Косовско-српската размена опасна за Македонија

Ерхард Бусек, специјален координатор на Пактот за стабилност, предупредил дека гласините за некаква размена на територии меѓу Косово и Србија може да го загрозат мирот во Македонија, која заедно со Хрватска е земја со подобра ситуација во регионот.

Приведени двајца косовски Албанци

Припадници на Министерството за внатрешни работи во Скопје на информативен разговор привеле двајца етнички Албанци од Косово. За нив постои сомнение дека биле дел од криминално-терористичка група. Меѓутоа, според официјалните лица, ваков настан не бил евидентиран во полицискиот билтен.

Каменувани два товарни воза

Група од десетина малолетни Албанци кај Блаце каменувале два товарни воза кои сообраќале на релација Генерал Јанковиќ - Куманово. Првиот инцидент се случил кога воз кој се движел кон Косово бил каменуван, а вториот инцидент се случил десетина минути подоцна кога друг воз се враќал од Косово.

За нападите виновен КЗК

Според изјавата на српскиот вицепремиер Небојша Човиќ зад бомбашките напади во Македонија и во Прешево стои Косовскиот заштитен корпус. Вицепремиерот Човиќ тврди дека тоа најдобро го знаат одговорните на Косово.

Балканска уметност

Тројца македонски уметници, Антони Мазневски, Жанета Вангели и Оливер Мусовиќ, презентираа свои дела во германскиот град Касел, на изложбата под наслов "Во балканските клисури: една репортажа". Изложбата е посветена на уметноста на Балканот.

Македонска поезија во српско списание

Поезијата од македонската поетеса и прозаистка Гордана Михаилова - Бошнакоска беше објавена во списанието за литература, уметност и култура "Наше стварање". Ова списание излегува во Лесковац.

Воинствени резолуции за судбината на Косово

Албанскиот Парламент усвои Резолуција за Косово со која Србија се обвинува дека ја продолжува својата "големосрпска политика" кон Косово. Оваа Резолуција е одговор на Декларацијата на српскиот Парламент во која Косово е опишано како дел од Србија. Албанскиот премиер, Фатос Нано, неодамна изјави дека Србите протерани од Косово може да се вратат во своите домови, но дека Косово не може да се врати во Србија.

На Косово се собира оружјето

Меѓународните власти на Косово почнаа едномесечна програма за амнестија. Оние што доброволно ќе го предадат илегалното оружје ќе бидат амнестирани. По завршувањето на едномесечната акција за амнестија, поседувањето илегално оружје на Косово ќе се казнува со казна затвор до осум години или со парична казна од 7.500 евра.

Според неодамнешниот извештај на ОН, на Косово има 460 илјади парчиња оружје.

Нова балканска ера

Учесниците на регионалниот форум "Дијалог меѓу цивилизациите" од Охрид упатија заедничка порака. Нивниот заеднички став е дека Балканот кој е колевка на европската култура и цивилизација, по војните и уништувањата и етничките чистења, настапува нова ера кога дијалогот и разбирањето ќе ги заменат злата на минатото и во кој едноставно ќе се негуваат богатството на разликите и хуманоста на народите.

Здружена воздушна вежба

Република Македонија и годинава учествува на здружената воздушна вежба во организација на НАТО и Партнерството за мир "COOPERATIVE KEY 2003". Оваа вежба се одржува во Република Бугарија, а во неа се вклучени 22 земји од кои 10 членки на НАТО и 12 членки на Пактот за мир.

Откриени албански илегалци

Единаесет албански државјани биле откриени и протерани од гостиварската полиција. Илегалците, според МВР, во Македонија влегле пред две недели и имале намера да најдат работа во близина на Гостивар.

Косово без струја

Цело Косово неодамна остана без струја поради колапс на електроенергетскиот систем. Мисијата на Обединетите нации за четири години не успеа да обезбеди нормално снабдување со струја на Косово. Главната причина била поради хроничното неплаќање на сметките и корумпираноста во електростопанството.

Романска награда за кочански ансамбл

Фолклорниот ансамбл "Љупчо Сантов" од кочанското село Оризари ја освоил првата награда на Првиот меѓународен фолклорен фестивал "Дунав - европска река". Фестивалот се одржал во Тулча во Романија.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"