КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ВО КАНЏИТЕ НА ОРЛИТЕ ИЛИ НА СОРАБОТНИЦИТЕ?

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Радикалите не применуваат демократски и дипломатски средства, тие одговорот го даваат преку силата на оружјето и методите на тероризмот. Оттука доаѓаат и предупредувањата за можни атентати врз водечките политички личности на Република Македонија и Србија и Црна Гора.
  • ДУИ се уште има влијание врз нерасформираните членови на криминално-терористичките групи и кога & е потребно може да дејствува преку нив. Тоа е сигнал за македонскиот дел од власта дека утре или задутре неговиот партнер од албанска провиниенција може да го претвори во класичен заложник на албанската кауза.

Безбедноста на македонскиот и на српскиот премиер, Бранко Црвенковски и Зоран Живковиќ, според оценките на стручњаците засега не е сериозно загрозена од опасните намери на албанските екстремисти. Експертите сметаат дека најавеното преселување на Живковиќ во вилата на ул. "Лацковиќева" на Дедиње е добар потег, бидејќи постои опасност од обид за атентат режиран во т.н. домашна продукција. По посетата на Живковиќ на Косово постојат поголеми шанси терористите да му го загрозат животот, но сепак таквата акција би се косела со досегашната стратегија на албанското сепаратистичко движење. Екстремистите на Косово засега успешно се држат на принципите да не преземаат акции надвор од подрачјето во кое претежно живее албанско население. Со тоа е избегната меѓународната осуда. И т.н. АНА досега добро се држеше во тој поглед. Оттука, стручњаците од безбедносната сфера сметаат дека евентуалните атентатори не би дошле од југот на Србија и од Косово, туку дека тие се многу поблиску.

Најголемите причини за ликвидација на големите српски глави доаѓале од кругот на движењето на парите и финансиските аранжмани, па оттаму е пореално да се очекува евентуален напад врз српскиот премиер. Што се однесува до албанските екстремисти тие можат да се решат на таква акција само доколку ја променат моментната стратегија која ја практикуваат, што би значело дека тие целосно би ги применувале методите на терористичката мрежа Ал Каида. Сепак, е нереално АНА да тргне во терористички налет по цела Србија, бидејќи за неа тоа би било сосема контрапродуктивно и меѓународната заедница ќе мора да се справи со неа исто како со Ал Каида во Авганистан.

СОФИСТИЦИРАН ТЕРОРИЗАМ

Црвенковски досега неколкупати беше прашан од новинарите дали се плаши од евентуален атентат врз него, а тој ладнокрвно одговараше дека ги знае опасностите кои го демнат секој функционер, но однапред имал расчистено со тоа и го прифатил предизвикот. Храбро, нема што. Таков предизвик прифати и сега покојниот Ѓинѓиќ, но што вредеше. Обезбедувањето околу него затаи. Сознанијата се почесто говорат дека балканските екстремистички формации сега се формирани по еден нов модел и нов метод на работа. Тие веројатно ги имаат препишано статутите и програмите од за ним сродните движења на Блискиот Исток, арапските земји и Авганистан и сега ќе се преориентираат на таков начин на решавање на своите планови. А тој се состои во ликвидација на големите глави. Ал Каида неодамна го елиминира цивилниот администратор за Ирак на Светската организација со бомбашкиот напад врз седиштето на ООН во Багдад, во Израел се ликвидараат водачите на екстремистичките организации, а не пониските во хиерархијата што е јасен знак дека и албанските единици можат да се решат на такви потези за задоволување на сопствените амбиции. Јасно е како ден дека и во северозападна Македонија и во јужна Србија екстремистите ги контролираат селата и планините, а полициските сили на Скопје и Белград само глумат дека ја имаат ситуацијата под контрола. Но, тоа веќе не е доволно за радикалите. Тие повеќе не сакаат да слушаат од институциите на системот и од претставниците на меѓународната заедница дека тие територии им припаѓаат на Македонија, односно на Србија. Тие сакаат формално да се преведат под меѓународно покровителство во име на т.н. "Голема Албанија" за едни или "Големо Косово" за други. А најгласните поборници за елиминирање на таа идеја се премиерите на Скопје и Белград и нивните втори ешалони - Бучковски и Човиќ. Време е некој да им застане на патот? Како?

