СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

Житијата на сите досега познати македонски светители (17)

ДОСТОЈНИ НА ХРИСТОВИТЕ ПОРАКИ И ДЕЛА

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Свети Александар Солунски бил муслимански дервиш кој решил да се врати во христијанството!
  • Света Еликонида ги крши статуите со паганските идоли!
  • Свети Паисиј Хилендарски - македонски светител кого Бугарите го присвојуваат!

Продолжуваме со светиот новомаченик Александар Солунски (? - 1794 година). Неговиот празник се слави на 26 мај (стар стил), т.е. на 8 јуни (нов стил). Во неговото житие читаме дека свети Александар бил роден во градот Солун и дека бил христијанин, кој поминал во исламот. Отпрвин немал грижа на совеста заради ваквиот гест, па дури станал и дервиш. Но подоцна почнал да се кае заради тоа што отстапил од Христа. Така одлучил дека само со својата крв може да го избрише страшниот грев што го направил. Пред некои Турци јавно изјавил дека е христијанин поради што бил уапсен и подложен на сурово мачење. Бидејќи не сакал по втор пат да се откаже од Христа, бил осуден на смрт. Ова свети Александар го прифатил со радост затоа што сфатил дека Бог му простил и ја примил неговата жртва. Бил убиен во Смирна во 1794 година.

Страдањата на свети Александар Солунски подетално биле опишани од свети Никодим Светогорец. Не е познато кога точно тој заминал од Солун. Неговата судбина целосно се вклопува во историската вистина според која за време на Отоманската империја секој што сакал да помине од исламот во христијанството бил осудуван на смрт и бил убиван. Најверојатно за неговата смрт постои и автентичен турски судски документ.

Најзначаен настан во Македонија во времето кога живеел свети Александар е укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година и нејзиното претопување во Цариградската патријаршија со која управувале Грци.

СВЕТА ЕЛИКОНИДА

Нејзиниот празник се слави на 28 мај (стар стил), т.е. на 10 јуни (нов стил). Во нејзиното житие пишува дека била родена во Солун и дека уште од мала била воспитана да го љуби вистинскиот Бог Исус Христос. Во тоа време владеел царот Гордијан, а по него и Филип. Тогаш христијаните биле прогонувани. Света Еликонида отишла во Коринт и таму видела како луѓето им принесуваат жртви на идолите. Се качила на некоја височинка и почнала гласно да зборува дека не треба да се принесуваат жртви на идолите, туку дека сите треба да веруваат во вистинскиот Бог Кој ги создал небото и земјата. Паганите ја фатиле и ја одвеле кај началникот Периние. Тој почнал да ја убедува да се откаже од Христа и да им принесе жртва на неговите богови, но откако видел дека таа останува верна на Христа, наредил да ја мачат. Телото & било горено и сечено, но сето тоа херојски го издржала. Тогаш началникот & рекол дека ако им принесе жртва на неговите богови ќе ја направи служителка на божицата Дијана и ќе изгради златен столб со нејзиното име. Света Еликонида тогаш му рекла да ја одведе во храмот. Тој се израдувал и наредил да ја одведат. Света Еликонида им рекла на тамошните служители да ја остават сама во храмот за да принесе жртва. Тие излегле и ја затвориле вратата, па почнале надвор со труби и со тапани да слават затоа што успеале да ја преобратат. Кога останала внатре сама оваа Христова невеста почнала да ги крши статуите на тамошните идоли: Минерва, Асклепие, Венера и сите други. Вревата од кршењето не можела да се слушне надвор заради свирењето на трубите и тапаните. Кога виделе дека долго време не излегува од храмот, паганските свештеници влегле внатре и ги виделе статуите на своите богови искршени. На средината од храмот света Еликонида се молела на Христа. Разгневени веднаш ја извеле надвор и ја одвеле кај Периние. Кога слушнал што се случило, тој наредил да & ги исечат обете дојки и да ја фрлат в темница. Пет дена таа била во темница, а во меѓувреме Периние бил заменет со некој Јустин. И овој началник го продолжил нејзиното мачење. На крајот била осудена на смрт и главата & била отсечена. Пред да го напушти овој свет слушнала глас од небото кој & рекол: "Дојди ќерко моја! За тебе е подготвен венец и престол. Еве и ангелските хорови почнаа да пејат свечени песни по повод твоето доаѓање на небото".

Подоцна христијаните достојно го погребале нејзиното чесно тело.

Царот Гордијан што се спомнува во житието на света Еликонида владеел од 238 до 244 година, а царот Филип од 244 до 249 година. За света Еликонида се знае дека била погубена во 244 година. Не може да се утврди кога таа заминала во Коринт. Од историски аспект гледано веќе наведовме податоци дека Македонците во нејзино време и натаму ја чувале свеста за своето македонско потекло, иако веќе со векови се наоѓале под римска окупација. Идолите што овде се спомнуваат се паганските богови (Зевс, Аполон, Диноис, Атина и другите) кои со векови пред тоа биле славени од повеќе балкански народи. Во времето на света Еликонида паганските верувања се уште биле официјални во Римското царство, чии управители гледале опасност од ширењето на христијанството затоа што проповедало еднаквост меѓу луѓето, наспроти робовладетелските односи. Поради тоа христијаните биле жестоко прогонувани и мачени, но на крајот верата во Христа победила, па дури еден ден станала и официјална вероисповед во Римската империја.

