о започнување на новата учебна
година повторно се наметна старото прашање дали веронауката треба
факултативно да се применува во основното образование? Реакциите и ставовите
беа контрадикторни.
Секое училиште треба да си најде модалитети како ќе си ја организира
наставата по веронаука за учениците што сакаат да ја посетат, изјави
министерот за образование, Азис Положани.
Во Бирото за развој на образование каде што се подготвуваат наставните
планови и програми велат дека веронауката не е ставена во програмите.
Раководителот на секторот за основно образование од Министерството за
образование и наука, Кирил Ристески, вели дека Министерството не ја
финансира веронауката, што значи дека не ја ни поддржува. Но, од МПЦ велат
дека веронауката останува во училниците.
Се очекува премиерот Бранко Црвенковски да оствари средба со претставници
од МПЦ и од Исламската верска заедница на која би требало да се направи
договор за одвивањето на факултативната настава по веронаука во тековната
учебна година.
Според д-р Ратомир Грозданоски, професор на Богословскиот факултет во
Скопје и еден од координаторите во МПЦ за вероучителите и за православната
веронаука во нашава држава, вратите на основните училишта во државава треба
да се широко отворени за веронауката, во согласност со зборовите на
министерот за образование, Азис Положани.
За наша радост и задоволство, а не и само наша, туку и на учениците кои
сакаат да ја следат наставата по веронаука, како и на нивните родители,
почнатиот процес на одржување часови по овој предмет во основните државни
училишта продолжува и во претстојнава учебна година. Вистина и годинава
постоеја некои бранувања и беа лиферувани одредени размислувања за тоа дали
треба да се продолжи со веронауката во државните училишта или не, но ние,
одговорните во МПЦ и во ИЗМ, во редовните контакти со Министерството за
образование и лично со министерот за образование, знаевме и бевме спокојни и
сигурни дека веронаука ќе има и оти ќе се продолжи со наставата,
коментира професорот Грозданоски.
Минатата година за часовите по православна веронаука беа ангажирани
30-тина вероучители, дипломирани теолози на Богословскиот факултет "Свети
Климент Охридски" во Скопје. Наставата се одржуваше речиси на целиот простор
на нашата држава, но процентуално најголема посетеност имаше во источниот
дел на Македонија (над 94 отсто), за разлика од западниот дел каде што од
повеќе причини одзивот беше најслаб.
Со оглед дека станува збор за новина во државното образование, задоволни
сме. Искуствата и проучувањата на проблематиката на верата во
посткомунистичкиот период покажаа дека на стартот имавме проблеми со
родителите, а не со учениците. Ним им беше наметнувана волјата и резонот на
родителите како резултат на едни поинакви убедувања и образование. Очекуваме
дека тоа ќе се надмине и оти децата, во еден слободен дух, изборот ќе го
направат според сопствената волја, вели координаторот во МПЦ за
вероучителите и за православната веронаука во нашата држава, професорот
Грозданоски.
СТАВОВИ
По ова прашање свои гледишта имаат и власта и опозицијата.
СДСМ не само по ова прашање, туку и во изминативе наврати тврдеше дека
неприкосновено е уставното начело за одвојување на црквата од државата. Со
оглед на тоа дека средните и основните училишта се државни училишта, тоа
начело важи и за нив. Перцептирањето и користењето на веронауката за нас е и
треба да остане интимно чувство на индивидуата на граѓанинот. Таков пристап
треба да се користи и кога станува збор за примената на веронауката во
училиштата, ни изјави портпаролот на СДСМ, Игор Ивановски.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека вероучението треба да биде присутно во образовниот
процес факултативно, односно како избран предмет. Верската поука може да им
даде солидна морална основа на младите во време кога се соочени со голем
број опасности и различни општествени состојби. Сосема погрешно е во ова
време на плурализам и демократија на факултативната верска поука да се гледа
како на "опиум на народот". Вистински "опиум за народот" се хероинот и
алкохолот кој е присутен на улиците и претставува вистинска опасност за
младите. Веронауката учи на љубов кон ближните, толеранција, почитување и
други позитивни доблести, ни изјави Влатко Ѓорчев, портпарол на
ВМРО-ДПМНЕ.
КОНТРАДИКТОРНОСТИ
Екс-министерот Ненад Новковски веронауката ја воведе од први септември
1999 година и тоа само кај третоодделенците, но набрзо неговата идеја, што
предизвика многубројни полемики во јавноста, "падна" пред Уставниот суд.
Веронауката предизвика остри реакции во јавноста, пред се, поради возраста
на децата кои ја изучуваа. За веронауката имаше само дискрециона одлука на
министерот дека ваквиот тип настава се воведува факултативно, но не беше
регулиран статусот на свештените лица на кои им плаќаа само верските
заедници. Дел од поповите, оџите и католичките свештеници, воопшто и не беа
исплаќани.
Со почетокот на оваа учебна година факултативното изучување на
веронауката во основните училишта е под голем знак прашалник. Министерството
за образование и наука размислува за формите во кои би се изучувала
веронауката, но таа сигурно нема да постои во оној облик во кој постоеше
досега.
Бардуљ Туши, шеф на кабинетот на министерот за образование и наука, Азис
Положани, потенцираше дека во Министерството постојат "индивидуални
размислувања" за целосно укинување на веронауката како предмет кој се
изучува факултативно, а некои пак инсистираат да се задржи веронауката, но
да се најде некоја форма која ќе биде прифатлива и за Министерството за
образование и за Министерството за финансии.
Спорно е тоа што свештените лица кои предаваа во училиштата досега не беа
исплаќани од страна на Министерството за финансии, но тие немаа ниту
соодветен степен на образование, бидејќи некои од нив беа само со средно
образование, изјави Туши.
Извори од Министерството велат дека има реални шанси да се укине
веронауката поради тоа што таа и досега не постоела како реален предмет кој
бил верификуван и од Бирото за развој на образованието.