ФОРУМ

РАДИКАЛИЗАЦИЈАТА НА АЛБАНСКИТЕ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ НЕМА КРАЈ

Митко Јованов, дипломиран политиколог и постдипломец на Институтот за историја на Филозофскиот факултет

Сметаме дека охридскиот Договор не се спроведува во дело, затоа ние поставивме за цел во нашето дејствување Албанците да го добијат правото на самоопределување што би значело и отцепување од Македонија".

Тоа е новата политичка агенда што си ја постави ДПА со старите челници. Но им се придружува и ПДП која е опзициона партија и која истото го изјавува. Тоа се новините што ни ги упатува албанскиот опозиционен блок. Но, дали воопшто можете по толку години политички плурализам во државата да созреете политички или станува збор за осмислено политичко дејствување на овие две политички партии. Кога овие партии беа во власта, тогаш нивниот радикализам омекнуваше или пак се оставаше на страна. Дали воопшто знаете поинаку да дејствувате кога сте во опозиција? Имате ли нешто друго да им понудите на граѓаните до кои се обраќате и настојувате да ги добиете нивните гласови, или радикализмот е вашето единствено дејствување за да дојдете на власт. За жал, изминативе години тоа и се покажа. Во првите години на независност, прво ПДП прогласуваше спроведување на референдум за прогласување "Илирида", како и паравоени формации. Потоа откако се акомодира во власта сето тоа остана минато. Но, таквите постапки ги продолжи подоцна издвоеното крило од ПДП кое се регистрира во нова политичка партија, односно ПДП-НДП која сега е ДПА. ДПА беше главниот носител и промотор на албанскиот радикализам, познати се нејзините постапки во насока на поддршката за формирање на парауниверзитетот во Мала Речица, потоа истакнувањето на албанското знаме пред општините во Гостивар и Тетово, спротивно на Уставот и Законот што доведе до интервенција на полицијата.

Дојдоа изборите во1998 година, ДПА станува коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ и влегува во власта. Во тој период во ПДП има внатрепартиски превирања. Но, тоа е периодот кога носител на радикализмот кој доведува до војната е ОНА, така што просторот на радикализирање целосно го покрива и монополот го има ОНА. За ПДП во тој период нема простор а и влегува во власта со формирањето на широката коалиција.

ДПА од 1998 година се скротува во власта и заедно со коалициониот партнер ги прокламираат релаксираните меѓуетнички односи кои никогаш дотогаш не биле на тоа ниво. Но, власта значи и бројни обврски и многу можности. Така, раководството на ДПА е во полн капацитет на максимално користење на можностите кои јасно се дефинираат со нивниот партнер во власта. Така нивниот радикализам од опозиционото време не се препознава по кој нивниот електорат им ги даде гласовите мислејќи дека тоа е начинот да им се подобри животот. ДПА радикалното однесување го заменува со криминално и притоа се наоѓаат на иста бранова должина со коалициониот партнер. И што произлегува од таквото нивно однесување, односно владеење, секако крајно негативно по државата. Тие се што ги држат работите во сопствени раце во западниот дел од Македонија, но ништо во однос на подобрување на состојбите во коишто живее и албанското население освен оние кои од албанската популација им се најблиску до двоецот Џафери - Тачи.

Откако се случи тоа што се случо, по војната односно потпишувањето на охридскиот Рамковен договор, со што Македонија ќе се гради по негов урнек, и по изборите и губењето катастрофално на ДПА, на истите во кои тримфираше ДУИ (трансформираната ОНА, ДПА) не може да се најде себеси во политичката атмосфера. Што друго ако не повторно радикализам и доследни на своето однесување тие стануваат радикални со тоа што ќе се залагаат за отцепувањето на територии од државата. Но, можеби и не станува збор за феномен на опозиционо однесување на албанскиот политички фактор, туку за осмислена политика која се одвива по некој редослед на нештата се до остварувањето на целта. Но, како и да е, не е релевантно пред правниот систем, туку е битно неговото санкционирање.

Но, зошто токму тоа се случува во Македонија? Секако, тоа е резултат на слабоста на државата. Доколку државата е стабилна и функционална, тогаш нема да си го дозволат овие партии нивното дејствување. За жал, оваа држава по повеќе од една деценија независнот се уште ги остава работите да се одвиваат противзаконски и во функција на дневнополитички цели. Треба да стане јасно дека или ќе биде функционална држава или таа нема да постои. И еднаш треба да му се стави крај на силувањето што го вршат континуирано албанските политички субјекти врз државата. Или ќе дејствуваат конструктивно во согласност со уставните и законските норми на државата и со нејзино доследно почитување, или државата ќе си ги земе работите во свои раце и да им стави крај на ваквите дејствија.

"Грешевме. Сега зад нас е едно големо искуство. Имаше крлежи кои ни се прикачуваа, но и сончогледи".

Ова се дел од изјавите на Бранко Црвенковски по губењето на изборите во 1998 година. "Македонија е се што имаме. Ќе вработиме најмалку по еден член од секое семејство". Тоа се дел од слоганите од последните парламентарни избори на кои народот му ја даде повторно довербата на СДСМ. Народот ќе ја земе судбината во свои раце, но народот ви ја даде Вам судбината. Време е веќе народот да си ја земе судбината во свои раце.

Потребно е, конечно, да се случи народ во Македонија. Тоа го избегна претходната влада по што на достоинствен начин беше сменета преку избори. По 13 години транзитирање како да созреваат условите да се случи организиран револт!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"