СВЕТИ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН

Неговиот празник се слави на 29 мај (стар стил), т.е. на 11 јуни (нов стил). Во неговото житие читаме дека свети Јован бил роден во големиот град Солун во 1786 година. Неговиот татко исто така се викал Јован, а мајка му Томаида. Имал и постар брат кој се викал Теодор. Јован не умеел да чита, но брат му Теодор честопати му ги читал житијата на светителите кои тој со радост ги слушал и им се восхитувал. Поради сиромаштијата татко му отишол да работи во Смирна како чевлар, а со себе го повел и Јован. Еден ден, на 3 мај 1802 година, татко му го испратил Јован во градот по некоја работа, но тој не се вратил. Подоцна татко му разбрал дека Јован го примил исламот и дека бил наречен Мехмед, поради што многу се разочарал. Всушност, Јован не го примил исламот, туку се преправал дека го примил за да може на таков начин да пострада за Христа. По извесно време Јован се сретнал на улица со некој свој роднина, кој не сакал ни да го поздрави. Јован го прашал зошто не го поздравува, а роднината му одговорил дека тој е христијанин, а Јован муслиман и дека нема што да разговараат. На ова Јован му одговорил да причека петнаесетина дена за да види каков муслиман е тој. На 25 мај блажениот Јован јавно изјавил дека е христијанин и бил изведен на суд. Таму го величал името Христово поради што бил фрлен во затвор, иако имал само шеснаесет години. Бил убедуван да го напушти христијанството, но тој не попуштил поради што бил осуден на смрт и јавно погубен на 29 мај 1802 година. Христијаните го откупиле неговото тело и достојно го погребале.

Краткиот живот на светиот маченик Јован исто така ни зборува за приликите во тоа време во однос на христијаните. Постојат зачувани бројни турски документи во кои се опишани поединечни случаи на поминување на христијани во исламот, но и нивното каење и подоцнежно осудување. Некое идно истражување можеби ќе открие ваков документ и за судбината на младиот маченик свети Јован.

СВЕТИ НОВОМАЧЕНИК МАРКО

Неговиот празник се слави на 5 јуни (стар стил), т.е. на 18 јуни (нов стил). Овој светител се родил во Смирна (денешен Измир), но неговиот татко Хаџи-Константин бил Македонец од Солун. Мајката на свети Марко исто така била од Смирна. Марко бил оженет, но ѓаволот го натерал да падне во грев со некоја друга жена и да се одрекне од Христа, преминувајќи во исламот. Недолго потоа почувствувал грижа на совеста и со плачење отишол да се исповеда кај некој духовник. Во 1792 година со својата жена заминал за Трст и Венеција и таму повторно се исповедал. Потоа патувал и во други места. Решил маченички да пострада за Христа од кого пред тоа се одрекол. По советот од некој духовник заминал на островот Хиос, каде пред тамошните Турци јавно изјавил дека се одрекува од нивната вера и дека му се враќа на вистинскиот Бог Исус Христос. Веднаш бил изведен на суд. Судијата отпрвин се обидувал да го убеди да се откаже од Христа, но кога видел дека се залудни неговите напори, наредил негово мачење. Свети Марко бил жестоко мачен, но останал непоколеблив на својот пат кон мачеништвото во името на Христа. Поради тоа бил осуден на смрт и бил погубен на островот Хиос на 5 јуни 1801 година.

СВЕТИ ПАИСИЈ ХИЛЕНДАРСКИ

Неговиот празник се слави на 5 јуни (стар стил), т.е. на 18 јуни (нов стил). Свети Паисиј Хилендарски се родил во 1722 година во градот Банско (денешниот пирински дел на Македонија) во семејство на благочестиви христијани. Едниот негов брат Лаврентиј бил игумен на српскиот манастир во Света Гора, а другиот брат Волчо бил послушник во Рилскиот манастир. Во 1745 година свети Паисиј заминал кај својот брат на Света Гора, каде и самиот се замонашил. Таму се подвизувал и проучувал книги од разни области. Подвижничкиот живот го украсувал со пост, молитви и воздржување од спиење. Во 1762 година ја напишал книгата "Историја славјано-бугарска". Не се познати датумот и годината на неговата смрт, па затоа неговиот спомен се слави на денот на неговиот именден.

За состојбата во Македонија во 18 век веќе пишувавме. Свети Паисиј Хилендарски не е познат само како светител, туку видовме дека се занимавал и со пишување историја. Бугарите денес го слават како еден од своите први преродбеници заради тоа што ја напишал книгата "Историја славјано-бугарска". Оваа книга разни субјекти во Бугарија честопати ја користат како доказ дека Македонците се Бугари. Но, свети Паисиј бил етнички Македонец. Тој бил роден во Банско, а во тој крај никогаш не дошло до масовно населување на Бугари (посебно не пред и во времето во кое тој се родил и живеел). Поради тоа што овде правиме осврт на историските собитија што се случиле во времето кога дејствувале светителите што овде се спомнати, должни сме да дадеме неколку објаснувања за свети Паисиј, т.е. да одговориме на прашањето зошто тој напишал книга за историјата на Бугарите, иако бил Македонец? Најпрвин ќе кажеме дека неколкуте оригинални преписи од неговата Историја, што самиот тој ги направил, се смета дека денес не се зачувани. Понатаму, мнозина бугарски историчари од пошироката јавност го кријат податокот дека свети Паисиј всушност бил српски монах што престојувал во српскиот Хилендарски манастир. Рековме дека неговиот брат Лаврентиј дури бил и игумен во овој српски манастир.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"