ИСТОРИЈА

Македонија забележана на старите мапи

ПРОПАГАНДИТЕ ЈА ЗЛОУПОТРЕБУВАЛЕ ДУРИ И КАРТОГРАФИЈАТА

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Интересно е што кај сите карти, иако не со голема точност, но сепак приближно, во глобала е прикажана Македонија во географско-етничките граници. Тоа е најчесто во географските и тоа од реката Неста на исток се до Црн Дрим и Охридското Езеро на запад. Северната граница е од Шар Планина на север до Егејско Море и Олимп на југ. Скоро во сите карти Македонија била одделена со граници, а во политичките карти и со посебна боја од соседите. Во рамките на овие споменати географско-етнички граници, Македонија претставува посебна целина, вели географот Илија Петрушевски.

Македонија си постоела од дамнина, гордо носејќи го своето име, а како доказ за тоа се и старите мапи на кои е исцртана Македонија и областа која ја опфаќала обележана токму под денешното име.

Македонија во минатото наоѓајќи се во средиштето на тогашниот културен свет привлекувала внимание и кај картографите. При првото прикажување на Македонија на карта била прикажана само реката Вардар и градот Солун. Прва подетална карта на Македонија е изработена од Птоломеј во вториот век. Оваа карта обилува со податоци. На неа се запишани имињата на населби од времето на античка Македонија, планини и реки. Обилува со податоци од античките градови на античка Македонија, вели Илија Петрушевски, географ и автор на книгата "Македонија на стари мапи".

Имаме интересни топографии кои ги означуваат имињата на денешните населени места како и на реките. На пример, под Скупи се подразбира Скопје, Едеса се однесува на Воден, Лихнидус - Охрид, Неаполис - Кавала и т.н. Потоа се прикажувани и градови кои денес не постојат: Стоби, Хераклеа, Пела, Филипи и др. Реката Вардар го носи името Аксиус, Црна - Еригон, Бистрица - Алиакмон, Места - Нестус и др. Од планините името Скардус се однесува на Шар Планина, Орбело - Осогово, Пинд - Пинд, и уште некоја, потенцира Петрушевски.

Според него, втора карта која е исто така интересна е картата од средината на 4 век, поточно од 350 година од римскиот картограф Касториус.

Тоа е за нас една доста необична карта која е широка 24 - 25 сантиметри, а долга е 6 - 7 метри. На оваа карта е прикажан тогашниот познат свет почнувајќи од Велика Британија, па се до Индија. Тука, покрај другото, е спомената и Македонија. Впрочем, ова е карта на патишта која првенствено ја користеле трговците и патниците во минатото. За нас е многу важно тоа што со оваа карта е обележано и растојанието на населбите искажано во милји. По оваа карта настанува еден застој во картографијата. Картите во тој период почнале да се прилагодуваат првенствено на црквата, вели географот Петрушевски.

Од овој период битно е и да се спомене и картата на арапскиот географ Идриз. Овој автор не користи антички имиња за населба и слично. Интересно е да се спомене дека во неговата карта е забележана реката Вардар како Фардари, а Охрид како Акрида, Кратово - Коритус и слично. Картата исто така е пишувана во јужна ориентација.

Бидејќи картата на Идриз била пишувана на арабица, писмо, непознат за Европејците, останала анонимна, заклучува Петрушевски.

ГЕОГРАФСКИ ОТКРИТИЈА

Веќе со географските откритија почнуваат да се прават доста добри и детални карти.

Во 1460 година авторот Гесталди во својата карта ни дава доста податоци каде стои Акрида за Охрид, Вардар - Вардар, Битоли - Битола, Пирлип - Прилеп, Димир Крст - Демир Капија, Водина - Воден и слично.

Со оваа карта добиени се појасни контури за населените места. По него значајна е и картата на доста познатиот Герхард Меркато наречена како карта на Македонија, Епир и Ахаја. На оваа карта исто така во доста детали е прикажана Македонија, но со оглед на фактот дека во картографијата доста е застапено плагијатсвото, тој се угледал на картата на Гесталди, но надополнети со нови податоци кои најчесто биле добивани од трговци, патници и слично, подвлекува Петрушевски.

Во картографијата, според авторот на "Македонија на стари мапи", значајна е и картата на Џакомо Кантели. Тоа е првата карта од 1689 година каде е прикажана само Македонија во нејзините тогашни географски граници со насловот La Macedonia. Во својата изработка тој користел и антички и современи карти, така што се обидува кај населбите да даде и назив согласно со античкото име, но и со современото. Овој картограф не само што изработил карта за Македонија, туку тој изработил и посебни карти за сите балкански држави.

ПОДЕТАЛНА КАРТА

Сепак, прва подетална карта за Македонија е картата од 1822 година од Французинот Александар ла Пие. Во тој период, бидејќи Наполеон бил заинтересиран и за Турската империја во рамките на Европа, испратил луѓе во тие области за да извршат теренско снимање. Тогаш Александар ла Пие изработил карта на европска Турција во 15 листа. Размерот бил 1 : 760.000 и веќе ги покажува и селските населби, потенцира географот Петрушевски.

Картата од Александар ла Пие подоцна била искористувана од многу автори, пред се од Австриецот Вајс, германскиот картограф Кипер, Французинот Ами Бус и други. Тие изработуваат карти чија основа е токму картата на Ла Пие. Од 1850 година веќе почнуваат да се изработуваат и воените карти. Во тој период Австро-Унгарија изработува и топографски карти со сразмер 1:200.000 каде се забележани и селските населби. Ова е особено значајно за нас, бидејќи на овие карти се забележани и селските населби во Егејска Македонија коишто денес, како што е познато од политички причини, се променети. Сепак, тие се доказ за тоа какви имиња тие во минатото имале.

Картите по својата содржина се поделени на географски, политички, историски и етнички. Интересно е што кај сите карти, иако не со голема точност, сепак приближно, во глобала, е прикажана Македонија во географско-етничките граници. Тоа најчесто географски е од реката Неста, па се до Јадранското Море. Во другите карти се движи по западната страна од Црн Дрим, а северната граница Шар Планина, а на југ Халкидик и Олимп и на исток до реката Неста. Скоро во сите карти Македонија била одделена со посебна боја од соседите во рамките на овие споменати географски граници, претставувајќи посебна целина, вели Илија Петрушевски.

Според него, интересни се и етничките карти кои ја прикажуваат Македонија после 1850 година, односно од 19 век. Етничките карти, впрочем, покажуваат кое население живее на еден простор. Па се појавуваат два вида етнички карти: пропагандни и реални. Пропагандните биле просрпски и пробугарски, додека реалните ја покажуваат реалната состојба на населението кое живее на македонската територија. Просрпските карти, на пример од авторот Спиридон Гопчегиќ, прикажуваат дека на просторот на Македонија живеат Срби, додека на пробугарските карти, на пример од авторот на Канчов, населението е прикажано како бугарско.

Гледајќи ги просрпските и пробугарските карти, сигурно ќе се прашаме дали е можно еден ист народ еднаш да биде српски, еднаш бугарски? По тоа може да се види и колкава е веродостојноста на пропагандните етнички карти. Во подоцнежните реални карти, првенствено на антропогеографот Јован Цвијиќ, Македонија е одделена како територија на посебен народ кој не припаѓа ни на Србија, ни на Бугарија, подвлекува Петрушевски.

Инаку, историските карти најмногу ја прикажуваат античка Македонија. Таква е картата на Лауеренберг која се вика "Македонија - татковина на Александар Велики".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"