Јас сум еден од оние
парламентарци кој рече дека безбедносната состојба во државава е влошена.
Исто така, отворено кажувам дека овие инциденти не смеат да се потценат и
бев за тоа да се одржи седница на Советот за безбедност. Сакам да кажам дека
треба да извлечеме искуство од она што ни се случи претходно од аспект на
тоа да не ги повториме грешките. Се согласувам дека атмосферата што сега ја
чувствуваме наликува на онаа што ја имавме на почетокот од 2001 година. Но,
имаме една голема разлика што сакам да ја кажам, а и информациите со кои
располагам велат дека луѓето коишто ги предизвикуваат инцидентите немаат
поддршка - прво, од меѓународната заедница и второ, од локалното население.
Без тие два моменти тие никако не можат да успеат. Имав разговор со
претставници на меѓународната заедница. Тие ме убедуваа дека состојбата не е
онаква каква што ја претставуваат медиумите и дека ја нема таа голема
раздвиженост не само меѓу месното население во кризните региони, туку и кон
Косово и Македонија. Но, гледам енергичен став дека овие групи нема да
добијат никаква поддршка од меѓународната заедница и од месното население.
ПОУКА
МС: Во 2001 година безбедносните сили на РМ не беа подготвени да се
справат со терористите, па ни се случи крвавото воено сценарио. Дали сега
сме подготвени?
ЖЕРНОВСКИ: Подготвеноста на безбедносните сили повеќе ја гледам од
аспект на тоа колку ние сме научиле од она што ни се случи, односно каква
поука сме извлекле. Ако критички се осврнавме на тоа што не беше преземена
брза и енергична интервенција во Танушевци, што подоцна скапо не чинеше,
тогаш сметам дека овојпат едноставно не смееме да си ги дозволиме истите
грешки. Сега добиваме директна или индиректна сугестија однадвор, чие
мислење треба да го почитуваме и јас се радувам што и опозицијата ја дава
поддршката. Искуството мора да не научи дека овојпат мораме што побрзо да го
спречиме ова за да не се создаде повторно атмосфера во која ќе имаме
прегрупирање, зголемување на групите, да се отежне состојбата, односно да
дојдеме до она што го гледавме во 2001 година. Ако искуството не научило и
ако сме доволно паметни, сметам дека мораме да го избегнеме она што ни се
случи.
МС: ЛДП, заедно со СДСМ е во Коалиција со ДУИ, односно поранешната ОНА.
Ако во 2001 година настаните ги диктираше Али Ахмети, кој ги диктира сега
односите во оваа коалиција?
ЖЕРНОВСКИ: Не би се согласил со констатацијата дека некој ги диктира
односите во Коалицијата. Не идеализирам, не велам дека односите се идеални,
ниту пак сум очекувал да бидат идеални токму во овој прв период. Во оваа
прва година откако почна да функционира Коалицијата се појави одредена
некоординираност. За односите во оваа Коалиција ќе дадам една поволна оценка,
но не највисока, затоа што таа соработка може и мора да биде поголема. Сум
бил сведок на некоординираност меѓу партнерите за некој проект, закон,
договор. Преку една позитивна критика сме се увериле дека тоа не може така и
сметам дека при донесувањето на одлуки мора да има рамноправен однос меѓу
субјектите кои ја сочинуваат Коалицијата.
МС: Во јавноста остри реакции предизвикува законот за територијална
поделба со кој се предвидува намалување на бројот на општините. Граѓаните
стравуваат дека со овој закон ќе исчезнат македонските општини во западниот
дел на Македонија. Како Вие ги коментирате информациите кои кружат во
јавноста дека со новиот закон ќе се случи кантонизација и федерализација на
државата?
ЖЕРНОВСКИ: Уште на почетокот кога оваа гарнитура дојде на власт се
знаеше дека решавањето на овој проблем ќе предизвика многу полемики. Меѓутоа,
она што не ми се допаѓа, е тоа што целата дебата се прикажува како да се
одвива меѓу македонската и албанската заедница, што не е точно. Имаме дебата
во самите партии, како во нашата, имаме дебата меѓу самите Македонци и
самите Албанци. Кога станува збор за Македонците, ова прашање е чувствително.
Тие стравуваат дека со евентуално прекројување ќе бидат во помал број. Исто
така, сосема ја разбирам и загриженоста на Албанците. Меѓутоа, и меѓу самите
Македонци постои дебата дали треба да остане некоја општина. Таква дебата
постои и меѓу самите Албанци. Но, се уште ја немаме расчистено дилемата,
односно не сме решиле едно многу битно прашање - финансирањето на општините
и дали навистина ќе постигнеме финансиска независност на единиците на
локалната самоуправа. Не сум приврзаник на тоа да се каже дека главното
несогласување е меѓу Македонците и Албанците, бидејќи тогаш проблематиката
добива сосема друга димензија. Не се сомневам дека на крајот Коалицијата ќе
донесе заеднички став. Но, сигурен сум дека тој став нема да ги задоволи
сите и дека некои нема да го добијат она што го бараат.
МС: Се најавува дека Тетово ќе стане голема општина со повеќе од 20 отсто
Македонци, ако кон неа се приклучат Јегуновце, Вратница и Брвеница. Но, ДУИ
бара за возврат истиот принцип да биде применет и при исцртувањето на
скопските граници. Дали македонските политички субјекти повторно ќе
подлегнат на албанските провокативни ултиматуми?
