овото фудбалско првенство веќе
започна.Почна трката за бодови во нашиот, морада се каже, најконтроверзен
спорт. Екипите одиграа две кола и веќе почнаа да влегуваат во посакуваната
форма. Според она како почна првенството, треба да се потенцира дека ако по
утрото се познава денот, тогаш барем според почетокот, во Македонија за прв
пат ќе гледаме едно неизвесно, квалитетно и можеби за прв пат ненаместено
фудбалско првенство.
Всушност, исполнувањето на последното нешто е и најважно како и основен
предуслов за тоа ова првенство да биде она што сите го посакуваме -
неизвесно и пред се поквалитетно од минатите единаесет.
СИСТЕМ
Една од карактеристиките за ова првенство е тоа што системот на
натпревари воопшто нема да биде сменет. Значи, паднаа во вода сите оние
претпоставки и шпекулации за тоа дека оваа година или барем од следната
бројот на екипите ќе се намали и дека ќе почне да се применува друг систем
на натпреварување. И за оваа година остана да се применува истиот трокружен
систем на натпреварување, не затоа што токму тој ги даде очекуваните
резултати, туку се сметаше дека за еден систем да ги даде резултатите кои се
очекуваат од него, тој треба да се применува подолго време, а и поради тоа
што се уште во Фудбалската федерација на Македонија владее размислување дека
токму ваквиот начин на натпреварување е оној кој најмногу соодветствува со
македонските фудбалски прилики.
Интересно е да видиме дали оваа година ќе профункционира Одборот на
прволигаши и дали конечно клубовите кои и се најгласни за регуларноста или
нерегуларноста на првенсвото ќе ја земаат организацијата на првенството во
свои раце. Сите знаеме дека работата токму на овој Одбор на прволигаши кој
беше конституиран набрзина беше апсолутно фијаско во минатата година. Немаше
кворум на седниците, а пак кога ќе се собереа доволно членови, тогаш се беше
само меѓусебно препукување за тоа кој колку платил за да се добие некој
натпревар. Дури имаше и една комична ситуација кога повеќе од половината од
клубовите изјавија дека првенството е местено, а не се презедоа никакви
мерки. На крајот се се заврши кога претседателот на ФФМ, Харалампие
Хаџиристески, мораше да го замрзне дејствувањето на Одборот на прволигаши.
Се надеваме дека оваа година нема да бидеме сведоци на такви изјави и на
такви, во најмала рака кажано, трагикомични ситуации - тој што го организира
првенството да изјавува дека истото е местено. Па, кој ли може да го намести
во таков случај?!
ФАВОРИТИ
Нови прволигаши оваа година се екипите на "Башкими" и "Маџари Солидарност".
Тие ќе ја бараат својата шанса за опстанок во најелитното друштво и барем да
си го осигураат опстанокот. Според познавачите на приликите, и оваа година
шампионот треба да се бара во екипите на "Вардар" кој со своите игри во
Европа покажа дека има екипа на која треба сериозно да се смета, потоа
секогаш амбициозниот тим на "Работнички Кометал" кој има силен спонзор и тим,
па тука е секако "Слога Југомагнат" кој доби силен спонзор и се обиде да го
реконструира тимот кој освои три шампионски титули. Исто така, треба
најсериозно да се смета уште и на прилепска "Победа" која постојано знае да
открие по некој нов талент и која има тим кој го гради подолго време и
секако екипите на постојано незгодните "Силекс" и "Беласица Герас Цунев".
Другите екипи ќе настојуваат да не отпаднат и да го задржат својот
прволигашки статус.
Во секој случај зголемувањето на бројот на претенденти за шампионската
титула може да донесе само екстра квалитет и дополнителна конкуренција и
ривалство помеѓу екипите што е секако добро за македонскиот фудбал. Сите ние
искрените вљубеници на фудбалот се надеваме дека оваа година ќе се направи
се за да има поголема посетеност на натпреварите и дека конечно и на
македонските терени ќе гледаме квалитетен фудбал.