о дефиниција, ако некоја
вооружена формација изврши воен напад врз некоја суверена држава, тогаш врз
таа држава се вели дека е извршена агресија. Доколку по агресијата, истата
воена формација во истата држава формира влада (исто така по дефиниција), се
констатира дека таа држава е окупирана. Доколку покрај агресорите, во
владата учествуваат и домашни структури, таквите структури се нарекуваат
предавнички. Сите сличности за вакви случаи насекаде низ светот, како на
пример случајот со Квислинг во Норвешка, се случајни! Тоа е така според сите
светски воени теории, и тука нема ништо спорно. Што би се рекло - пред
фактите и боговите молчат!
Исто така, нема ништо спорно доколку народот кон таквата Влада и кон
таквите структури има (како што милува да каже нашиот Премиер) нулта
толеранција, особено ако тој народ има чувство за државотворност и ако држи
до својот дигнитет.
Но, дали е секаде и секогаш така? За жал, како и за се друго, во
Македонија животот е до таа мера инверзно апсурден, што кај нас всушност
важи тезата: "Секој исклучок го потврдува правилото". Значи, како и за се
друго, кај нас во практика функционираат исклучоците, а не правилата!
Имено, кај нас изгледа дека единствено нормално функционира аксиомата,
која вели: "Во историјата и политиката не се битни фактите, туку –
толкувањата".
Иако е факт дека Али Ахмети е терорист, иако е факт дека тој уби стотина
македонски бранители, иако е факт дека над 150 невини дечиња останаа сираци,
дека стотина мајки и сопруги зави во црно, дека поради него се уште во
државата имаме неколку десетици илјади внатрешно раселени лица, сепак,
толкувањето е дека тој е борец за човекови права!!!
Толкувањата, секако, ги пишуваат победниците, а според гореспоменатата
теорија за агресија и предавништво, јасно е дека победник во воениот
конфликт во Македонија од 2001 година беше Али Ахмети, а поразени беа
македонските одбранбени сили.
Токму поради тоа, не треба да не изненадуваат појавите од типот на
командант Чакала, затоа што по воениот конфликт, а особено по изборите во
2002 година, Чакала не е само во планините, туку тој истовремено се наоѓа и
во Владата на Република Македонија. Оттука, илузорно е да очекуваме дека
споменатиот терорист ќе се уапси самиот себе. Едноставно, тоа нема логика.
Токму затоа тој апси и разоружува полицајци, а не обратно.
За Владата да почне да ја спроведува правдата, треба самата да биде
правична. Тоа пак, не е можно се додека кај членовите на истите постојано
слушаме дека има свест, а никогаш не сме чуле дали има совест. Едноставно,
кај нив изгледа дека недостасува едно огромно "о", големо како цела планета,
а важно како ореол!!! Доколку тоа беше присутно кај членовите на Владата,
веројатно немаше во Македонија да важат исклучоците, туку правилата.
Впрочем, доколку Премиерот наместо свест, покажеше совест, таа немаше да
му дозволи да прегази преку стотина мртви бранители за да дојде до
премиерското столче. Кон патот, очигледно го водеше свеста, а не совеста.
Впрочем, не случајно една светска теорија вели дека единственото зло на оваа
планета е појавувањето на свеста која секогаш (како што претходно
констатиравме) преферира толкување, наместо факти, за да ја умртви совеста
во индивидуата. Овде намерно го користам терминот индивидуа, а не личност,
затоа што според големиот руски филозоф Берѓаев, на планетата имаме 6
милјарди индивидуи, но многу малку - личности !
Оттука, воопшто не треба да не изненадува глувоста на Владата кога целата
меѓународна заедница апелира да се уапсат сите вакви теророристички групации.
Веќе видена ситуација од пролетта 2001 година, кога меѓународната заедница
апелираше на тогашната Влада да се справи со терористите во Танушевци, а таа
по налог на свеста која преферираше лични интереси, наместо совеста која
преферираше борба против тероризмот, остана глува на таквите апели. По тоа,
впрочем како и секогаш и секаде каде што недостасува совеста, се случува зло
! Злото, пак, не бира нација, вера, раса... Тоа бара жртви... Злото не
напаѓа Македонци, Албанци, Роми... Тоа напаѓа луѓе!
Поради сето тоа, ние мора да се разликуваме не по нација и вера, туку по
оние кои имаат и оние кои немаат совест. Наместо немо да гледаме, треба
најенергично, храбро и со чиста совест да се спротивставиме на насилствата и
теророт, без оглед на формата во која тој се јавува и без оглед од каде
доаѓа, затоа што овие се клучни моменти за Република Македонија. На оној
којшто во клучни моменти останува неутрален, му е резервирано најцрното
место во пеколот, вели една голема мудрост, а бидејќи светот не сме го
наследиле од нашите предци, туку сме го позајмиле од нашите поколенија,
одлучноста мора да ни биде императив!