ИНТЕРВЈУ

Маријана Новачевска и Росана Сариќ - Тодоровска, двете близначки повторно во дует

ДОКАЖАВМЕ ДЕКА НАВИСТИНА СМЕ СПЛОТЕНИ ДУШИ

Разговарала: Милева ЛАЗОВА

  • Во нашите животи постои и ден на кој ќе се сеќавам по нешто лошо и кој ќе остави некои траги. Јас се уште велам дека втори февруари 1992 година ќе ми остане како еден белег на душата. Тоа беше денот кога стигнав во Мелбурн, Австралија, вели Маријана.
  • Кога за првпат запеавме не можам да се сетам, но знам дека беше многу одамна, вели Росана.

Маријана и Росана, двете сестри близначки, ретко кој не ги познава. Пред дваесетина години со нивните беспрекорни гласови и секогаш насмеани лица уште веднаш ја освоија публиката. Меѓутоа, судбината им била таква што нивните животни патишта одат на сосема различни страни. Маријана заминува за Австралија, а Росана ја продолжува својата музичка кариера да ја гради сама, но никогаш не пропушта во која било прилика да ја спомне својата сестра близначка. По дванаесет години разделеност тие две повторно се заедно и повторно функционираат како дует.

МС: Маријана, по дванаесет години повторно сте во Македонија. Какво е чувството по толку време да сте дома, меѓу своите?

МАРИЈАНА: Навистина ми требаше еден одмор, затоа што во Австралија водам еден динамичен и напорен живот. Дојдов во Македонија да си ги наполнам батериите, но ми ги истрошија за неполни три недели. Меѓутоа, не се жалам. Секој што сака да објасни дека му е убаво во Македонија, јас ќе го дополнам со тоа што ќе кажам - прекрасно. Штом е Росана до мене, се е во ред. Јас навистина не сакам да ја делам со никого, сакам да остане само за мене и да останам само за мојата фамилија. Веќе три недели сум овде со Росана и моите блиски, но верувајте толку бргу ми поминува времето. Се надевам дека ќе имам и слободни денови за да можам да уживам во престојот во мојата земја.

МС: Очекувавте ли дека ќе предизвикате ваков интерес и кај новинарите и кај јавноста по 12 години отсуство од Македонија?

МАРИЈАНА: Би било неблагодарно и би било неискрено ако ви кажам не. Очекував, се надевав. Меѓутоа, публиката ме нема заборавено затоа што Росана е тука за овие дванаесет години и верно и достојно си ја одигра задачата. Остана број еден за мене. Се што посакав да ми се исполни во душата, се ми се исполни преку Росана. Се што доби таа добив и јас, се што чувствуваше таа, чувствував и јас. Така што сите нејзини награди, сите нејзини чувства, сите нејзини радувања, секоја нејзина солза е и моја.

МС: Заминавте за Австралија во 1992 година. Колку беше болна разделбата помеѓу вас двете, бидејќи сепак вие сте близначки меѓу кои постои една посебна поблиска приврзаност?

МАРИЈАНА: Ние секогаш велиме "а ова ќе го паметам до крајот на животот" така што во нашите животи се случуваа многу нешта и убави и лоши. Ние сме и мајки и нормално денот кога ќе ти се роди дете е најубавиот ден во твојот живот. Меѓутоа, постои и ден на кој ќе се сеќаваш по нешто лошо и кој ќе остави некои траги. Јас се уште велам дека втори февруари 1992 година ќе ми остане како еден белег на душата. Тоа беше денот кога стигнав во Мелбурн, Австралија.

МС: Почнавте заедно да пеете пред многу години. Кога беше тоа и каде беше Вашиот прв настап?

