ЕКОНОМИЈА

Аграрната реформа и практично почна да се реализира

НОВОПЕЧЕНИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ЌЕ ДОБИЈАТ ФИНАНСИСКА ПОМОШ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Програмата почнува во светиниколскиот регион каде климатските услови се поволни исклучиво за одгледување на пченица. Ако се земе предвид дека во Македонија секоја година се соочуваме со недостаток на пченица, што се задоволува преку увоз, мислам дека пласманот нема да биде проблем. Во краен случај можно е и државата да го откупи производот, објаснува министерот Славко Петров.
  • Владата одлучи на идните земјоделци да им исплати и девет месечни надоместоци за социјална помош, но не повеќе од две просечни плати, а една година да им плаќа пензиско-инвалидско осигурување.

Од 15 септември Владата ќе ги подели првите хектари државно земјиште на невработени граѓани. Вла-дата веќе ги утврди критериумите за поделба. Предност според министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство, Славко Петров, ќе имаат социјалните случаи кои сакаат да обработуваат земјиште.

Максималната површина која ќе биде поделена ќе изнесува 5 хектари, а се најавува и финансиска помош за луѓето кои ќе го обработуваат земјиштето. Пилот-проект за поделба на државното земјиште е Свети Николе каде за околу 4.000 хектари до сега се јавиле 500 лица.

Владата смета дека ќе се постигне многу. Необработеното земјиште ќе се стави во функција и ќе се овозможи социјално незгрижените лица да добијат можност да инвестираат во земјоделското производство и на овој начин да се обезбеди работа на определен број на лица, вели министерот за земјоделство, Славко Петров.

Владата одлучи на новопечените земјоделци да им исплати и деветмесечни надоместоци за социјална помош, но не повеќе од две просечни плати, а една година да им плаќа пензиско-инвалидско осигурување.

Владата го прифати предлогот на министерствата за земјоделство и за социјална работа, според кој невработените лица ќе добијат по 24 илјади денари, додека социјалците кои ќе одлучат да земат земјиште, покрај 24-те илјади денари, ќе добијат деветмесечни надоместоци за социјална помош, но не повеќе од две просечни плати.

Проектот стартува во Свети Николе каде што досега се пријавени околу 500 жители за околу 3.960 хектари расположиво обработливо земјиште. Министерот за земјоделство, Славко Петров, објасни дека за обработка на овие површини Министерството размислува да формира свој парк со механизација кој ќе може да го користат овие земјоделци. Според министерот, околу 10 до 12 отсто од корисниците на јапонскиот кредит за механизација ги исполнуваат обврските од договорот, поради што другата механизација ќе ја повлечат и ќе ја дадат на располагање на новите земјоделци.

ТРЕТМАН

Претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров, бара од Министерството за земјоделие ако на социјалците им се даде и парична помош за да ја засеат државната земја, тогаш таква помош да им следува и на постојните земјоделци. Според него, потезите што ги прават Министерството за земјоделие и Министерството за труд и социјална политика се неправедни кон постојаните земјоделци.

Социјалните случаи од Светиниколско се носители на првата фаза од аграрната реформа на министрите за земјоделие и за социјална работа, Славко Петров и Јован Манасиевски. Министерот Петров потврди дека веќе имаат претстава колку пари ќе им бидат потребни за лансирање на реформата. Проектот се очекува да го финансира Министерството за земјоделие, но средствата со кои Министерството располага се веќе одамна испланирани до крајот на годинава, така што за реализација на аграрната реформа ќе треба да најдат пари со ребалансот на Буџетот.

КРИТЕРИУМИ

Информацијата доставена до Владата треба да даде одговор на сите дилеми кои ги наметна најавата за аграрна реформа. Според расположивата помош, ќе се утврди и со колкава површина на обработливо земјиште располага државата во Свети Николе и колку светиниколчани ќе бидат опфатени со реформата.

Откако ќе се дефинираат критериумите земјиштето ќе биде понудено на јавен оглас кој треба да биде отворен минимум 8 дена. Во следните 15 дена Комисија од Министерството за земјоделие треба да одлучи по поднесените барања од социјалците.

Неизвесно е дали социјалците ќе се заинтересираат за новата програма, со оглед на фактот дека се уште немаат јасна информација кога државата ќе прекине да им ја исплаќа социјалната помош, како и дали ќе им се помогне во откупот на производот. Според министерот Петров, пласманот на производите не е никаков проблем.

