на што деновиве ни се случува во
Република Македонија само е директна последица на настаните во 2001 година
кога одредена македонска политичка елита надвор од очите на обичниот
Македонец - граѓанин ја намести војната. Жртвите што паднаа подоцна во
одбрана на татковината беа залудни, бидејќи се беше однапред договорено -
кој каде ќе удри и што ќе бара?
Токму затоа резултатите се поразителни и чудни за обичните смртници кои
не ги разбираат потезите што се влечеа, но и сега се прават. Уздите во
земјава одамна се испуштени, бидејќи кога владеат хаосот, беззаконието,
насилието и криминалците, полесно се останува на власт. Тој принцип не
згаснал, бидејќи и поранешната и сегашната политичка гарнитура не сакаат да
се ослободат од инструментите и "војниците" што се задолжени да го
контролираат македонскиот народ и да ги чуваат подалеку од своите дворови.
ОСТАВКА!?
Првите индиции дека во нашата земја ќе има војна се остварија во февруари
2001 година. Но, пред тоа неколку настани ги забрзаа активностите на
албанските терористи. Прво, беше конечното разграничување на северната
граница со тогашната СР Југославија. На 15 февруари 2001 година беше решен
спорот за границата. За последното отворено прашање меѓу Белград и Скопје,
заедничката дипломатско-експертска комисија, по 14 рунди преговори,
постигнаа договор за целата должина на границата. Притоа беа решени и
таканаречените спорни точки, како што се манастирскиот комплекс "Свети
Прохор Пчински" и "Шарскиот триаголник".
Во текстот на договорот што беше усогласен и содржан во 11 точки, главен
столб е текстуалниот опис за протегањето на границата, а во прилог се
внесени и топографски карти.
Двете страни јасно ги демонстрираа определбата и политичката волја да се
дојде до прифатливо решение во интерес на двете страни. Заедничка определба
е линијата на разграничување да биде и линија на доверба, која ќе овозможи
слободна циркулација во двата правци, изјави тогаш Виктор Димовски,
шефот на македонскиот преговарачки тим.
Ден подоцна, на 16 февруари 2001 година, поранешната министерка за
внатрешни работи, Доста Димовска, поднесе оставка на министерската функција.
Во образложението на Димовска пишуваше дека чувствува морална одговорност во
врска со случувањата во МВР во изминатиот период.
Во врска со аферата прислушување на јавни и политички личности, која беше
презентирана и водена од лидерот на СДСМ, а пред се обвинувањата што се
упатени кон мене лично, уште еднаш потенцирам дека во мојата досегашна
работа, одлуките, постапките и водењето на Министерството се темелеле само
врз Уставот и важечките закони во Република Македонија, така што од моја
страна никогаш не е издадено решение за примена на мерки - прислушување од
политички и идеолошки причини, на лицата кои се споменати во аферата,
наведуваше Димовска во понудената оставка до Љубчо Георгиевски, поранешен
премиер.
Веднаш по избивањето на аферата, во согласност со моите надлежности, се
преземени сите законски мерки за расветлување на случајот. За таа цел е
остварена соработка со Јавното обвинителство, со истражните органи, а на
политичко ниво и со надлежната парламентарна Комисија за надзор над работата
на ДБК и АР, која утврди дека не постојат околности, факти и докази со кои
би се потврдило дека од страна на МВР, со злоупотреба на овластувањето на
службените лица, е вршено масовно прислушување на разговори на вршители на
јавни функции, новинари и граѓани на Република Македонија, потенцираше
некогаш влијателната членка на ВМРО-ДПМНЕ, Димовска.
Таа сметаше дека против неа се води хајка од страна на припадници на
опозицијата, поранешни високи функционери во безбедносните структури на
државата и поранешни високи функционери во југословенскиот политички врв од
времето на едноумието "кои очигледно се ставени во функција на моја
политичка елиминација и, според моите оцени, не само на политички, туку и на
разузнавачки цели во интерес на странски држави. Од нивна страна, врз основа
на лажни обвиненија, е побарана моја политичка одговорност, што за мене е
врв на морална хипокризија", истакнуваше "Железната Леди" во оставката.
Загрижувачки е фактот, велеше Димовска, што во најголема мера
безбедносните структури во нашата држава, според структурата и кадровски,
произлегуваат од стариот систем што функционираше во времето на СФРЈ, а тој
во континуитет продолжи се до денес, без да се изврши реформа и
модернизација на безбедносните структури. Во нив се уште се применуваат
стари методи, а што е најзагрижувачки, врз одделни граѓани се употребува
незаконски физичка сила што е честа појава и е само еден пример за стариот
начин на однесување на службите што и покрај моето залагање како министер и
обиди да се направат почетни реформи, сериозно го уриваат угледот на
безбедносните органи и на државата.