Радикалите не применуваат демократски и дипломатски средства, тие одговорот го даваат преку силата на оружјето и методите на тероризмот. Оттука доаѓаат и предупредувањата за можни атентати врз водечките политички личности на Република Македонија и Србија и Црна Гора. За да не дојде до тоа и за да не можат злите сили да ја остварат идејата, треба да се направат опсежни анализи за да не се повтори случајот со екс српскиот премиер, Зоран Ѓинѓиќ, кој беше убиен во центарот на Белград под тотална незаштитеност од сопственото обезбедување. Но, држат и ставовите и видувањата дека опасноста по политичките личности не доаѓа само од новоформираните терористички единици во кризните подрачја, туку дека и луѓе од нивното потесно опкружување се заинтересирани за елиминирање на носечките личности од политичката сцена, пред се од криминално-корупциски побуди. Значи опасноста е двојна. Тероризмот денес е испреплетен со другите современи девијации од типот на криминалот, корупцијата, митото и финансиските малверзации. Тој веќе не може да се препознае во кристално чиста форма и во засебен облик. Агресивно и тајно настапува во разноразни форми и затоа е тежок за откривање во каков облик би се појавил и кои позиции би биле на удар. Балканскиот тероризам е многу повешт и попрактичен од оној во Авганистан или Ирак. Зошто? Пред се поради фактот што дејствува во една полутајна и затскриена форма што ги доведува групациите во позиција ем да ја остварат својата цел ем да не ја изгубат поддршката од меѓународната заедница. Со тероризмот на Блискиот исток ова не е случај. И Хамас и Исламски џихад и Ал Каида ја немаат поддршката од ниту една земја во светот и се наоѓаат под удар на сите релевантни политичко-дипломатски субјекти. Затоа балканските мрежи имаат поповолна позиција за нови маневри. Можат да киднапираат луѓе, да изнудуваат рекет, да прават атентати, да напаѓаат полициски станици, а притоа да немаат посериозни забелешки од западот освен блага и безначајна осуда за стореното дело.

ИЛУЗИИТЕ НА ЦРВЕНКОВСКИ

Како да се протолкува новиот гаф кај полициските структури кај нас кога беа киднапирани припадник на МВР и цивил од т.н. Чакала? Наводно, прво тепале, а потоа биле разоружани, па самите добиле ќотек. Смешно и жалосно. Стратегијата на Хари во лер. И потоа се огласија челниците на ДУИ да посредуваат за ослободување на полицајците. Се растрча целиот липковски корпус на пратеници од ДУИ да го спречи скандалот кој го направија нивните довчерашни соборци од ОНА. И успеаја. Шаќири и неговите сопартијци успеаја да го натераат Чакала да ги ослободи заробените. Тоа е знак дека ДУИ се уште има влијание врз нерасформираните членови на криминално-терористичките групи и кога & е потребно може да дејствува преку нив. Тоа е сигнал за македонскиот дел од власта дека утре или задутре неговиот партнер од албанска провиниенција може да го претвори во класичен заложник на албанската кауза. И нема да може да изнајде решение за совладување на проектот. Ако утре нешто тргне надолу во коалицијата меѓу Ахмети и Црвенковски во тој случај ДУИ повторно ќе работи преку своите теренски сили кои сега имаат некаков криминален облик. Ќе провоцираат, ќе киднапираат и убиваат за да можат нивните политички претставници да имаат подобра позиција во преговорите. А работата оди натаму. Треба да се донесува новиот закон за локална самоуправа, се бара скопска општина Кале, македонскиот дел не се согласува со тоа, па оттука веројатно е дека формациите повторно би се активирале за да му направат простор на Ахмети. Случајот со киднапирањето од страна на Чакала е вовед во една таква епизода во државата. За бомбите во Скопје и да не зборуваме. Се случија во замислените граници на новата скопска општина Кале која ја бараат приврзаниците на ДУИ. Црвенковски тврди дека киднапираните биле ослободени без исполнување на ниту едно од барањата на т.н. командант Чакала, а во целата акција не учествувале и не преговарале припадници на коалициониот партнер ДУИ. Некој лаже. Кој е тој? Сето ова потсетува на ситуацијата од пред три години кога моравме војниците на северната граница да ги трампаме за еден класичен терорист. Тогаш Кљусев како министер за одбрана рече дека е подобро што војниците се вратиле дома живи и здрави отколку во лимени сандаци. Да, но каде е државната моќ и стратегија за достоинствено и професионално однесување? Какво лице тогаш прикажавме пред светот?

"Владата на Република Македонија кон ваквите поединци и групи ќе има нулта толеранција и тие ќе се соочат со целосната жестокост на безбедносните органи на Република Македонија", изјави Премиерот. Каде е жестокоста и во што таа се согледува? Во пасивноста на полицијата и во броењето на куршумите кој колку пукнал во Арачиново или Кондово? Нејсе. Ако ДУИ со своето посредство го натера Чакала да се опамети и да ги ослободи киднапираните тоа значи дека врската меѓу политичките и воените претставници на поранешната ОНА повторно проработија. Оттука, кој му гарантира на Црвенковски дека утре или задутре и тој нема да се најде меѓу киднапираните ако продолжи со реториката со која почнал за чешлање на терените во Кумановско и Тетовско. А рековме дека луѓето од тесното опкружување можат да се решат на такви акции за да си обезбедат подобри позиции во преговорите. Дојде времето за расчистување на ситуациите кои до сега се водеа со маски и под нечие затскриено покровителство. Да веруваме дека овојпат покровителства и спонзорства нема да има. Нека се игра со отворени карти до крај. Ќе летаат многу функции и фотелји. Но, одлучувачите нека стиснат заби и нека ги проголтаат тешкотиите. Како борците и хероите во "старите добри времиња".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"