КУЛТУРА

Госпоѓа Александра Николовска - Василева, автор на единаесет збирки поезија

ЉУБОВТА КАКО ЖИВОТНА ИНСПИРАЦИЈА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Никој не живее од пишување. Не познавам никој од уметниците (ако веќе се вбројувам во тој род) кој е многу богат, посебно кај нас, токму од пишување, вели госпоѓа Александра.
  • Инспирацијата ја црпам од сопствената душа, она што го чувствувам, она што сум посакала да го почувствувам, а тоа е љубовта, но не само кон животот, кон луѓето, туку љубовта како воопштена форма на живеење како нешто што е неделиво од животот.

Госпоѓа Александра Николовска - Василева, иако професионално е ангажирана во "Моби-мак", сепак љубовта кон пи-шувањето никогаш не ја напушта. Годинава ја издаде најновата збирка поезија насловена како "Илузии", а таа е веќе единаесеттата книга создадена од нејзината рака.

Книгите "Разделба со водата", "Амајлија за мојата болест", "Метафорички арабески", "Мирисот на задоцнетата љубов", "Меа кулпа" и "Лудило и смрт" потпишани се од неа, а "Немири" и "Жена/за тебе љубов безимена" покрај тоа што се објавени на македонски јазик, може да се прочитаат и на српски и англиски јазик. Издавачката куќа "Минерва прес" од Лондон го објавува препевот на англиски јазик на збирката "Жена/за тебе љубов безимена", додека "Теби немири" е објавена од страна на белградската издавачка куќа "Армон".

ЧУВСТВА

Ја насловив оваа книга "Илузии" затоа што илузијата е нешто што најчесто си го замислуваме, нешто што може да постои или не мора да постои, меѓутоа за мене секогаш постои, вели госпоѓа Александра. И во нештата што не ги гледам, јас гледам некои убави работи. Сите книги ми се посветени на љубовта и ова е мојата последна посвета, но не и крајна посвета на мојот живот. Инспирацијата ја црпам од сопствената душа, она што го чувствувам, она што сум посакала да го почувствувам, а тоа е љубовта, но не само кон животот, кон луѓето, туку љубовта како воопштена форма на живеење како нешто што е неделиво од животот. Најчесто темните, мрачните страни најлесно може да ги искажам во моите книги затоа што тие го трпат тоа, при тоа никого да не го оптоварувам со нив. Тука можам да си ги истакнам и најтемните чувства.

Госпоѓа Александра секогаш со себе си носи молив и хартија и во моментот кога ќе & дојде некој убав збор, убава мисла или пак ако некоја случка на нешто ја потсетува на дел од нејзиниот живот веднаш седнува и го запишува.

Меѓутоа, сето тоа се концепции кои подоцна ги собирам и ги средувам во песни, додава госпоѓа Александра.

ХОБИ

Овој пат стихозбирката "Илузии" е снимена за првпат и на ЦД. Музиката која се слуша во позадина е на Кире Костовски, а стиховите ги чита Валентина Божиновска.

Слушајќи ги песните од Драган Стојниќ "Ако може" и "Не дај се Инес" од Раде Шербеџија кај мене се јави идејата, а исто така и желбата "Илузии" да се сними на ЦД, објаснува госпоѓа Александра. Сметав дека тоа ќе биде една новина која ќе го освежи културниот свет кај нас во Македонија. Ниту ЦД-то ниту досегашните мои книги не се комерцијални. Пишувам не да заработам, туку затоа што сакам. Книгите ги давам на тие коишто сакаат да ги прочитаат. Ниту сум заработила ниту пак сакам да заработам од нив. Па, никој не живее од тоа. Не познавам никој од уметниците (ако веќе се вбројувам во тој род) дека е многу богат посебно кај нас од пишување.

Госпоѓа Александра досега има напишано единаесет книги од кои една е преведена на англиски јазик во Лондон, а друга на српски јазик.

Во 1999 година во "Тајмс" излезе една општа објава за непознати автори од неанглиско говорно подрачје и ги испратив книгите "Немири" и "Жена", меѓутоа ја прифатија само "Жена" и ја објавија, вели госпоѓа Александра. По избор од сите тие збирки во 2000 година со помош на спонзорство од "Мобимак" на барање на издавачот Зорица Зец од белградската издавачка куќа "Армон" ја објавив книгата "Теби немири". Инаку, со пишување почнав уште како дете во школските изданија, но поинтензивно пишував во средното училиште. Мојот покоен професор-поет Гоце Стефановски ме поддржуваше во тоа. Дури кога ја пишував четвртата збирка тој беше подготвен да ми биде и рецензент. Првата збирка којашто ја објавив беше "Разделба со водата" во 1991 година. Имам на располагање многу необјавен материјал така што можам секоја година да објавувам по една книга, но сепак сакам да си го задржам квалитетот.

Госпоѓа Александра има добиено повеќе "13 Ноемвриски" награди преку литературниот клуб "Метафора". Објавува и раскази во списанието "Семеен магазин", а за своја сопствена душа има во подготовка и една книга - проза. Можеби таа би се обидела некогаш да напише и роман, но некако поезијата како повеќе да & лежи.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"