ИНТЕРВЈУ

Славица Станковска, пратеничка во Собранието на Република Македонија

ЖЕНАТА ТРЕБА ДА ВЛОЖИ МНОГУ ПОВЕЌЕ ЗА ДА ПОКАЖЕ КОЛКУ ЗНАЕ И МОЖЕ

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Јас не би правела полова класификација за способноста на единката на политички или професионален план.
  • За жал, многу партии, иако ја испочитуваа законската норма, на изборните листи жените ги ставија на позиции кои често и не беа добитни што е уште една злоупотреба на сметка на жената.

МС: Госпоѓо Станковска, што сте по професија, како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

СТАНКОВСКА: Љубовта кон хемијата како интересна природна наука го привлече моето внимание уште за време на моите гимназиски денови и ја определи мојата идна професија. Во 1975 година завршив применета хемија, но иако имав желба да работам во лабораторија, ја немав таа среќа (и тогаш не можеше по нормален пат да се дојде до работно место).

По едногодишно неуспешно тропање по врати за вработување, решив среќата да ја побарам во некое од средните училишта во градот и успеав да најдам слободно работно место - професор по хемија што ова пак, од своја страна, доведе до преквалификација, нова дипломска итн. Од временска динстанца гледано, она што во тоа време за мене беше несреќа со тек на време се покажа како огромна среќа, затоа што ја открив убавината на оваа професија, која 27 години целосно ме исполнуваше се до моето професионално ангажирање како пратеник во Парламентот.

Што се однесува до политичкиот ангажман, тоа некако спонтано се наметна и беше условено од мојата постојана борба за правда, што наидуваше на поддршка од средината во која работев и на предлог на вработените во гимназијата "Гоце Делчев" во Куманово, кои беа политички активни, станав член на СКМ и ја имав и таа чест да бидам и секретар на Основната организација. Потоа политичкиот ангажман продолжи во континуитет и по распаѓањето на еднопартискиот систем, во редовите на СДСМ. Имав можност и во СДСМ како претседател на една од најголемите општински организации во Македонија - ООСДСМ Куманово, како координатор на Координативното тело директно да учествувам во парламентарните избори од 1998 година и заедно со тимот кој активно учествуваше да станеме морални победници и од четири пратенички места во Куманово да добиеме две.

МС: Кога е вистинскиот момент за жената активно да се вклучи на политичката сцена и какво е Вашето искуство?

СТАНКОВСКА: Активниот ангажман на жената како сопруга, мајка и професионално ангажирана на работното место, сигурно бара многу жртви. Можеби со мене нема да се согласат многу мои колешки, но јас поаѓам од сопственото лично и професионално искуство при детерминирање на времето кога е најдобро жената активно да се вклучи во политиката. Семејството е клетка на секое општество. Само здраво семејство е предуслов за здраво општество. По природа на нештата, барем во првите години на градење на семејство и одгледување на поколенијата, неопходно е присуството на мајката што не значи дека некој и не може поинаку да размислува, но јас лично мислам дека нема соодветна замена за топлината што мајката може да им ја даде на децата. Но, исто така, сметам дека не постои рецепт за моментот кога жената треба да се вклучи во политиката што пак зависи од низа други околности. Според мене и моето искуство, вклучувањето во политиката по релативното осамостојување на децата, е сосема оправдано во целина.

МС: Според Вас, колку жените се способни да бидат политички активни и дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на политиката?

СТАНКОВСКА: Јас не би правела полова класификација за способноста на една единка на политички или професионален план. Лично сметам дека жената може рамноправно и мошне успешно да учествува во политичкиот живот, но искуствата кажуваат дека за таа да ја добие шансата да покаже колку знае и може, треба да вложи многу повеќе енергија и труд.

МС: Каков е односот на Вашите колеги кон Вашата досегашна работа?

СТАНКОВСКА: На професионален план задоволна сум од третманот што сум го имала од моите колеги и директни соработници, но искуствата што ги имам од мојот политички ангажман ми кажуваат дека во политиката има многу помалку фер плеј и средината се уште не е подготвена на жената да & го овозможи она што природно & припаѓа. Фактот што сепак по долгогодишен политички ангажман ја добив можноста да станам пратеник, ми говори дека сепак некој знае да цени и почитува за што искрено сум благодарна, не поради мојата личност, туку поради целокупниот амбиент во партијата во која членувам.

