Критериум на "влакно во јајцето"

(Повод: "Проектите на 'Дион' не ги задоволија критериумите", 18 август, "Дневник", стр. 7)

Кога постоиш за да & служиш на македонската култура и кога едно од твоите главни задачи е да ги распределуваш парите на граѓаните собрани од радиодифузна такса, би требало да имаш морал, критериум и одговорност за својата дејност. Сум видел доволно проекти финансирани од Советот за радиодифузија кои имале белег на просечност, ординарност, и за кои човек ќе се запраша зошто воопшто се финансирани, или такви кои ги режирале луѓе без соодветно образование и ученост. (На пример, драмска серија за деца режирана од правник одеше на "Сител" пред некој месец). И нели јавна тајна е дека "Советот е корумпиран", дека најголем број од филмските работници немаат доверба во критериумот и распределбата на народните пари од поединци од тој совет. Впрочем, секој може да повели и да се распраша за тоа.

За таквите работи и "Скрб и утеха" и продукцијата "Дион" го дигнаа својот глас кога се одбиваат нашите проекти со автори кои имаат меѓународни фестивали и награди кои ја претставувале нашата култура и на меѓународно ниво. Токму за тоа и се жалевме, заради критериумот? Кој се може да добие проект од јавен интерес?! Луѓе професионалци со соодветно образовани и меѓународно искуство или, пак, кој било, кој не е дури ни наобразован за тоа.

Заради тоа, одоворот на Секторот за односи со јавноста при Советот за радиодифузија е како барање влакно во јајце. Дека "режисерската експликација била само на половина страница", дека "не се дадени никакви режисерски назнаки за начинот на кој ќе биде реализирано сценариото", дека "7 страници должина на сценариото не одговара на замисленото времетраење на проектот"(?), дека "без јасна концепција се испреплетуваат ликовите од најразлични времиња"(?) во однос на Проектот "Свето место", филм за баба Ванѓа и Македонците во Пиринско.

Во однос на вториот проект "Грнчаровата нива", сценарио според мотивите на Кочо Рацин, тие велат дека "експертите укажале за отстапување на историската вистина"(? - ние не снимаме историски филм!) или "во сценариото, во режисерската експликација имало премногу предубедувања" или "целата идеја имала премногу предубедувања"(?). Несомнено одговор пишуван од "лаик" кој не ја познава природата на филмското творештво.

Како прво, режисерската експликација за "Свето место" е половина страница и во неа има се што е потребно. Дадени се режисерски назнаки доволно за да се видат ако се сака тоа. Седум страници текст се за играниот дел, сценариото содржи и документарен дел - изјави на луѓе кои ќе раскажуваат за средбите со мајка Ванѓа. Затоа филмот би требало да трае 40 минути. Точно е дека се испреплетуваат ликовите од најразлични времиња. Па тоа е филмско сценарио за една света и видовита жена кај која минатото, сегашноста и иднината се едно.

Што се однесува за "Грнчаровата нива", сценарио според поезијата на Рацин, аргуметите на Секторот за односи со јавноста на Советот за радиодифузија се "страшни"?! И сталинистички. Сме отстапувале од историската вистина, рекле експертите? Кои експерти? Идејата имала предубедувања? Прво, каде пишува дека ќе снимаме историски филм? Второ, "уметноста ги прикажува работите не онакви какви што се, туку онакви какви што би можеле да бидат" (Аристотел). Трето, сценариото е пишувано според поезијата на Рацин, во него се појавуваат ликови од поезијата на Рацин, како Ленка, Фиданка, Духот на Рацин, птицата, Војникот, мајката... Впрочем, тоа го пишува во сценариото - дека се испреплетуваат поетското и реалното.

И на крајот, "убави мои", одбивте проекти на режисер со три меѓународни награди и десетина фестивали, и сценарист со меѓународно искуство, продукција која со лично присуство ја претставуваше Македонија во Сараево, Солун и Измир. И уште еднаш пред Бога - по кој критериум одлучивте? Дали некој од тие на кои им одобривте проекти го имаат тоа? Дали на тој начин сте & полезни на македонската ТВ - продукција?

Нешто поужасно е ако ви пречат македонските теми за кои се обидува да проговори "Скрб и утеха". Како, на пример, баба Ванѓа и Македонците од Пиринско, или пак поетските сомнежи на Коста Солев Рацин?!

Без предубедувања,

Уметнички директор на К.Ц. Скрб утеха,

асистент на ФДУ - Скопје,

Тихомир Стојановски


Патувај, сонувај со - Тереза

Така некако би изгледал рекламниот слоган на агенцијата "Нов почеток - Тереза ги создаде Скопје, Рим и се во светот!". Оваа агенција е во фаза на создавање, а во неа ќе членуваат премиери, амбасадори, писатели, некои новинари и сите заинтересирани за римокатолизмот.

