ПОЛИТИКА

АНА објави војна - регрутира нови терористи

КОЛЕБЛИВОСТА ГИ ОСОКОЛИ ЕКСТРЕМИСТИТЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Настаните се како јајце на јајце. Дури и актерите се исти, само што се поискусни и осоколени, бидејќи претставниците на власта (Македонците) не знаат каде им е главата.
  • Политичарите се свесни за кризата и за напнатоста што владее, ама мораат да ги прашаат меѓународните фактори дали можат да интервенираат.
  • Тие им дадоа "изим", но колебливците не можат да преземат посериозна акција, бидејќи веќе ја загубија контролата во липковскиот регион.

Република Македонија повторно се наоѓа на работ на меѓунационалната војна на релација Македонци - Албанци само затоа што Владата дозволи одредена албанско-терористичка група да го тероризира населението, но и да ја уценува земјава. Затоа нашата држава се наоѓа пред најголемото искушение од поновата историја. Група екстремисти и терористи го инволвираат албанското население во липковскиот крај и го подготвуваат за нови судири кои ќе резултираат со несогледливи последици.

Владата на Црвенковски се наоѓа пред голем испит, да се биде или не, прашањето е егзистенцијално. Во ловот на матно Премиерот е фатен во пајаковата мрежа, бидејќи наивно дозволи да биде вовлечен во криминално-терористичките калкулации на албанските лидери. Тие ги диктираат настаните, а не Владата и "банкарот" кој не успеа навреме да преземе акција за апсење на екстремистите.

УЛТИМАТУМ

Сценариото е исто, како јајце на јајце. Дури и актерите се исти, само што се поискусни и похрабри за разлика од претставниците на власта (Македонците) кои не знаат каде им е главата. Политичарите свесни се за кризата и за напнатоста што владее, ама мораат да ги прашаат меѓународните фактори дали можат да интервенираат. Тие им дадоа "изим", но колебливците не можат да преземат посериозна акција, бидејќи веќе ја загубија контролата во липковскиот регион. Вооружените униформирани групи Албанци веќе на големо вршат мобилизација на локалното албанско население во кумановско-липковскиот регион, а од селата Ваксинце и Лојане веќе се евакуирани жените и децата. Разузнувачите велат дека две групи од Косово им наредиле на жените и на децата да заминат и почнале со присилна регрутација. Истовремено во околината на Липково и Слупчане вооружена група започнала со тренинг на мобилизираните жители.

МВР потврди дека има раздвиженост на населението во липковскиот крај, но не коментира дали станува збор за евакуација.

Улиците на Ваксинце буквално се пусти, а поголем дел од жителите се евакуирале во Јужна Србија, во регионот на Прешево, Медвеѓа и Бујановац, но и на Косово. Македонските полициски сили под полно вооружување и опрема се наоѓаат распоредени на влезовите во селата во Кумановско.

За тоа време, време на исчекување, или затишје пред бура, АНА преку својата интернет-страница упати ултиматум до македонската полиција која мора во рок од 24 часа, почнувајќи од 16 часот, на 1 септември, да се повлече од своите позиции на теренот.

Инаку, портпаролот на МВР, Мирјана Контевска, изјави дека полицијата ги презема сите активности за "онеспособување на криминалната група што го тероризира локалното албанско население".

Полицијата е распоредена надвор од населените места и нема да дозволи да се загрози безбедноста на жителите. Констатиравме раздвижување на населението, но не ги знаеме причините за тоа. МВР апелира до жителите да соработуваат и да ја поддржат полицијата, која таму е присутна заради нивната безбедност, истакна Контевска.

Македонската полиција е присутна во целиот реон, како и по стариот пат Скопје - Куманово, почнувајќи од скопското село Арачиново, каде што се распоредени првите полициски екипи.

Во Арачиново состојбата е непроменета, мирна и стабилна. Но, најдобро обратете се кај министерот Хари Костов. Ние како општина сме маргинализирани и не сакам да коментирам за постапките на МВР и за распоредувањето на полициските сили во реонот на селото, изјави градоначалникот на Арачиново, Решат Ферати.

Поранешниот прв човек на воената полиција на ОНА во Кумановско, Абедин Зимбери, сега советник на градоначалникот на Општина Липково, се состанал со месното население во Слупчане, епицентар на воениот конфликт во 2001 година. На тој состанок било заклучено дека во моментов најдобро би било полицијата да остане на позициите надвор од населените места и да не влегува во селата, за да не се создаде тензија и да не се влоши состојбата.

БРЗА АКЦИЈА

Министерството за внатрешни работи треба со брза и енергична акција да се справи со вооружените екстремно-криминални групи во кумановско-липковскиот регион, за да се избегне стапицата од фронтално дејствување што тие ја посакуваат, вкопувајќи се во атарот на Ваксинце. Ова беше еден од заклучоците од седницата на Советот за безбедност, која се одржа веднаш по завршувањето на Самитот во Охрид наречен "Дијалог меѓу цивилизациите" и која го засени состанокот на шефовите на државите во регионот.

