаква лицитација на која учествувал само тој, спроведена под крајно сомнителни околности и само со негово знаење и оние кои веројатно поради лични интереси сето тоа го потпомогнале.

Е, ова ја прелеа чашата и револтот кај граѓаните. Веднаш беше започната иницијатива и од Месната заедница и од Општината за преиспитување на целата постапка. Населението се самоорганизира за да спречи отпочнување градба на нелегални објекти и да им се одземе местото кое живот значи за повеќе од 100 семејства. Беа напишани многу петиции, писма до сите највисоки државни функционери, повеќе министерства, разни агенции, служби и друго. И за ова многу пати во повеќе весници, неделници и други списанија беше пишувано и објавувано. Доволно ќе биде ако само се прочита текстот објавен во весникот "Вечер" од 27.03. 2000 година за да стане јасно за што, всушност, станува збор. Како негодување на крајно безобразниот чин на Џеват за нанесување на штета со несогледливи последици по жителите на Жировница, граѓаните собраа петиција со околу 400 потписи кои во оваа прилика Ви ги доставувам со молба сите тие да бидат објавени во Вашиот неделник. Наведениот ден, 29.06. 2003 година, сакајќи насамо на нему својствен начин да ги предизвика граѓаните на Жировница и игнорирајќи ги сите укажувања од Месната заедница и полициската станица во Ростуше, без да обезбеди потребна документација за градба, ангажира работници од Гостивар (иако во Жировница има огромен број невработени) и отпочнува со изведување градежни работи. Тогаш граѓаните се самоорганизираат и со жив штит го попречуваат отпочнувањето со работа. Во овој дел се и најголемите лаги во писмото на Џеват. Не знам зошто се плаши да каже дека во таа група воопшто не биле Пајковци, туку повеќе од 200 мажи и жени со целите свои семејства. Зошто не кажува дека 90 отсто од тие луѓе се жировничани од албанско етничко потекло. Зошто крие и не кажува дека во таа група во првите редови беа негови блиски роднини и пријатели, зошто не кажува дека сите тие беа самоорганизирани со цел да не го изгубат местото кое живот им значи. Зошто не наведува барем едно име од моето семејство, зошто сите тие луѓе ги нарекува тинејџери и шпиони - малолетници? Зарем може да биде малолетник стрикото на неговата сопруга кој беше во првите редови, пензионирани луѓе, стари жени, ученици, студенти. Сите тие тој ден се најдоа во ист строј без разлика на нивната национална припадност само да го спасат она што за нив значи живот. Само ваков човек во таа толпа може да препознае неколку постари луѓе од родот Пајковци, само човек со шизофренични манири може сите овие луѓе да ги нарече шпиони и малолетници, но уплавот навлезен до коски од Пајковци, очигледно си го прави своето. Во тие мигови кога целото село беше собрано на едно место и со една цел, моето присуство и авторитет беа насочени кон смирување на страстите, за што постојат и белешки на присутните полициски службеници. Всушност, подоцна тоа што имав можност да го слушнам ми дава за право да се гордеам со тоа што мојот авторитет како и присуството на претседателот на Месната заедница, биле пресудни да се спречи инцидент со несогледливи последици.

Веднаш по тоа, односно на 30.06. 2003 година, до сите структури во државата е испратено писмо од Месната заедница Жировница, поткрепено со околу 300 потписи (доставувам прилог). Исто така, на 1.07. 2003 година беше одржан состанок на кој присуствуваа: Пратеникот во Собранието на РМ, Тасим Сулејманоски, градоначалникот на Општина Ростуше, Фуад Дурмиши, јас како поранешен пратеник, членовите во Советот на Општината Ростуше, членовите на Советот на МЗ Жировница како и поголем број граѓани. На овој состанок беше анализирана состојбата како и донесени заклучоци кои исто така ви ги доставувам со молба во целост да бидат објавени.

Кратковидоста на Џеват оди до таму што воопшто не спомнува дека граѓаните на Жировница со сопствено учество од околу 10.000 евра веднаш наведената парцела ја уредија, асфалтираа, со што добивме прекрасен спортски терен. Зошто не спомнува кога тој ден кога се заврши со уредувањето со зурли и тапани се организира општа веселба во која се вклучија и мажи и жени. Сите заедно во оро застанаа. Во оро предводено од негови довчерашни соселани доселени во с. Жировница од с. Врбјане, во оро предводено од граѓани од албанско етничко потекло, се славеше до доцните часови, се славеше чинот кога се смета дека дефинитивно се закопани мрачните замисли на Џеват на тоа место да гради објекти од кои со препродажба ќе може да спечали многу пари, се надевам дека мисли на "алал" пари.

Напоменувам дека по иницијатива на градоначалникот на Општината Ростуше и Советот покрената е постапка за ревизија на целата постапка која значи "ујдурма" околу доделување на наведената парцела.

На крајот сакам сепак да му се заблагодарам на Џеват што јавно кажува, а очигледно во тоа е и убеден, дека сите овие спомнати и неспомнати луѓе, институции, установи, министерства, верски заедници и што уште не, се под "команда" на Пајковци, сите тие се покренале против "чесното" семејство на Џеват, а ги командува нечесното семејство на Пајковци, сите тие се неуки, луди, глупави што им веруваат на Пајковци и го порачуваат "чесното" семејство на Џеват се вложени 200.000 денари да спечали "чесни" неколку милиони. Го боли ли фактот дека јас со убедливо мнозинство гласови во 1998 година бев избран за пратеник (дупло повеќе освоени гласови од вториот кандидат на кого Џеват му беше потпарол, од ПДП), претседател на Месната заедница Жировница (најголемо населено место во овој регион) со одлука на граѓаните на Жировница е мојот брат, дека на непосредни и тајни избори во 2000 година другиот брат е избран за советник во Општината Ростуше, дека едниот брат со добиени многу пофалби, признанија и награди е поставен на висока позиција во МВР, го боли очигледно фактот што неговиот авторитет важи само во неговиот дом, што тој со неговите браќа освен правење на дрвени столчиња за друго не ги бива, го боли ли фактот што секогаш најголемата поддршка сум ја добивал од етничките Албанци во Жировница и околните села, што истите тие ни здраво не му кажуваат, го боли ли тоа што неговата крајно сомнителна политичка кариера заврши неславно, веројатно го боли и фактот што само за да ја задржи функцијата директор, во јавноста ја смени и сопствената национална припадност и се декларираше како Македонец со исламска религија, веројатно тогаш како член на ВМРО-ДПМНЕ се срамеше од неговата албанска етничка припадност. Уште многу работи го болат овој човек.

Овој пат јас како сограѓанин и човек навикнат на хуманости, би сакал и да му помогнам, сепак човекот е за жалење. Еве, се нудам со својот авторитет да се потрудам околу собирање на доброволен прилог и негово подолго присуство во специјализираните установи во Бардовци, Демир Хисар или можеби Негорски бањи. Во акцијата сум апсолутно сигурен, затоа што повеќето од луѓето би спонзорирале, само за одреден период очи да не му видат во селото.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"