КУЛТУРА

Сликарска колонија "Ѓуриште 2003" во свети николе

ОБЕДИНЕТО ТВОРЕЧКО ПУЛСИРАЊЕ

Пишува: Методи МАНЕВ

  • Освен убав творечки амбиент, на рака на сликарите им одеше и добрата организација на Колонијата, која оваа година се одржа четврти пат по ред.
  • Тематски Колонијата не беше определена, но тука како инспирација беа столетните дабови и борови, историските убавини на "Ѓуришкиот манастир".

Осум дена во прекрасниот природен и културно-историски амбиент на месноста Ѓуриште, десетина километри од Свети Николе, единаесет сликари од кои девет од Македонија и двајца од Србија и Црна Гора, имаа ретка прилика да го распостелат својот талент врз сликарските платна. На свеченото отворање, до крај ослободено од формалности и конвенционалност, присуствуваше и Гоце Божурски, раководител на секторот на ликовна дејност при Министерството за култура на Македонија, со чија помош и се организираше оваа Колонија.

Освен убав творечки амбиент, на рака на сликарите им одеше и добрата организација на Колонијата, која оваа година се одржа четврти пат по ред. Елизабета Гулакова, Маја Ефтимова и Димитар Лазев од Свети Николе, Стојче Тоциновски, Иванка Ниневска и Наташа Кубуровска од Скопје, Петре Колев од Штип, Миодраг Трендафиловски од Куманово, Петар Атанасовски од Делчево, Горан Челичанин и Србољуб Ивановиќ од Србија, на своите сликарски платна ги распослаа своите души, своите мечти и визии, но истовремено и незаборавно другаруваа. Тие за време на Колонијата создадоа триесетина дела, различни и по стил и како поетики, различни во својата индивидуалност и реализација, но под едно обединувачко творечко другарување. Тематски Колонијата не беше определена, но тука како инспирација беа столетните дабови и борови, историските убавини на "Ѓуришкиот манастир" итн.

И не само тоа. Домаќините, освен солидното сместување и исхрана, како и техничките предуслови, се погрижија Ѓуриште во тие осум дена да биде место на интензивно културно пулсирање. Така учесниците во Колонијата, како и повеќе десетици љубители на уметноста, на духовно оживотворениот простор во Ѓуриште имаа можност да уживаат во сугестивните монодрамски настапи на Тања Павлова и Јулијана Андоновска, во прекрасната вечер на староградски фолклор со "Камелија" и да се насмеат до солзи со театарската хит претстава, комедијата "Матуранти". За одбележување е и тоа што Колонијата предизвика значителен медиумски интерес.

Инаку, изложбата на сликите создадени на Сликарската колонија "Ѓуриште 2003" први ќе ја видат светиниколчани на 11 октомври оваа година. Потоа таа ќе се пресели во неколку градови во Македонија, за на крајот да биде презентирана и во неколку градови во Србија и Црна Гора.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"