Боже, се прашувам: луди ли сме или таков ни е имиџот? Имајте милост, господа, горенаведени! Имајте милост, православни Македонци (ако сте такви)! Имајте еден грам жал, љубители на сонцето (кое не верувам дека сте го виделе поради вашето духовно слепило)! Покажете малку, барем малку (и тоа лицемерна) љубов кон нас, трезвените непочитувачи на Тереза! Оставете ни малку простор за живеење и малку чист (од животот и "големите дела" на Тереза незагаден) воздух! Дајте ни можност да работиме на големиот процес, наречен - градење на внатрешниот мир! Па, така, со внатрешен мир да им се радуваме на своите православни големини: Светители и светителки, маченици и маченички, Просветители и просветителки.

Не се надевајте на тоа дека - сто пати кажана лага станува вистина. Не! Тоа го измислил некој како вас. Сто пати кажана лага, станува нај, нај... најголема лага. Не постои таква граматичка форма (суперлатив на n-та) за да ви доловам каква лага е!

Повторно се прашувам: Боже, мегаломанија ли е оваа состојба, терезоманија или пак додворување на "авторитетите" и "силите". До скоро тие што не ослободија од многубоштвото, незнабоштвото и паганизмот, тие што не осенија со духовна светлина, што ни подарија култура и писменост, тие истите беа третирани како обични "студенти" на нашиот универзитет, бидејќи нивниот споменик во универзитетскиот двор го поганеше кој ќе стигнеше - и луѓе и животни. Дури и обраќањето кон нив беше како обраќање до "колеги" - Кирил и Методиј! Устите што сега ја воспеваат Тереза како блажена, тогаш беа залепени со црвен лепак и не можеа да изговорат - Свети. Сега се навежбаа, но епитетот го употребуваат за погрешни лица. Не помнам дека тогаш, од јад пукна нечиј стомачен чир. А, сега?

Премиерот го изненади папата со ексклузивни фотографии, видео снимки и друг материјал за Тереза. Добро е (среќа во несреќа) што не се реши да му подари некоја стара (и со пари безвредна) икона или некој стар ракопис од нашите манастирски препишувачки училишта. Такви на времето, се продаваа или подаруваа, не знам што е поправилно, во Ватикан. Сега Ватикан, замислете си, имал една од најголемите библиотеки во светот. Браво! Пет споменици во Скопје, три во Рим, шест во Калкута и дури десет во Токио, е целта на некои Македончиња. Зошто тие Македончиња не сакаат да пораснат, да станат Македонци, да го отворат ковчежето и своите градителски амбиции да ги пренасочат кон лекување на крвавите рани кон Лешок, Матејче...? Или можеби, по некој денар, за семејствата на загинатите. Што мислите за тоа?

На колку места се обидов да најдам одговор, но не успеав. Најискрено прашувам: Каде беше Тереза во 1962 и 1963 година, дали и колку му помогна на нашето сакано Скопје?

И уште нешто. Се готви ли некој за нова унија со римокатолиците? Ако е така, кажете ни, за да знаеме како да реагираме.

Борис Кривошеев


Итно поништување на Букурешкиот договор!

На 10 август 2003 година се навршија 90 години од потпишувањето на Мировниот договор во Букурешт. Според "Унијата за култура на Власите во Македонија" истиот претставува најштетниот, најтрагичниот и најнецивилизирачкиот акт со кој Романија, заради свои ситни територијални заграбувања, окрузите Салистра и Калиакра (т.н. Јужна Добруџа), ги продаде интересите на Власите кои наводно сакаше да ги помогне со штетната, а божем корисна пропаганда што ја водеше во периодот 1864 - 1945 година. Со овој потег, Романија отворено се разоткри дека е на фанариотски позиции и дека цело време повеќе ја помагаше грчката кауза отколку што навистина сакаше да ги помогне Власите.

Со Букурешкиот договор, а заради ненаситните апетити на романската, грчката, бугарската и српската буржоазија беше поделена и разграбена и Македонија без да бидат прашани Македонците и Власите, сите кои беа доминантно население на овие простори.