ЖЕРНОВСКИ: Информациите што ги имам за оваа проблематика повторно
доаѓаат од медиумите. Не знам дали тие се вистинити или станува збор за
гласини. Исто така, не знам дали има вистина во тоа дека нашиот коалициски
партнер бара во Скопје општина каде Албанците ќе доминираат како најголем
процент, така што се уште тоа е во сферата на шпекулациите. Тоа се уште не е
официјално барање, па затоа не можам да ги коментирам. Кога ќе има конкретни
предлози, тогаш ќе можеме да дадеме и свој став како партија. Но, можам да
порачам дека независно од тоа што се нарекува коалициски интерес, воопшто не
сме склони да се пазариме за некои барања доколку тие не се реални.
РЕЗУЛТАТ
МС: Се очекува жешка есен за граѓаните на нашата држава. Пред да дојдете
на власт ветувавте дека ќе има зголемување на вработувањата, но наспроти тоа
расте бројот на невработените и расте бројот на социјалците. Министерот за
труд и социјала, Јован Манасиевски, и министерот за финансии, Петар Гошев,
се од вашата партија. Како ќе се справите со овој проблем?
ЖЕРНОВСКИ: Либерално-демократската партија ги зема оние ресори кои
беа најчувствителни и сакавме да докажеме дека можеме да се справиме со овие
проблеми. Знам од самата говорница да настапам критички кон одредени
сегменти од работењето на оваа Влада, затоа што сметам дека со конструктивна
критика најмногу и најконкретно можеме да помогнеме. Самиот Премиер изјави
дека не е задоволен и дека можеше да се постигне многу повеќе. И јас се
согласувам со него. Јасно ни е дека состојбата не може да се подобри преку
ноќ, не би сакал сега да повторувам каква состојба затекнавме. Жешката есен
којашто се најавува за граѓаните, нема да биде жешка само за нив, туку таа
ќе биде уште пожешка и за оние кои ја презедоа власта затоа што резултатот
мора да се покаже. Очекувам Владата да создаде атмосфера за да ги спроведе
реформите. Не би сакал да направиме грешка, односно да се фокусираме на
некои други работи, а да не и се посветиме на економијата.
МС: На почетокот од годинава јавноста беше потресена од непотизмот во
вашата партија. Пред да дојдете на власт ветувавте дека ќе се борите против
оваа појава. Дали поинаку размислувате и дејствувате по направената грешка,
кога именувавте членови во управните одбори?
ЖЕРНОВСКИ: Ова прашање генерално треба да биде упатено до Владата, а
не до ЛДП, затоа што ЛДП ја поправи грешката. Јас бев прв кој ја почувствува
атмосферата во јавноста. Јас се уште тврдам дека мојата сопруга, и како
авторитет во Партијата и како квалификуван кандидат, го заслужуваше местото.
Меѓутоа, тогаш реакцијата на јавноста беше јасна. Тие во тој момент не ја
гледаа мојата сопруга како личност со свој профил, туку само како сопруга на
Андреј Жерновски. Тоа го прифатив и на крај реагиравме најбрзо што можевме.
Вашите колеги колумнисти дури и јавно ми се извинија мене и на моите колеги
кои беа посочени, признавајќи дека атмосферата го направила своето. Но, се
зачудив што тоа искуство другите не можеа, не сакаа или не умееја да го
видат. Ние изреагиравме морално, по направената грешка, ако воопшто
стануваше збор за грешка. Моето мото не се менува. Мене оваа работа ми ја
дале граѓаните, јас го почитувам нивниот став и во овој момент е најважен
нивниот став. Некои други треба да се коригираат повеќе, но не се сомневам
дека борбата против непотизмот ќе продолжи. Како што гледате, непотизмот се
санкционира. Ако ја споредиме оваа атмосфера со онаа од претходната власт -
тоа не може да се мери. Тогаш стануваше збор за маса на примери на
непотизам, а во оваа власт секој поединечен случај се санкционира. Тоа значи
дека придонесуваме, односно нашата партија придонесе да го подигнеме
чувството на моралност на повисоко ниво. На крајот на краиштата, ЛДП ја
подигна рампата во борбата против непотизмот.
МС: Господинот Пенов, лидерот на ЛДП, и градоначалник на Скопје,
постојано ветува дека ќе се изградат и ќе се реализираат проекти кои веќе
долги години чекаат, а сепак работите тапкаат во место. Последен пример е
Меѓуградската автобуска станица во Скопје кај Новата железничка станица.
Ваквите и слични проекти наликуваат на "предизборни лажни ветувања"?
ЖЕРНОВСКИ: Во овој момент започнаа петте големи проекти.
Камениот Мост се довршува. Веќе почнува изградбата на транспортниот центар и
на мостот кај Хром. Реконструкцијата на Плоштадот започна пред неколку дена.
Исто така, треба да започне изградбата на спортската сала која им е потребна
на граѓаните. Пред некој ден е добиена дозвола за таа градба. Граѓаните на
Скопје воопшто да не се сомневаат во тоа дека ќе се исполнат ветувањата и
противкандидатите ќе ги дочекаат изборите со овие проекти кои ќе бидат
реализирани. Откако се случи за првпат Скопје, да има градоначалник и власт
од иста партија, видовме колкаво било блокирањето. Тоа се правело за инает
на политичкиот противкандидат, но најмногу за инает и на штета на граѓаните.
Видовме како одеднаш, градоначалникот доби дозвола за транспортен центар,
доби дозвола за изградба на мостот во Хром, за реконструкција на Плоштадот,
за салата. Се надевам дека извлековме поука оти интересот на граѓаните е
пред се, дека не треба да се инаетиме и дека без разлика дали на власт е
една гарнитура, а на локално ниво друга, објектите мора да профункционираат
и дека не треба да одиме по истото сценарио. Изградбата на објектите веќе е
започната и не гледам причина зошто таа не би завршила.