Димовска потенцираше дека старите структури во овие органи се политички
инструментализирани од страна на СДСМ и вршат сериозно деструирање на
безбедносниот систем на Република Македонија, со деконспирација на методите
и средствата на безбедносните органи и вршат упад со издавање на службени и
државни тајни. Ваквата состојба, доколку не се измени со коренити реформи на
безбедносните органи, се заканува и во иднина да бидат политички
манипулирани безбедносните структури, спротивно на безбедносниот систем и на
државните интереси.
ТАНУШЕВЦИ
На 16 февруари 2001 година беше киднапирана тричлена новинарска екипа на
А1-телевизија. Тие беа заробени од страна на поголема група униформирани
лица со ознаки на ОВК пред влезот во селото Танушевци во близина на
границата меѓу Македонија и Косово. По получасовното задржување екипата беше
пуштена откако беше распрашувана и им беше одземена камерата. Екипата не
беше малтретирана од страна на киднаперите, туку по распрашувањето во селото
беше пуштена со предупредување дека "во селото нема што да бараат".
Киднаперите уште рекле дека тие се "народна одбрана" на селото и дека
македонската полиција требало да ги предупреди да не доаѓаат во селото.
Откако беа пуштени, членовите на екипата го пријавија случајот во
полициската станица Мирковци. Во прво време МВР се огласи со соопштение во
кое се истакнуваше дека нивните екипи го истражуваат случајот.
Инаку, телевизиската екипа во која се наоѓаа новинарката Снежана Лупевска,
снимателот Ристо Мишев и организаторот Нехру Хоџа, престојуваше во Танушевци
со цел да ги провери информациите за наводното постоење на камп за обука на
припадници на ОВК.
Според информациите, при влегувањето во селото пред возилото на А1 се
појавило едно вооружено лице кое во воздухот испукало неколку куршуми и ги
повикало да застанат. Лицето се качило во џипот и им наредило да тргнат кон
центарот на селото. Набрзо околу возилото се појавиле другите лица, кои ги
опколиле новинарите.
Не прашуваа зошто сме дојдени во селото. Некои од нив беа облечени во
униформи со ознаки на ОВК, а другите беа во цивилна облека. Дел носеа оружје,
а другите беа вооружени со секири. Ни рекоа дека тие го штитат селото, а
дека полицијата требало да не предупреди да не доаѓаме во селото за чија
безбедност се грижат тие, изјави Снежана Лупевска по ослободувањето.
По получасовното задржување екипата беше пуштена откако им биле одземени
мобилните телефони и телевизиската камера. По ослободувањето екипата на
А1-телевизија веднаш го напуштила селото, но не побарала помош од војниците
на АРМ во караулата, бидејќи патот до неа, според нивна процена, бил
премногу ризичен. Полициска помош била побарана во станицата во селото
Мирковци.
На 18 февруари 2001 година гранична патрола на АРМ, во реонот на селото
Танушевци, во близина на македонската граница на делот со Косово, двапати
имаше пресметки со неколку вооружени лица во црни и маскирни униформи,
соопшти Министерството за одбрана. Според истото соопштение, во престрелката
нема повредени и ранети македонски војници.
Поранешниот министер за одбрана, Љубен Пауновски, против кого се води
судски процес, во интервјуто за А1-телевизија на јавноста & порача да биде
спокојна.
Иако инцидентот не е за потценување, АРМ ќе го понесе целиот товар во
граничниот појас од сто метри, а во другите делови од територијата заедно со
МВР. Границата не може херметички да се затвори, но ќе се чува во согласност
со воените правила што се покажале успешни при инцидентот кај Танушевци. Во
Танушевци нема логистички, но треба да се размисли дали има јатачки бази.
Министерството за одбрана има целосна контрола над територијата на
Македонија, а потврда за тоа е и фактот што АРМ е најстабилниот фактор на
подрачјето на северната и западната граница, која е дел од еден многу
нестабилен регион, потенцираше Пауновски.
Според МО, до инцидентот дошло откако патрола на АРМ ја известила
караулата Танушевци за слушнати истрели од автоматско оружје.
Најверојатно тоа биле истрелите што во селото Танушевци, истакнуваше
Пауновски, ги испукало во воздухот едно од вооружените лица што ја
киднапираа екипата на А1-телевизија.
По алармирањето на караулата војниците веднаш излегле да го пребараат
теренот. Една од патролите на АРМ околу 16 часот забележала вооружена група
од четири лица во маскирни униформи како се движи од косовското село Дебалде
кон нашето село Танушевци. Во исто време, во шумата на 150 метри
северозападно од месноста Стара Продавница македонските војници
незабележително им се приближиле на две лица на кои им наредиле да застанат.
Спротивно на наредбата, овие почнале да бегаат, а во исто време кон
патролата на АРМ бил отворен оган од неколку правци од шумата. Војниците
возвратиле со оган. Според Пауновски, вакви инциденти предизвикуваат
незадоволните од позитивното решение за одбележувањето на државната граница
помеѓу Македонија и Југославија.
Македонија не смее да им подлегне на ваквите провокации и на дел од
својата територија да има воено жариште, што би отворило сериозно
меѓународно прашање, истакна Пауновски во интервјуто за А1 телевизија.
(Продолжува)