ИСТОРИЈА

Уште еден културен придонес кон чествувањето на стогодишниот јубилеј

ВЕКОВЕН ОПСТОЈ НА ИЛИНДЕНСКИТЕ ИДЕАЛИ

Пишува: Ружица ГОЧЕВСКА

  • Илинденското востание беше задушено во крв, но не беше задушен Илинденскиот идеал: слобода за македонскиот народ и слодобна македонска држава. Тоа беше копнежот на оние знајни и незнајни херои, на чии алови знамиња со златни букви пишуваше "Смрт или слобода".

Неодамна во издание на "Македонското научно друштво" и"Општинскиот одбор на сојузот на борците" од Битола излезе зборникот "Илинденски факел", посветен на јубилејот - 100 години Илинден. Низ една историска перспектива се доловуваат најзначајните датуми и личности од историјата на Македонија и македонскиот народ, се до денешната самобитност и самостојност.

Илинденскиот факел е трновит, но горд симбол на македонската непокорност и опстојба. Истиот е завет за идните генерации кои ќе ја наследат оваа богата и величенствена историска епоха.

Редакцискиот одбор има извршено една солидна систематизација на најзначајните настани од илинденскиот период и народноослободителната борба, а тие се поткрепени со илустрации, факсимили и научни трудови.

ВТЕМЕЛУВАЧИ НА МАКЕДОНШТИНАТА

На првите страници на овој труд се сретнуваме со основоположниците на македонската револуционерна организација како и нивните спомени за нејзиното создавање. Димитар Димески за Солунскиот конгрес на МРО (јануари 1903 година) истакнува: "Солунскиот јануарски конгрес на МРО, 1903 година, има пресвртно значење во историјата на македонското револуционерно националноослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Тој го покренал и трасирал круцијалното прашање за сеопшто востание".

Истото значење го има и Смилевскиот конгрес на кој ќе бидат усвоени главните решенија во врска со Илинденското востание.

Понатаму следат бројни написи за познати битки од илинденскиот период, како и ставовите на нашите Илинденци за борбата за слобода. Имено, Блаже Биринчето порачувал: "Ако имала тука земја Србија (српска), бугарска или грчка, требало да не чекаат ние да умираме по планините, но тие со војната да ја ослободеа Македонија, тогај може да бараат српска земја, или бугарска или грчка". Оваа порака на војводата јасно зборува за целите и стремежите не само на македонските револуционери и интелектуалци, но и на македонскиот народ за своја самостојна и единствена татковина.

Значајно место во оваа историска ретроспектива имаат и бројните коментари на странскиот печат и странските интелектуалци. Хенри Ноел Брејлсфорд за Илинденското востание ќе забележи: "Вистинското македонско движење е подготвувано од Македонци, водено од Македонци и потпомогнато од страсно сочувствување на огромното мнозинство словенско население. Одвај да постои село што не & се приклучило на Организацијата".

Женското учество има значаен придонес во борбата за слобода. Македонската жена уште еднаш се докажала со својата храброст, истрајност и хуманост. Имено, интересно е да се забележи дека знамето на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ е извезено од битолските учителки, интелектуалките: Фотинка Петрова - Тичето, Аспасија Димева - Јакимова, Анета Спирова - Олчева и Василка Стефанова - П. Христова.

ДУХОВНО ОБЕДИНУВАЊЕ

Ако Даме, Гоце, Питу ја извојуваа слободата преку сенароден бунт, македонските интелектуалци својот придонес го дадоа преку пишаниот збор, преку духовната порака за сплотување на сите Македонци. Мисирков, Чуповски, Чернодрински, се се тоа имиња кои на свој оригинален начин придонесоа за афирмација на македонското движење и на македонскиот глас.

Вториот македонски Илинден, 2 август 1944 година, отвори ново поглавје во македонската историја. Она што беше Гоце за Илинден, тоа беше Ченто за АСНОМ. Пораките од "Прохор Пчински" и Крушево денес ние, граѓаните на Република Македонија слободно ги живееме и гордо ги чествуваме.

Приказот на зборников ќе го завршиме со пораката од предговорот: "На хероите од двата Илиндена, на оние синови и ќерки што ја натопија македонската земја со својата крв, на страдалниците - затвораните, тепаните и интернираните, им го посветуваме ова јубилејно гласило. Сите тие се трајно впишани во Пантеонот на вечноста на македонската држава. Македонскиот народ се гордее со нив, ги носи со себе и во себе и ќе им биде вечно благодарен".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"