ОБРАЗОВАНИЕ

Школската година започна со куп меѓуетнички проблеми

ПОЛИТИЧАРИТЕ ГИ ЗЛОУПОТРЕБИЈА ДЕЦАТА

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Околу 40-тина деца од македонска националност од тетовските села Сиричино, Дуденце, Прељубиште и Шемшово, ученици од вишите одделенија во ОУ "Шемшево", не ја започнаа наставата, туку со своите родители се собраа во зградата на подрачното училиште во Сиричино.
  • Министерот за образование, Азис Положани, истакна дека нивниот став е учениците заедно да учат во Шемшево, а конкретни решенија се очекуваат во текот на неделава.

Новата учебна година започна со многу меѓуетнички проблеми во образованието, наследени од минатата. И оваа година критични останаа Основното училиште во Шемшево и гимназијата во Тетово. Но, на настава не дојдоа и дел од средношколците во Куманово, на кои им се придружија и основците од Ваксинце и Лојане, како и голем број средношколци од Скопје.

Политичарите одамна своите прсти ги замешаа и во образованието и ги изманипулираа учениците. Како резултат на тоа сведоци бевме на многу инциденти, односно ученички протести и меѓуетнички тепачки. Со инволвирањето на децата во политиката се доведе во прашање и се урна кревката демократија. Министерот за образование, Азис Положани, не ги реши овие проблеми. Тоа значи дека и оваа година родителите мака ќе мачат со образованието и со безбедноста на своите деца. Но, проблемот се влече уште пред десетина години. Албанските ученици започнаа со наводните труења, продолжија со Педагошката академија, а кулминираа со меѓуетничките тепачки. Некој преку децата се обидува да ја заврши битката за етничкото чистење.

Учебната година, главно, е почната. Имаме информации дека на одделни места се доцни, но се прават напори ваквата состојба да се надмине. Сите работиме да ги надминеме проблемите кои постојат, но тие очигледно не се врзани само со образованието. Се надеваме дека се ќе биде в ред, изјави министерот Азис Положани.

Тој не кажа кога и на кој начин се планира да се решат меѓуетничките проблеми, иако ја нагласи определбата на Министерството за образование за соживот меѓу заедниците.

Проблемот е во чувствата на луѓето базирани врз некое искуство. Уште не сакаат да прифатат некои концепции. Аргументи за тоа нема, но чувствата некогаш не дејствуваат според аргументите и се базирани и врз национална основа. Работиме да ги надминеме тие работи, потенцираше министерот Азис Положани за проблемите во Куманово.

Тој објасни дека секторите работат за надминување на проблемите во Куманово. Конкретно, се обидуваат да изнајдат заедничко решение за Техничкото училиште. Министерот за образование истакна дека нивниот став е учениците заедно да учат во Шемшево, а конкретни решенија се очекуваат во текот на неделава. Министерството, според него, го разгледува барањето од родителите - Албанци во средното економско училиште во Скопје.

НЕБЕЗБЕДНОСТ

Проблемот со Шемшево трае подолго време, а со тоа Албанците им испраќаат порака на Македонците дека тука нема место за македонските ученици. Како што е познато проблемите со Основното училиште во селото Шемшево започнаа кога локалното албанско население ја тргна таблата со името на училиштето "Даме Груев" и ја постави бистата на балистот Јумни Јунузи. Учениците со настава продолжија во второто полугодие кога училиштето доби ново име "Шемшево", но бистата на Јунузи беше ставена на 10 метри од училишната зграда. Потоа основците Македонци продолжија со настава во Сиричино.

Околу 40-тина деца од македонска националност од тетовските села Сиричино, Дуденце, Прељубиште и Шемшево, ученици од вишите одделенија во ОУ "Шемшево" на први септември не ја започнаа наставата, туку со своите родители се собраа во зградата на подрачното училиште во Сиричино. Родителите изјавија дека не се согласуваат со одлуката донесена на состанокот со претставници од Министерството за образование во Скопје, учениците од македонски наставен јазик од овие четири села, како и од селата Жилче и Ратае, наставата да ја следат во Жилче, бидејќи како што им било кажано, таму имало подобри услови.

