изјави Илинка Митрева
на големиот црковно-народен собир во Лешок, додека неколку часа подоцна со
истрел од огнено оружје, беше повреден 23 годишниот Александар Андоновски.
Тој со патничко возило "БМВ" во кое се наоѓале уште две лица, се враќал од
прославата во Лешок. Возилото е сопственост и било управувано од Жарко
Раичевиќ, а инцидентот се случил во период од 15,30 до 16 часот, на влезот
во Тетово во близина на Градскиот стадион, кога од правец на селото Порој
засега непознато лице истрелало рафал од огнено оружје. Неколку куршуми
завршиле во автомобилот, а на Андоновски му била нанесена влезно-излезна
рана во пределот на надлактицата. Тој веднаш бил префрлен во Медицинскиот
центар во Тетово, каде по укажаната помош на негово инстистирање бил пуштен
на домашно лекување. Полицијата извршила увид и трага по сторителот.
Со овој инцидент паднаа во вода сите оптимистички надежи за мирен живот,
а лешочани останаа разочарани дека иако црковно-народниот собир имаше
огромна посетеност, претежно од младата популација, сепак заврши со
потсетувањето дека во овој регион се уште не се живее безбедно.
Се помоливме за добро здравје на целиот благороден народ, да заживее
вистински евангелистички мир и благосостојба, рече Митрополитот Кирил.
За жал, и покрај сите убави желби за мир, според постојаните инциденти,
закани, пукотници, провоцирања, нашата држава е далеку од евангелистичкиот
мир и уште подалеку од благосостојбата.
НЕСИГУРНОСТ
Самиот факт што во селото Лешок е стациониран контингент на француските
војници, на населението му влева некоја доза на сигурност. Сепак, далеку е
од тоа за да може да се каже дека мирот е вратен на овие простори.
Не знам колку луѓето овде се осудуваат во вечерните часови да одат во
Тетово, заради некоја потреба. Сликата не е убава кога доаѓате наваму и кога
морате да поминете под албанското знаме. Човек не знае што можат да направат
луѓето што го набљудуваат од сите страни и што може да им текне во моментот,
вели господинот Аце Ацевски, од Извршниот одбор на Здружението за обнова и
ревитализација на Лешок и Лешочкиот манастир.
Според неговите кажувања, лешочани, иако заради своите потреби
контактираат со жителите на селото Слатина во кое живее етнички чисто
албанско население, во разговорите се чувствува страв и сомнеж. Луѓето во
селото Лешок се навикнати на пукотниците кои се случуваат во неодреден
временски период, односно како што вели и Ацевски, "пукотниците се случуваат
секогаш кога некому ќе му текне да пука. И самите Албанци не можат да ги
контролираат агресивните поединци што ги имаат во нивното село".
Во селото Лешок беа обновени 12 - 13 куќи кои беа опустошени во војната
во 2001 година. Но, тие повторно беа цел на криминалните банди. Во моментот
само една куќа во селото е вистински реновирана и прилагодена за живот. За
Лешок од страна на државата не е направено речиси ништо. Пред случувањата во
2001 година, дел од лешочани, беа вработени во болницата во Лешок. Добар дел
од луѓето работеа и на бензинската пумпа. Имаше планови за развој на
економијата. Нашето размислување беше дека Лешок ќе биде безбеден и дека ќе
почне да функционира кога ќе проработи бензинската пумпа, бидејќи таа е прва
на удар. До ден денес пумпата не успеа да проработи, бидејќи секогаш кога ќе
почнеше да работи, на неа се фрлаа бомби. Бензинската пумпа сега е дадена
под кирија за три години на Албанец. Во Лешок се најавува отворање на
фабрика за алкохолни пијалаци и фабрика за шиење. Ова би ги окуражило луѓето
и би им дало волја за живот, иако реално гледано безбедноста не е како онаа
од пред 2001 година, вели Ацевски.
ПРОЕКТ
Манастирскиот комплекс "Свети Атанасиј" во Лешок постои веќе седум века,
додека во кобната 2001 година терористите ја разрушија манастирската црква
која се уште е во урнатини.
Финансиската рамка на Проектот за реконструкција на Лешочкиот манастир
како и обновата на џамијата во Непроштено, во висина од 540.000 евра, ја
обезбеди Европската агенција за развој.
Отстранувањето на лузните од кризата од пред две години и помирувањето на
етничките заедници е целта на Проектот финансиран од Европската унија, што
почна со реконструкцијата на црквата "Свети Атанасиј" во Лешок и на џамијата
во Непроштено.
Цел на Проектот е да се помогне во отстранувањето на физичките лузни од
кризата од пред две години, како и натамошно промовирање на помирувањето на
етничките заедници во Македонија, потенцираше шефот на канцеларијата на
ЕАР во Скопје, Даниел Џулијарис.
На отпочнувањето на работите присуствуваа претставници на македонската
Влада, локалната самоуправа, како и претставници на двата верски објекти.
Старешината на Лешочкиот манастир, протоереј Ставрофор - Димитрије Крстевски,
изјави дека обновата на разурнатата манастирска црква "Св. Атанасиј" во
Лешок, како и на џамијата во Непроштено, имаат големо значење за обновата на
меѓуетничкиот соживот.
Отпочнувањето на реконструкцијата на двата верски објекти ја поздрави и
имамот на тетовскиот регион, Ејул Селмани, кој нагласи дека "двете верски
заедници имаат голема улога во одржувањето и развивањето на соработката
помеѓу луѓето од различна вероисповед".
Пред да се упокои во Лешочкиот манастир, јеромонахот Кирил Пејчиновиќ им
оставил аманет на селаните да ги чуваат обичаите, верата и манастирот.
Лешочани се обидуваат да го реализираат она што од нив го побара Пејчиновиќ,
но последните состојби на теренот покажуваат дека некој работи спротивно на
интересите на македонскиот народ.
Сепак, со последните случувања одржувањето и развивањето на соработката
помеѓу луѓето од различна вероисповед се потешко и потешко се реализира.