о "Билет во еден правец", авторот
Кочов пишува дека историјата на Граѓанската војна е исполнета со многу
суровост кон Македонците под Грција и дека тие игри ги проектирале и воделе
тогашните лидери на КПЈ и КПГ.
Од денешна историска дистанца (откако минаа херојските времиња и сме како
полувековни заробеници), Граѓанската војна за нас Македонците главно може да
се оцени обејктивно, само ако од неутрално стојалиште ги анализираме целите
и резултатите на НОФ и АФЖ, кои ни покажуваат дека тоа беше трагедија на
затворен круг. Целите на НОФ и АФЖ (кои беа поврзани со глобализацијата на
светската идеологија) беа менувани во зависност под кој налогодавец
припаѓаше НОФ и АФЖ, а нашата судбина беше во рацете на КПМ/КПЈ и КПГ.
Резултатите на НОФ и АФЖ се крајно поразителни, рамни на национален пораз -
геноцид. Го изгубивме народот, македонската исконска прадедова земја за
навек. Уништен е националниот потенцијал со умислениот зафат "Педомазома"
кој беше рамен на политички терор само над македонските деца. Како награда
за нашето (само)жртвување во Граѓанската војна, ни беше доделен билет само
за еден правец, пишува Кочов.
ВИНА
По Втората светска војна, повеќе од јасно е дека Граѓанската војна се
изроди од комунистичкиот режим, односно лидерите (Захаријадис, Тито и Сталин).
Но, многу интересна комбинација е кога демагогијата и дневнополитичката
пишувана историографија ќе се спојат. Тогаш настапува двојна изобличена
историска стварност и не прави лекомислени во верувањето дека Граѓанската
војна (1945 - 1949) била епопеја (историски период и епохален настан) за нас
Македонците. Но, ако пристапиме кон анализа на фактите, ќе видиме дека на
политички план преокупацијата на НОФ иАФЖ, им била со систематска пропаганда
да го мобилизираат народот, на лажен начин да им внесат порив за војна и да
не го прашаат дали сака или не сака да војува, туку го водеа во чудни
конфликт. Ние Македонците, треба да носиме историска вина, зашто
дозволивме туѓинците да ни ги земат децата, оти со тој чин, дефинитивно
засекогаш се запечати судбината, развојот на македонското семејство и куќата
на Македонците под Грција. Има ли некој член од овие организации (НОФ или
АФЖ) кој рекол: Зошто војна?, пишува Кочов.
Авторот на "Билет во еден правец" објаснува дека во текстовите на нашата
историографија вештачки се уфрлуваат грчки или туѓи идеолошки детерминирања:
еласити, еамити, четници, боречки институции во егејска Македонија. Според
него, на македонските читатели дрско им се подметнувани фалсификуваните
историски факти со цел да бидат држани во заблуда во однос на македонската
историја и реалност.
Ние бевме мал народ во Грција, но и немаше никаков начин да ни помогнат
нашите Македонци кои живееја во другите држави, бидејќи тоа беше и бесцелно.
На светот не можевме да му се покажуваме и докажуваме со силата на оружје,
нашата сила требаше да ни биде умот, вредноста - да си го задржиме огништето.
Немавме интелектуален квантум, но имавме Македонци кои неизмерно си ја сакаа
својата земја, а идеологијата преку идеолошките активисти успеа да не насочи
во самоуништување. Се случи она антитрадиционалното - македонско,
потенцира Кочов.
ГРЕВОВИ
Авторот Стојан Кочов пишува дека НОФ и АФЖ минувајќи низ фазите на
времето кога припаѓале под налогодавците КПМ/КПЈ и КПГ, грешеле и правеле
големи гревови кон сопствениот народ.
Свесно или несвесно сите нивни постапки, целокупното однесување и сите
преземени (или непреземени) дејствија, не доведоа кон национален пораз,
односно кон самоуништување како краен резултат. НОФ и АФЖ (КПМ), се покажа
дека беа без јасна изградена политичка филозофија за тоа кои беа виталните
интереси на Македонците под Грција. Тоа ни го потврди исходот на настаните,
бидејќи ние Македонците не ги афирмиравме најсветлите вредности на нацијата:
од Македонци - во целата војна се изборивме како Славомакедонци, од
национални симболи ни трага, просто македонскиот народ се најде фатен,
спротивно на својата волја, а сето тоа остави длабоки психолошки рани во
колективната свест и душа на македонскиот народ под Грција. Но, најболното е
што до ден - денес тие кои не поведоа (НОФ, АФЖ, КПМ и КПГ) во Граѓанската
војна велат и жестоко се бранат дека било оправдано, пишува Кочов.
Тој потенцира дека по војната многумина сметале дека правдата на овој
свет ја нема.
Ако постоеше, додава Кочов, тогаш постоеше како правда на
моќникот (КПГ). Значи, правдата не е во правилноста, туку во моќта. Кој е
моќен, тој е праведен ( тоа многу важело и за комунистите). И денес
обратното не важи... Зарем толку не беа упатени овие наши стратези (КПМ, НОФ
и АФЖ) дека Големите сили и нашите соседи однапред имале алтернативно
решение за нас Македонците!!? Ние Македонците (преку организацијата НОФ, АФЖ
и НОМС) не ја креиравме и не ја создававме иднината, туку ја чекавме. Зошто?
Затоа што владееше фатална дезорганизираност на македонските позиции и така
Македонците под Грција станаа невини жртви на КПГ. По Граѓанската војна
дозволивме да ни биде избришано минатото, обезличена сегашноста и да не
бидеме присутни во иднината.
Авторот на "Билет во еден правец" го критикува односот на одредени
интелектуалци кон историјата.
Во овој полувековен период, токму од такви таканаречени ангажирани
интелектуалци (ако може така да се наречат) кои не само што учествувале (или
се уште учествуваат) во политичкиот живот и во поделбата на политичката моќ,
туку и како апологети (има и такви) го ставаат на коцка и сопственото
интелектуално кредо. Некои од нив толку многу се губат во политичките води (на
дневната политика) што интелектуалната доблест ја користат само како
демагошка вештина. Но, има и една друга група која работи зависно од
потребата на нарачателот и сопствените лукративни цели и потреби можеа (можат)
во еден период да афирмираат и да фалат едни идеи и факти, за во друга
ситуација да бидат најжестоки нејзини критичари. Оваа група западна во
ќорсокакот на своите неостварени амбиции да учествува активно во делбата на
политичката моќ, но поради сопствениот неуспех, константно се исполнети со
гнев, завидливост и нихилизам, заклучува Кочов.
(Крај)