Се влошува ситуацијата во Липковско

Драмата наречена "Ваксинце" започна по киднапирањето на македонските полицајци од страна на Авдула Јакупи, т.н. командант Чакала. Полицајците подоцна беа ослободени, а Црвенковски изјави: "Во овој момент на територијата на Република Македонија најбезбедно место за Чакала и неговите соработници е истражниот затвор во Шуто Оризари", укажувајќи дека "за таквите како нив, нема никаква подготвеност за отстапки, ниту за преговори".

По ваквата изјава на Црвенковски, се случија три силни детонации пред зградата на Владата, пред Судската палата и кај касарната "Илинден", а полицијата презеде акција за пронаоѓање на т.н. командант Чакала. Големи полициски сили се стационираа околу Ваксинце, а повеќе стотици жители го напуштија селото поради страв од вооружена пресметка.

Министерот за внатрешни работи, Хари Костов, го посети Арачиново. Костов речиси шест часа ги убедуваше претставниците на локалната власт дека полициската акција е насочена против Авдула Јакупи - Чакала и сличните на него, а не против населението. Поради влошувањето на безбедносната состојба седница одржа Советот за безбедност, а неговите членови ја поддржаа определбата мултиетничките полициски патроли да ги преземат сите неопходни мерки за лишување од слобода на членовите на овие криминални групи кои го тероризираат локалното население. Во меѓувреме, т.н. АНА упати ултиматум да се повлечат македонските безбедносни сили во рок од 24 часа, во спротивно се закани дека ќе дејствува. Владиниот портпарол Чолаковски изјави дека ги поддржува акциите на полицијата и дека Владата нема намера да преговара со овие групи. И ОБСЕ го поддржува министерот за внатрешни работи и начинот на кој се справува со овој предизвик.

По истекувањето на рокот, на 2 септември, во 16 часот во Ваксинце беше одржана средба меѓу локалното население, припадници на т.н. АНА, дел од албанските пратеници, во присуство на меѓународниот фактор. На средбата било побарано повлекување на специјалните полициски сили од кумановско-липковскиот регион и замена со мултиетнички полициски патроли, доследна примена на Законот за амнестија на поранешните припадници на ОНА и прекинување на политички мотивирани судски процеси против нив, нивна ресоцијализација во општеството како и целосно спроведување на Рамковниот договор.

Ситуацијата се развива во насока која ние не ја посакуваме, но нема да дозволиме таа да ескалира, изјави претседателот на Собранието на РМ, Никола Поповски.

Портпаролот на Министерството за одбрана, Марјан Ѓуровски, изјави: "Министерството за внатрешни работи, со асистенција на АРМ, комплетно ја контролираат, а во координација со КФОР и го обезбедуваат граничниот дел на потегот во критичниот регион".

Албанскиот претседател Алфред Мојсиу и претседателот на Владата на привремената самоуправа на Косово, Бајрам Реџепи, ги осудија илегалните активности на екстремните групи во Липковско.

Подготвени сме да се бориме и да ја истераме македонската полиција и Армија од нашите територии, изјавил во телефонски разговор за италијанската агенција АНСА, Авдула Јакупи, командант Чакала.

Претепана и ограбена Македонка во Тетово

Савка Анчевска (75) од тетовската населба "Дреновец" била нападната во својата куќа. Разбојниците & ги врзале рацете и & ја затвориле устата, а потоа ја претепале и ограбиле.

Крвна одмазда

Убиството на 17-годишниот Бенан Бајзаровски, како што велат криминолозите, е класичен пример на крвна одмазда. Невзад Таировски со пет убоди од нож го убил својот сосед за да наплати за грабнувањето на неговата сестра од вујкото на убиеното момче.

Македонски печалбари во Ирак

Последниве недели Ирак стана една од најпривлечните дестинации за повеќе млади од Македонија, кои во процесот на обновата на оваа земја успеваат да најдат добро платена работа. Освен Ирак, привлечни работни дестинации во последно време станале и Авганистан, Џибути и Кувајт, земји во кои се стационирани контингенти на американските вооружени сили, а кои имаат потреба за дополителна работна сила.

Државата им должи на фирмите 15,6 милиони евра

Државата им должи на македонските фирми, по основа на невратен Данок на додадена вредност, вкупно 960 милиони денари, или 15,6 милиони евра, изјави првиот човек на Управата за јавни приходи, Зоран Васковски. Станува збор за најновите показатели со кои располага УЈП, а кои се однесуваат на периодот до 15 јули годинава.

Еколошка катастрофа во Македонска Каменица

Отпадните материи од олово-цинкова руда кои досега беа наталожени од височина од стотина метри во близина на рудниците за олово и цинк "Саса" во Македонска Каменица, неконтролирано почнаа да истекуваат и да се влеваат во Каменичка Река. Се претпоставува дека хаваријата била предизвикана како последица на поројните дождови, но и поради оштетување на каналот низ кој истекува јаловицата.

Сопругата го спаси Рубинчо

Ирина Зареска, сопруга на директорот на Фондот за здравство, повеќе не работи како стоматолог во Воената болница во Скопје. Нејзиниот сопруг Рубинчо останува директор на Фондот, се додека Управниот одбор на оваа институција не поведе иницијатива за негово разрешување. Во јавноста се шпекулира дека Ирина се жртвувала за својот сопруг.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"