ИСТОРИЈА

Македонската вековна борба за самостојна држава

ГОЦЕВАТА ПОРАКА Е БЕСМРТЕН ПАТОКАЗ ЗА ИДНИНАТА!

Пишува: Ламбе МАРТИНОВСКИ

  • Гоце Делчев млад загина, но неговото дело е гигант над македонското небо и ќе биде низ идните векови патоказ на генерациите како треба да се организира и да се бори за слобода.
  • "Којзнае дали има народ кој толку многу трпел од своите синови изроди како македонскиот... Власта е симбол на измамата, на насилието, на грабежот..." - Гоце Делчев.

Далеку од родната грутка, распарчената Македонија, со телото сме во Соединетите Американ-ски Држави, а со мислите во бубрегот на Балканот, со чемер во душата за иднината на најстарата библиска земја, земјата Александарова, земјата Самоилова, земјата на новородениот Ерусалим, апостолска татковина на безброј знајни и незнајни борци. Иако е во стегите на едно нечесно време, во стегите на мршојадците, таа воскреснува од едно разбитие и станува лулка на една прекрасна оаза. Таа се крева во висините на небото, во висините на светите браќа Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум, во висините на преголемиот Илинден и неговите јунаци.

Напојуван низ образованието во татковината ми Македонија, и друга литература, списанија и весници и особено делото на најмаркантната македонска личност, неповторливата засекогаш, Гоце Делчев, со плејада негови истомисленици, ме мотивира и заслужува да изработам сопствена, собна изложба за дејците од времето на Илинденскиот период, Илинденците, паднатите од НОБ, за жал без паднатите во војната 2001 година, а кои го положија животот за својата земја.

ИДЕАЛИ

Најголемиот македонски празник, односно стогодишниот јубилеј од востанието на македонскиот народ против тиранијата, а не против Турците, го поведе Гоце Делчев за самостојна Македонија.

Сто години е далечен период, но збиднувањата се пред нас како да се денес, зашто 2 август 1903 година македонскиот народ не смее да го заборави, бидејќи тогаш во Крушево на херојски начин беше продолжена вековната борба за македонска државност, а конечно на 2 август 1944 година да се означи македонската држава со признат самостоен идентитет, македонски јазик и сите други културни наследства.

На фотографијата се Илинденците, како и оние борци од НОБ кои ги втемелија своите животи кои загинаа за доброто на Македонија. Гоце Делчев млад загина, но неговото дело е гигант над македонското небо и ќе биде низ идните векови патоказ на генерациите како треба да се организира и да бори за слобода.

"Речиси цел ден и цела ноќ ние скршени го гледавме својот водач, легнат како жив, со глава наведната кон земјата. Тој небаре плачеше над својата судбина, над судбината на сите паднати како него, над судбината на цела Македонија", ќе напише Димо Хаџи Димов, револуционерот, за смртта на Делчев.

ЗАВЕТ

Го немаме Гоце, но затоа го имаме неговото дело, неговите мисли, актуелни и по еден век, а кои треба да го отрезнат македонскиот народ за иднината да ни биде среќна и долговечна.

"Којзнае дали има народ кој толку многу трпел од своите синови изроди како македонскиот... Власта е симбол на измамата, на насилието, на грабежот...", вели Гоце Делчев.

Неговото дело, со неговата придружна алеа на Илинденци и оние од НОБ и од 2001 година треба да не водат кон единствен и правилен пат, со слога, самопочитување, без предавство, Македонија ќе биде ако не империја од времето на Александар Македонски, тогаш независна држава во рамките на границите од 1913.

Треба да сме оптимисти дека визијата на нашиот Гоце Делчев ќе се реализира кога ќе бидеме, а ќе бидеме, член на семејството на Европа.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"