Програмата почнува во светиниколскиот регион каде климатските услови се поволни исклучиво за одгледување на пченица. Ако се земе предвид дека во Македонија секоја година се соочуваме со недостаток од пченица, што се задоволува преку увоз, мислам дека пласманот нема да биде проблем. Во краен случај можно е и државата да го откупи производот, објаснува министерот Петров.

На новинарското прашање дали е уверен дека во Светиниколско ќе успеат да се запазат сите рокови и навреме да се посее пченицата, како што беше најавено, министерот Петров одговори: "Уверен сум дека ќе ја надминеме социјалната неправда кон оние земјоделци кои немаат сопствено земјиште во однос на оние земјоделци кои обработуваат свое земјиште, а секогаш бараат повеќе од државата", одговори министерот.

Сојузот на земјоделците не се согласува со министерот.

Со министерот за земјоделие слабо контактираме, но сметаме дека аграрната реформа што ја заговара без соодветна помош ќе биде промашена работа, бидејќи ние постојните земјоделци, откако ни ја укинаа помошта што ја добивавме, станавме социјални случаи. Што знчи дека на социјалните случаи ќе мора да им се даде голема помош. А, ако ним им се даде помош, треба и нам да ни се помогне, бидејќи според Уставот сите сме еднакви, вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот.

Поделбата на обработливо земјиште нема да реши ништо. Јас имам 17 хектари првокласно обработливо земјиште кое веднаш ќе му го ослободам на министерот да им го подели на овие социјални случаи под услов да ја користат мојата механизација. Според нашите пресметки, за обработка на еден хектар земјиште со пченица потребни се околу 20 илјади денари за ангажирање на механизација. Каде ја гледате тука заработувачката?, прашува земјоделскиот лидер Тантаров.

Дали со аграрната реформа ќе се унапреди земјоделството и ќе се намали сиромаштијата во државава или пак реформата ќе биде промашена, останува да се види.

КРЕДИТНА ЛИНИЈА

Од оваа недела почнува пласирањето средства од кредитната линија намената за земјоделците, ИФАД 2, преку трите комерцијални банки што се избрани за реализација на овој Проект. Станува збор за Тутунска, Комерцијална и Инвест банка кои засега ќе учествуваат во одобрување само на три категории кредити, бидејќи одобрувањето на микрокредитите до 2.000 евра, наменети за обртни средства и мали фарми нема да оди преку овие банки. Кредитите чија реализација ќе оди преку трите банки се со различна вредност и за различни намени. Едната категорија се кредити за примарно производство, до 25.000 евра, со годишна камата од 6 отсто, а со намена за примарно производство за физички и правни лица. Другата категорија се кредити за преработувачки капацитети, до 75.000 евра, со годишна камата од 7 отсто и со намена за мали и средни претпријатија за доработка и преработка на земјоделски производи. Третата категорија се за трговија со земјоделски производи, исто така со сума до 75.000 евра и годишна камата од 7 отсто, со намена за трговија со земјоделски производи.

Приоритет во пласирањето кредити кај последните две категории ќе имаат претпријатијата кои ќе создадат можности за нови вработувања во руралните средини. Микрокредитите со средства до 2.000 евра ќе имаат право да ги користат поединци, но и група кредитокорисници, меѓутоа оваа категорија нема да биде вклучена во првата фаза на Проектот, односно ќе се кредитира подоцна, со вклучување други банки и штедилници, преку кои ќе може да се одобруваат средства од оваа група кредити, истакнува Лидија Чадиковска, раководител на Проектот ИФАД 2.

Според Чадиковска, право на користење на средствата од ИФАД 2 имаат сите заинтересирани кредитоспособни корисници, производители, преработувачи на храна и трговци со земјоделски производи, кои ќе можат да ги исполнат условите на банките, но истовремено ќе припаѓаат на категоријата кредитокорисници, што е предвидена со Проектот. Сепак, најпрецизните услови на кредитирање кредитобарателите ќе ги добијат од банките, објаснува Чадиковска.

Тутунска банка, како рок на отплата нуди од 5 до 7 години, вклучувајќи грејс-период од 1 до 2 години, во зависност од видот и намената на инвестицијата, износот на кредитот, условите на производство. Комерцијална банка за обртни средства ќе дозволува рок на отплата од три години, вклучувајќи грејс-период од 6 месеци, додека за основни средства ќе се дава рок на отплата од 5 до 6 години, вклучувајќи грејс-период од една година. Инвест банка за примарно производство, за индивидуални земјоделци и за мали и средни претпријатија ќе обезбедува кредити од 5.000 до 25.000 евра, со рок на отплата од 1 до 7 години, зависно до намената, вклучувајќи и грејс-период од 6 месеци до 3 години.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"