"Членовите на Советот ја поддржаа определбата мултиетничките полициски патроли да ги преземат сите неопходни мерки за лишување од слобода на членовите на овие криминални групи, кои го тероризираат локалното население", се наведува во соопштението од петчасовната седница.

На неа не се разгледувале некои конкретни планови за акцијата на полицијата, освен што било сугерирано таа да се изведе брзо, за да се избегнат конфронтации со месното население. Истовремено биле поддржани сугестиите на претставниците на ДУИ, вицепремиерот Муса Џафери и потпретседателот на Собранието, Агрон Буџаку, претходно за акцијата да се излобира поддршка од месното население. Се смета дека ДУИ ќе мора поблиску да соработува и со ДПА, а особено и со пратеникот Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа, кои имаат многу поголемо влијание во кумановско-липковскиот регион.

Ставот на Советот, преку соопштение, на јавноста му го соопшти советникот на претседателот Трајковски, Стево Пендаровски, кој е и секретар на ова советодавно тело. Тој посочи дека врз основа на добиените информации и сознанија од надлежните министерства и органи, беше констатирано дека најголемиот дел од нападите се предизвикани од неколку екстремни и вооружени групации што се присутни на теренот и кои имаат за цел да ја нарушат безбедноста на Македонија, да го попречат нејзиното натамошно стабилизирање и имплементацијата на Рамковниот договор.

Советот за безбедност ги поддржа засилените активности на МВР кои имаат за цел да го елиминираат ризикот од евентуално повторување на ваквите настани и да ги заштитат животите и имотите на граѓаните. Членовите на Советот ја поддржаа определбата мултиетничките полициски патроли да ги преземат сите неопходни мерки согласно со Уставот и законите за лишување од слобода на членовите на овие криминални групи кои го тероризираат локалното население заради реализација на нивните цели кои немаат ништо заедничко со интересите на граѓаните, истакна Пендаровски.

СЕРИОЗНИ ЗАКАНИ

На средбата на државниот врв и советниците на Трајковски било оценето дека безбедносната ситуација во земјава се усложнува, но дека се прават сериозни напори таа да се стабилизира и да не се дозволи проширување на други локации од сега актуелниот карадачки регион. Повеќемина дискутанти наедно побарале посериозен, конкретен ангажман и резултати од претставниците на Албанците во власта. Од нив е побарана работа на терен, а не само декларативна поддршка. Побарана е конкретна помош локалното албанско население во актуелниот кризен регион да се убеди да ја прифати и да & помогне на мултиетничката полиција во приведување на криминалците кои токму ним секојдневно им предизвикуваат проблеми, а само поради етничката припадност не се предаваат на органите на прогонот.

Инаку, главните водачи на бандите, односно на терористите се таткото и синот Наим и Заим Халили од Ваксинце, како и Џемаил Исени познат како командант Џејми Шеј. Се проценува дека главната опасност доаѓа токму од нив, а не од бандата на Чакала, кој се смета само за замка со која треба да се сврти вниманието на медиумите. Нивните групи, според разузнавачки податоци, имаат по околу дваесетина лица.

Целата приказна започна со киднапирањето на еден полицаец и негов роднина. Оваа акција ја изведе самопрогласениот командант Чакала кој подолго време им се закануваше на официјалните органи на безбедноста. Но, никогаш неговите закани не ги сфаќаа за сериозни. Тој подолго време во триаголникот Танушевци - Арачиново - Липково, се однесуваше како горски цар и вршеше сериозни криминално-терористички акции.

Откако албанските терористи, припадниците на АНА, увидоа дека власта во Република Македонија ништо не презема за да ги спречи нивните активности тие започнаа поорганизирано да настапуваат. Извршија напад на караулата Гошинце, а подоцна ги нападнаа и касарната "Илинден", зградите на Судот и на Владата. Овие настани покажаа колку македонската полиција е дезориентирана и немоќна.

Мешовитите полициски патроли не ја контролираат ситуацијата во кризните региони. Тие покажаа дека само се симболични врски, а не органи на редот и на безбедноста во земјава. Затоа безбедносната ситуација повторно се влошува. Таа пред се е последица на организираните активности на албанските терористи во поширокиот регион. Владата пред извесно време не ги сфати за сериозни сознанијата на разузнавачите од Србија кои имаа докази дека екстремисти потпомогнати од КЗК имаа намера да ги нападнат виталните објекти во Македонија и во Прешевската Долина. Таквите одгласи за македонските власти беа земени како небитни. Но, токму ваквиот приод ни се врати како бумеранг. Сега нема време за консолидирање. Прашање е само кога повторно Албанците и Македонците ќе се гледаат преку нишанот. Но, сепак и едните и другите ќе загубат, бидејќи некои трети така се договориле - овој регион да го држат под контрола и тој постојано да биде невралгичен центар.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"