Според претседателот на иницијативниот одбор на родителите од четирите села, Трпко Кировски, тие сметаат оти местоположбата на училиштето во Сиричино најмногу одговара за учениците од сите села.

Доколку не се изнајде решение наставата да започне во Сиричино, учениците ќе се префрлат во ОУ "Александар Здравковски" во Јегуновце, изјави Кировски.

Во интерес на подобрување на условите за учениците, веќе се работи и на изградба на нови две училници во училиштето во Сиричино, потенцира Стоислав Симоновски, член на извршниот одбор од ова село.

Во зградата на подрачното училиште во Жилче, во согласност со одлуката на Министерството за образование, се појавија наставниците и учениците само од Жилче и Ратае.

И на средбата во Министерството за образование, имало недоразбирања меѓу родителите за тоа каде да почне учебната година. Мислењата биле поделени. За Жилче се залагале родителите од Ратае и Жилче, а за Сиричино родителите од другите села. Одборот на родители и натаму не се согласувал децата да ги пушти на настава во Шемшево поради се уште нецелосни безбедносни услови.

Учебната година во ОУ "Братство - Миѓени" во реонот каде што се уште има истрели, е одложена за една недела. Македонци кои треба да одат на настава во ОУ "Братство Миѓени", кое се наоѓа во централното градско подрачје во Тетово, уште од почетокот на воените дејства ги напуштија просториите на училиштето, поради тоа што се плашеа за својата безбедност. За време на конфликтот тие се издвоија и продолжија како трета смена во Економското училиште во Тетово. Нивните родители објаснуваат дека во нивното централно училиште не е безбедно да следат настава.

Како и минатата година средношколците - Македонци од тетовската гимназија учат во ОУ "Гоце Делчев" во трета смена, а Албанците се во "Лирија" и детската градинка "Поток". Во преговорите за почнување настава во Тетово и Куманово се вклучени и претставници на ОБСЕ.

ПРОТЕСТ

Како што е познато, минатата година етничките проблеми се појавија и во Куманово. Таму, најголем е проблемот со средношколците Албанци од техничкото економското училиште и од гимназијата. Тие, чувствувајќи се "небезбедни" со нивните соученици - Македонци се преселија во основните училишта "Бајрам Шабани" и "Наим Фрашери". Оваа година, на 1 септември, настава немаше ни во основно училиште во липковското село Ваксинце, како и во училиштето во Лојане поради масовно иселување на населението. Околу 3.000 средношколци - Албанци во Куманово ја почнаа наставата во поранешната зграда на ЗИК "Куманово" и во просториите на Работничкиот универзитет. Наставниците - Албанци од ОУ "Наим Фрашери" протестираа поради неприфаќање на барањето за зголемување на бројот на паралелките. Неколку денови пред стартот на учебната година проблемот се обиде да го реши ОБСЕ во Куманово, но без успех. Во седиштето на Министерството за образование и наука заседаваа претставници на сите релевантни фактори во државава за надминување на проблемот со наставата. Состанокот беше од затворен тип.

Вкупно 11 паралелки на средношколци - Албанци кои во изминатите седум години учеа во истурениот оддел на Државното средно училиште "Арсени Јовков", лоцирано кај Државното средно училиште "8 Септември" во населбата Автокоманда - Скопје, од оваа година бараат да бидат вратени во матичното училиште. Тие протестираа пред реновираната зграда во Автокоманда. Учениците - Албанци не се чувствувале безбедно, а и истурената зграда на "Арсени Јовков" им била далеку од нивното матично училиште во Бутел, каде што учат само Македонци.

Директорот, пак, на "Арсени Јовков", Петар Латиновски, објаснува дека не знае зошто е протестот на средношколците - Албанци за кои вели дека условите во нивниот објект во Автокоманда се добри.

Проблем се појави и во струмичкото село Моноспитово. Наместо во училниците, учениците од ОУ "Маршал Тито" првиот училишен ден го поминаа во дворот на училиштето поради руинираната училишна зграда, изградена во 1965 година, во која нема минимални услови за следење настава. Тие нема да одат на часови се додека не добијат конкретен одговор од министерот за образование кога ќе се гради новата училишна зграда.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"