РОСАНА: Навистина на годината не можам да се сетам, но знам дека беше многу одамна. Можеби со ова ќе си ги откриеме годините коишто воопшто не ги криеме, ниту јас, ниту Маријана. Двете заедно имаме приближно околу осумдесет години, но не се предаваме. Тоа беше многу одамна, повеќе од дваесет години, тоа беа наши почетоци, наши први чекори на забавната естрада во Македонија. Ние со забавната музика почнавме и публиката тоа го знае и многу добро се сеќава. Нашиот прв настап беше во Љубљана на избор на "Евровизија" со песната "Молчи, молчи" од композиторот Димитар Масевски. Не откри Миодраг Божиновски. Се почна случајно и на почетокот мислевме дека сето тоа ќе биде аматерски, меѓутоа многу набрзо ние станавме професионалци во својата професија. Некогаш ми е криво, некогаш не, затоа што оваа наша професија бара големи откажувања, но кога човек сака нешто и кога се труди да биде крајно професионален, нормално дека успева во тоа. Резултатите се големи плодови од досегашната наша работа односно на дуетот Маријана и Росана.

МС: Настапивте на годинешниов Фестивал "Охридски трубадури" и освоивте три награди. Очекувавте ли да бидете наградени или пак едноставно сакавте да настапите заедно?

РОСАНА: На ова прашање повторно би сакала јас да одговорам. Не очекував ниту награда ниту пак отидов на Фестивалот за награда од проста причина што доволно ми беше дека Маријана дојде по 12 години и што по толку време повторно профункционира беспрекорен дует на нашите простори. Се вративме во минатото и докажавме дека навистина сме сплотени души. Тоа што го ветив на публиката го остварив, & подарив на публиката уште една добра песна, уште еден добар дует со Маријана и тоа е за мене најголема награда и сатисфакција. Нормално дека е задоволство и добро чувство да се добие награда, јас не велам не, но ви кажувам навистина искрено дека не настапив за награда, туку за моја душа, за душа на нас двете за публиката за повторно да се потсетиме на минатите убави времиња.

МС: Јавноста ве забележа како близначки со квалитетни гласовни можности. Зошто по заминувањето на Маријана во Австралија, и двете почнавте да се занимавате со други професии?

РОСАНА: Јас се уште тврдам и гарантирам дека пеењето не ми е хоби, туку професија, но имам и една друга работа. Вработена сум како комерцијалист во "Еуротреид". Гордост ми е што успевам и на друго поле, иако сметам дека сум тазе во таа работа. Драго ми е што си го отсликувам животот и на друга страна затоа што знаеме дека денес од пеењето како професија не може да се егзистира. Не би сакала да се навраќаме на тоа како функционира народната песна кај нас. Пејачите на забавни песни да, но фолк-песната е под знак прашање. Инаку, морам да кажам дека по толку години постоење на дуетот Маријана и Росана, кога таа замина за Австралија јас доживеав голем шок, траума и стрес во животот. Првенствено затоа што Маријана многу ми недостасуваше како сестра близнак, а втората причина едноставно светот ми се распадна и јас од толку голема тага на душава што ја имав, немав желба да продолжам да пеам сама. Не оти не бев сигурна дека можам сама, едноставно тагата кон мојата сестра беше голема. Сакав да направам пауза, но Маријана и композиторот Тоде Новачевски беа тие коишто ми кажаа дека морам да докажам оти можам и сама да продолжам да го работам она што го сакам. Многу луѓе тесно поврзани со музиката, особено композитори, знаат дека е многу потешко да се пее дует затоа што треба да бидат сродни души, беспрекорно да звучат, а сепак е поедноставно да бидеш солист. Откога Маријана замина за Австралија моја отскочна штица беше "Свири ми брате цигане". Сега ќе бидам јас таа која ќе одлучи кога би се повлекла, но се уште не сум се изморила.

МАРИЈАНА: И јас се уште се прашувам за истото - зошто не продолжив да пеам и во Австралија. Но, сепак музиката не ја забаталив целосно. Се уште пеам, меѓутоа тоа што сакам јас да го отпеам и што сакам да го подарам најверојатно нема публика онаму каде што сега живеам. Не сакав да го губам времето и одлучив да се занимавам со професија која секогаш ми била омилена, а тоа е математиката и бројките. За среќа тоа го работев пет ипол години во една компанија која за жал се затвори по сто години постоење. Потоа кај мене се појави желба да дознаам нешто повеќе за забите. Така успеав да завршам и да се здобијам со уште една диплома, така што сега работам како забен техничар со што се гордеам. Тоа што го посакав успеав да го реализирам.