МС: Покрај политичкиот ангажман, дали имате време и за Вашиот приватен живот, за Вашето семејство?

СТАНКОВСКА: Сакам да бидам до крај искрена и да Ви кажам дека на прво место во мојот живот го ставам моето семејство. Политичкиот ангажман многу ми е олеснет поради фактот што сум мајка на три возрасни деца, син апсолвент на Електротехнички факултет, ќерка дипломиран хемиски инжинер, а најмалата ќерка е трета година на Филолошки факултет. Од сопругот и моите деца имам целосна поддршка и, впрочем, се што досега сум постигнала им го должам ним. Љубовта кон нив и во најтешките моменти ми овозможувала да издржам и постојано во борбата да излегувам како победник.

МС: Кои се најчестите мотиви за жената да заплива во политички води?

СТАНКОВСКА: И пред малку посочив дека моето искуство со политиката е малку поинакво и дека однапред немав ниту амбиции, ниту некој посебен план како да се вклучам во политиката. Се беше некако спонтано, можеби условено од мојот карактер да ги прифаќам предизвиците и максимално совесно да ги извршувам сите обврски што ги наметнува политичкиот или професионалниот ангажман.

МС: Жената од биолошки аспект, пред се, е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас, претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

СТАНКОВСКА: Во одреден период од животот и може да се разбере како хендикеп, но ако се знае дека инвестицијата во семејството е трајна и далекусежно исплатлива и е предуслов за среќна иднина на поколенијата на едно здраво општество, тогаш жртвите и не се така големи.

МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести политички ангажмани?

СТАНКОВСКА: Имам целосна поддршка и разбирање од моето семејство. За таквото разбирање кога имам можност настојувам да им возвратам и да им го надоместам пропуштеното. Впрочем, се уште го одржувам стариот предполитички ритам на домаќинка во фамилијата. Воопшто не изостануваат моите готвења, подготовка на месени јадења и слатки.

МС: Обично се вели дека позади секој успешен маж стои жена, но дали според Вас би можеле да кажеме обратно - дека позади секоја успешна жена стои маж?

СТАНКОВСКА: Во едно сум сигурна, барем од сопственото искуство, дека никогаш не би можела комплетно да се искажам како личност на професионален и политички план доколку ја немав поддршката на мојот сопруг кој не само што има огромно разбирање за се она што јас го работам, туку и многу често знае да ме мотивира да направам и повеќе и подобро. Секогаш гласно размислуваме на еднакво рамниште се додека не се констатира која е вистината и како би требало да се постапи.

МС: Колку време, покрај кариерата и семејството, посветувате и на самата себеси, на својот изглед и стил?

СТАНКОВСКА: Со мене, по смртта на мојот татко, живее и мојата мајка и морам да признам дека во едно шестчлено семејство, со сиот ангажман што го имам во семејството и Парламентот, многу малку време ми преостанува за да можам да си го посветам на себе. Но, секогаш се трудам да изгледам уредно, можеби малку покласично што е условено од мојот долгогодишен ангажман како професор во гимназијата.

МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?

СТАНКОВСКА: За жал, квотите беа неопходни за поголемата застапеност. Инаку, не сум приврзаник на квоти, без разлика на што се однесуваат тие. Сакам за некоја личност да зборуваат квалитетите и резултатите, но практиката покажа дека во политиката важат некои други правила во кои жената потешко се вклопува. Ако во вкупната популација жената е застапена нешто над 50 отсто, зошто да не биде застапена и во политиката со соодветен процент?!

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

СТАНКОВСКА: И порано имало жени во политиката, но факт е дека тие не биле во можност да се изборат за поголема застапеност на жената. За среќа, многуте невладини женски организации со својот ангажман направија во Законот за избор на пратеници да се вметнат квоти што резултираа со поголема застапеност на жената во Парламентот. За жал, многу партии, иако ја испочитуваа законската норма, на изборните листи жените ги ставија на позиции кои често и не беа добитни што е уште една злоупотреба на сметка на жената. Посебна порака немам, но за сите оние кои имаат намера да се занимаваат со политика, посакувам да бидат чесни и упорни и со личен пример постојано да укажуваат дека тие се дел од народот и дека се подготвени заедно со него да делат и добро и лошо и дека во политиката не се поради профитот. Да не се заборави ни семејството.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"