Поради погоре наведеното, Унијата за култура на Власите од Македонија пред меѓународната демократска и цивилизирана јавност, од големите сили, членки на Советот за безбедност на ОН и Германија, од Европската заедница, од Советот на Европа, ОБСЕ, Пактот за стабилност и соработка на Југоисточна Европа, Меѓународната кризна група и сите научни институции и влијателни личности од Европа и светот, излегува со следното барање: Букурешкиот мировен договор да биде поништен, а заклучоците да бидат прогласени за трагедија на дваесеттиот век за Балканот и особено за влашкиот и македонскиот народ и со тоа да се поништат сите штетни остатоци по овој простор. Букурешкиот мировен договор веќе самиот по себе е невалиден и погазен и поради следното:

1. Со Договорот од Крајова (Романија) од Романија беа одземени двата окрузи заграбени од бугарската територија, Силистра и Калиакра, и истите беа вратени на Бугарија, со што се исправи едната неправда;

2. Во 1944 на АСНОМ беше прогласена Федеративна Народна Република Македонија и со тоа Србија го загуби заграбениот дел од Македонија, а со прогласувањето на независност на Република Македонија со Референдумот од 8 септември 1991 година таквата состојба беше и меѓународно призната и потврдена, со што се исправи еден дел од нанесената голема неправда кон македонскиот народ.

Со овие два разумни потези, сам по себе Букурешкиот мировен договор е невалиден и ништовен, па затоа бараме:

1. Големите светски сили - членки на Советот за безбедност на ОН и Германија да свикаат Меѓународна конференција за Балканот на која и во целост ќе се поништат заклучоците на Букурешкиот мировен договор;

2. Да се преиспитаат некои од заклучоците на Берлинскиот конгрес со кои на Грција неправедно & беше "подарена" Тесалија (затоа што и Босна и Херцеговина веќе не припаѓа на Царството Австро-Унгарија на кое му беа отстапени тие територии);

3. Да се направи нова, праведна, демократска и цивилизирачка распределба на териториите на Балканот со што ќе се создадат можности и влашкото прашање да биде праведно решено.

Власите уште бараат Парламентот, Сенатот, Владата и Претседателот на Романија да им се извинат на Власите за големото предавство заради свои ситни интереси, со што им нанесоа големо и нехумано зло и ги турнаа во ужасните несреќи до геноцид, претрпени за време на Првата и Втората светска војна како и во Граѓанската војна во Грција од 1945 до 1949 година, како и да се откажат од узурпираното право да се поставуваат како патрони на влашката судбина без тоа некој да го бара од нив - а за тоа да гарантираат големите сили, организатори на Конференцијата.

Унија за култура на Власите од Македонија


Манастир под клуч, венец на караула

Што паметно да речам освен дека не ни е првпат да се бламираме пред другите. Ако некој ни удри шлаканица, ние со задоволство ќе дојдеме за да го свртиме и другиот образ.

На најсветиот македонски празник Поповски и Илинка дојдоа да се поклонат на караулата од северниот сосед и ништо повеќе! Од другата страна, пак, внатре во манастирскиот комплекс пееше и беседа држеше, никој друг туку расчинетиот Јован, пуштен од затвор, токму на време, за да го навреди целиот македонски род, на радост на српските попови. Тој даде изјава која ја пренесуваа сите српски медиуми, а дел од неа ќе ви ја пренесам: "Македонската црква е шизматична организација која ја водат лажни епископи, на кои не им е грижа за Македонија".

Да не беше таква ситуацијата кај "Св. Прохор Пчински", ние Македонците од Србија немаше ни да знаеме дека во нашата татковина е голем празник - 100 години од Илинден. За јубилејот не можеше да се најде ниту збор во дневните весници или телевизии, а камоли Србија да ни го честита празникот Илинден. А што сме ние тука меѓу нив, граѓани на Србија и на Црна Гора кои живееме и работиме со сите други.

Во исто време на 2 август Македонската заедница од Хрватска имаше свој термин на државната програма и на нашиот празник му дадоа мошне големо значење. На неа дури имаше емисија за македонските прогонети деца од Егејска Македонија, меѓу кои бил и еден познат сликар кој сега живее во Истра. Исто така на Црногорската телевизија имаше македонска програма, а во Србија: недоразбирања, инает и разни понижувања.

Заклучокот на Поповски и Миќуновиќ дека состојбите се подобруваат се далеку од реалноста и секој коментар е излишен.

Дали ние Македонците во Србија сме граѓани од втор ред? Не, ние за власта во Белград не ни постоиме! Нив можам да ги разберам, но не можам нашите, во Скопје и Амбасадата во Белград. Никој од нив ништо не прави за да бидеме почитувани како Македонци.

Македонскиот народ има два проблеми:

1. Лош однос кон своето;

2. Не сме свесни за последиците.

Илинден помина, нашата плоча не е вратена на своето место, но тоа никому не му пречи. Јован Вранишковски јава и понатаму, а Србија подготвува документи за поминување на српски попови низ Македонија. Ќе биде добро ако некој од ова извлече поука.

Нека ни е долговечна Македонија, во ликот и делото на Илинденците!

Сашо Илиевски, портпарол на Заедницата на Македонците во Србија и Црна Гора


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"