из волшебните и древни ризници од
загадочните ликовни царства на македонските ракотворби, создадена од народот
во многустолетните дамнини, чудествуваат совршени духовни сликовници и
мечтателни сетилни слики на фолклорната дарба. Овие убавини ги внесуваат
зениците до премудрите сликовни празници, а тоа се накитот и носиите.
Изработени од вредните кујунџии и трпеливите везилки, ракотворени во
кувенџиските дуќани и моминските одаи, за китење и украсување, за чествување
и разубавување.
Меките и нежни ткаенини, везени за кревките стави, орабени се со витки
разнобојни везови, низ извиени и прекрасни шари од порозно розово, јадро
румени и изгревно црвени сликички, што конците ги премрежуваат и
преплетуваат меѓу котелците кои разиграните боички ги положуваат врз
пролетно зелени и зелено сини нијанси, чинејќи сликописно пејзажни складови.
Занесеност и вечност, превезност и вековност - вековитост.
МАГИЧНИ ДЕЛА
Ликовните краснотии врз чојата, ленените кошули, раскошните невестински
ризи, свечените долами, волнените наметки, сјајните појаси и сликовитите
шамии - сета таа преубава облека има загадочна лика од модро-алови,
темно-сини, пепелно-сиви и темни преливи врз кои светкаат блескави пулејќи и
бескрајните низи од малечки, многубројни, разнобојни и сјајни монистри. А
густите реси ја возвишуваат многукрасната слика до тајната на ова
ненадминато ликовно мечтаење... Кај скапоцените и пленително украсени појаси,
со посребрената, позлатената срма, низ вековните нишки, меѓу фините редови
од обоената подлога, зад превезната срмена светликавост, блика жолтата,
модро-зелената или загасито пурпурната боја која преку тоновите на
материјата што наликува на кадифе, отсликува лентички кои ја најавуваат
свечената складност на свилата.
Накитот - волшебниот сликосвест од ликовни патини врз металните шаренеења,
во чии облици и простори се врежани изрежани и опишани маѓепсаните мечти на
оние што ги ковале, резбале и украсувале своите творечки соништа -
претставува свет од магични кујунџиски ремек-дела, со совршени уметнички
изработки. Краснолики убавини кои се даруваат за чудесните мигови на радоста
се вечни спомени меѓу траењето на животот, за потоа да преминат во загадочни
помени за убавините на убавиците.
ИСКОНСКО НАСЛЕДСТВО
Филигранските красења на темните белегзии и лични ѓердани; нежните обетки
и мазните прстени; многуликите пафти и убавите скопци како и разновидните
украсни синџирчиња - сите тие и неописни, и раскошни ликовни мигновенија врз
народниот македонски накит пренесуваат во неодгатнатите тајни од ажурираните
форми, арабескните детали што се преобразувале и раѓале, низ којзнае колку
поколенија на надарените мајстори-мечтатели, со чудесни дарби за
овековечување на сликовните симболи, чезнеејќи и создавајќи ракотворби во
чија вонвремена волшебност се протегаат моќните загатки - сликите.
Носиите и накитот - сиот тој бесценет и бисерен, недогледлив, несогледлив
и исконски дворец на македонските уметнички ризници и народни наследства,
многупати недостапни во својата таинственост, како да започнуваат со своите
ликовни беседи, а никогаш не завршуваат... Затоа што кажувањата за вечноста
на убавините немаат крај, нешто како приказните за соништата.