Гранатирана куќа на старица

Минатиот викенд во куќата на старицата Тодорка Наумовска (81) во населбата Бигор во селото Теарце одекнала силна експлозија. Среќна околност е што нема последици по луѓе.

Рафали врз бензинската пумпа во Лешок

Врз бензинската пумпа на влезот во селото Лешок изминатиов викенд бил истрелан рафал од куршуми од автоматско оружје. Ноќниот чувар успеал да побегне неповреден. Објектите на пумпата се изрешетани, а последици по луѓе нема. Досега бензинската пумпа во повеќе наврати беше цел на терористички напади.

Расколникот Јован на обвинителна клупа

Расчинетиот владика Јован кој на 21 јули годинава се обиде насилно да упадне во храмот "Свети Великомаченик Димитриј" во Битола за да извршува црковен обред, ќе одговара пред Основниот суд поради непостапување по наредба на службено лице, како и омаловажување и навредување.

Канада реши да ја затвори Канцеларијата во Скопје

Канадската Влада донела одлука на 31 март в година да ја затвори Канцеларијата на канадската Амбасада во Скопје. Официјално тој потег се објаснува дека е донесен од економски причини, односно заради буџетски рестрикции. Канцеларијата ќе престане со работа во септември идната година.

Порешителни мерки за фискализацијата

Стотина инспектори тргнаа во офанзива по пазарите, дуќаните и супермаркетите. Граѓаните кои по излегувањето од дуќаните немаат фискална сметка ќе платат казна и до 5.000 денари. Трговците пак што не вовеле фискални каси ќе плаќаат казни до 50.000 денари.

Хаос во НИП "Нова Македонија"

Стечајната управничка на НИП "Нова Македонија", Ангелина Гогушева, одлучи да го повлече списокот за прераспоредување на вишокот вработени во издавачката куќа се додека точно не се утврди кои вработени ќе бидат префрлени да работат во трафика. Гогушева призна дека се направени пропусти при подготовката на списоците на кои имало и самохрани мајки.

Македонска економска делегација во Мексико

Македонска делегација ќе учествува во работата на претстојната Петта министерска конференција на Светската трговска организација. Конференцијата ќе се одржи во Канкун, Мексико од 10 до 14 септември, а нашата делегација ќе ја предводи министерот за економија, Илија Филиповски.

Случајот "дворец на Водно" се пролонгира

Во Основниот суд 1 во Скопје по петти пат не започна судскиот процес против Татјана Митровска, екс-директорката на скопскиот катастар и петмина вработени во истата институција, кои лани фалсификуваа документи за изградба на вила на Водно вредна 2,5 милиони евра која требаше да биде сопственост на брачната двојка Љубчо и Снешка Георгиевски.

Дневници од фирма блиска до ДУИ

Основните и средните училишта и оваа учебна година ја почнуваат без дневници, а Министерството за образование ја одбра најскапата понуда на фирма блиска до раководството на ДУИ, обвинуваат учесниците на тендерот за печатење на дневниците и друга педагошка документација.

Лековите поевтини за пет отсто

Лековите од оваа недела ќе бидат поевтини, бидејќи маржата е намалена од 18 на 13 отсто, најави Фондот за здравство. Во градските аптеки велат дека намалувањето на цените најмногу ќе се почувствува кај лековите што чинат повеќе од 500 денари.

По неколку вонредни чистења, дополнувања и консултации за содржината на позитивната листа на лекови од идната недела новата бесплатна палета ќе стартува во аптеките.

Завршија Струшките вечери на поезијата

Со "Мостови" завршија Струшките вечери на поезијата на кои во четиридневното поетско дефиле учествуваа 41 поет од странство и повеќе од 20 македонски литерати. На шведскиот поет Томас Транстромер му беше врачен престижниот "Златен венец".


Апел за помош

Дејан Атанасовски, 26 години од Скопје, веќе подолго време боледува од болест на очите дијагностицирана како keratokunus akuta. По извршените прегледи во Клиниката во Скопје и еден преглед на клиниката Мнтк Микрохирургија на окото - Фјодоров, во Москва, неопохден е уште еден хируршки зафат. Операционите трошоци изнесуваат 3.274 долари, за кои Дејан и неговото семејство не се во состојба да ги снабдат.

Сите заинтересирани и добронамерни граѓани можат да уплатат средства на адреса: Дејан Атанасовски, ул "Владимир Комаров" бр. 18 А1 стан 27

Скопје, или на жиро-сметка: 300000000000133, Комерцијална банка, а.д. Скопје, повикувачки број 0005830391.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"