МС: Во Австралија Вие сте дел и од едно Здружение наречено "Надеж". Кога и зошто е формирано ова Здружение?

МАРИЈАНА: Ви благодарам што го спомнавте ова, можеби сте единствени што знаете за "Надеж". Јас сум во контролната Комисија во организациониот одбор на хуманитарната организација формирана од жени во Мелбурн. Нашата првенствена задача или пак оригинална идеја беше да им помагаме на болниците за деца со нашите донации, но за жал откако се формиравме по два месеца станаа немирите во Македонија. Сите знаеме дека имавме многу жртви, млади луѓе кои загинаа и оставија деца и сопруги кои беа невработени. За кратко време се преорентиравме и нашата главна преокупација беше да се помогне на нашиот. Работевме многу, имавме голема волја, вложивме голем труд. Ние и покрај тоа што првенствено сме мајки и вработени жени, сепак најдовме време волонтерски да работиме за да & помогнеме на Македонија. Продававме карти за фудбалски натпревари, правевме колачи и торти кои ги продававме, а ни се приклучија и луѓе со свои донации. На тој начин собравме околу 100.000 долари за осум до девет месеци макотрпна работа. Парите внимателно ги дониравме на секој кому му беа наменети, на семејствата на загинатите војници. Помогнавме онолку колку што можевме и мене ми е мило што бев дел од таа организација. "Надеж" се уште работи, но со малку понамалена пареа.

МС: Каков беше одзивот на Македонците во Австралија кога стануваше збор за оваа хуманитарна акција?

МАРИЈАНА: Не го негирам тоа дека луѓето се сомнителни кога станува збор за една ваква акција. И ден денес постои тоа и јас ги сфаќам луѓето затоа што за дванаесет години видов што се прави. Голем дел од парите се губат некаде на патот од Мелбурн до Скопје. Не би сакала да именувам, но многу луѓе се збогатуваат во името на хуманитарното работење. Мене ми е малку смешно кога некој ќе каже работиме хуманитарно за помош на Македонија, но за тоа сум платен. Јас сметам дека доколку некој работи хуманитарно, не треба да се зема ниту денар, дури треба и да се даде од сопствен џеб.

МС: Како се дружат Македонците во Австралија? Дали и Вие сте дел од прославите и дружбите?

МАРИЈАНА: За жал, малку сум оддалечена од македонската заедница затоа што нашите воопшто не се дружат еден со друг. Доколку те викнат да отпееш нешто на скопскиот бал, тогаш се лутат струмичаните. Доколку си викнат на кумановска прослава, се лутат охриѓани итн. Тоа не можам да го разберам.

РОСАНА: Јас би се надополнила на Маријана. Мал милион концерти сме направиле во Австралија како и во дијаспората. Најголема гордост и чест како на мене така и на Маријана како и на други мои колеги би ни било кога еднаш за секогаш ќе сфатиме ние Македонците дека треба да бидеме заедно, дека не треба да бидеме љубоморни. Сите националности кои живеат во Австралија без разлика дали станува збор за Срби, Хрвати, Грци, Италјанци и не знам уште колку, сите се држат заедно, а ние сами на себе си копаме дупка во која пропаѓаме.

МС: Ќе има ли во иднина некој ваш заеднички проект, настап, песна или пак можеби албум?

РОСАНА: За жал, Маријана ми е многу кратко во Македонија. За два месеца не може многу работи да се осмислат без оглед на тоа што ние сакаме. Кратко е времето. Успеавме да настапиме на "Охридски трубадури", дадовме многу интервјуа и имавме многу телевизиски настапи. Додека е тука Маријана љубоморно би ја сочувала лично за мене и за нашите родители. Време ќе нема за некои други посебни планови, но се надевам дека ќе биде пократок периодот кога пак ќе се видиме за да направиме повторно нешто заедно и можеби нешто посилно.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"