КУЛТУРА

Осветен иконостасот во храмот "Св. Никола" во Крушево

ГРАНДИОЗНА БИБЛИСКА ГАЛЕРИЈА

Пишува: Ричард ИВАНИШЕВИЌ

  • Мора да се застане пред харизматичниот иконостас, кој е исполнет со загадочни амбиенти, да се почувствува христијанската православна магија на митологијата кој освојува, нуди надеж, буди блаженост, дава милост, ја враќа вербата, довербата, љубовта, ги воскреснува љубопитствата.

Уште во древните дамнини на ХIХ век, легендарниот резбар и копаничар Петре Филиповски - Гарката, во Крушево со својата тајфа го изработил и поставил иконостасот во знаменитата и прочуена крушевска црква "Св. Никола"... Во одмазда и гнев кон Крушевската Република - центарот на Илинденската востаничка епопеја, епика и хероика, изгорен е и иконостасот на црквата во целост, а единствено од опожарениот храм зачувани се неколку икони од тоа време.

Точно по едно столетие, видниот и славен верски црковен и историски споменик доживеа да биде духовно христијански облагороден, со раскошен иконостас, со импресивен уметнички изглед, а верниците страсно ги вперија погледите кон прекрасниот библиски, христијански, православен лик и облик на иконостасот, обликуван од врвните уметници кои умееја и успеаја да создадат загадочни верско-ликовни впечатоци.

ВЕЛИЧЕНСТВЕН ПОДВИГ

Историјата на творењето започна на 12 август 1998 година, а мистеријата на конечното завршување на пленителниот иконостас траеше и заврши на 31 јули 2003 година.

Маркантни димензии на иконостасот: 1.380 сантиметри, а височина 681 сантиметар, фасцинантна фактографија - вкупно 3.600 квадратни дм. Завидни пропорции, разнообразни сликовно-жанровски теми. Максимален талент, труд, трпение, упорност и уметнички искуства што ги вложија и изложија авторите на величенствениот иконостас во кој симболиката и метафориката на Стариот и Новиот завет, патешествијата, страданијата, животописите и судбините на христијанската теологија и теогонија, мистичноста и драматичноста на светоста што води кон светлоста, духовноста и продуховноста, пораките на бесмртните чуда и чудества божји христови, богородични, апостолски, светителски, свети христијански мудрости!

Оваа грандиозна библиска иконостасна галерија вдахновува, восхитува, возвишува и вознесува, внесува и понесува меѓу небесните исцелителни царства Господови. Мора да се застане пред харизматичниот иконостас кој е исполнет со загадочни амбиенти, да се почувствува христијанската православна магија на митологијата која освојува, нуди надеж, буди блаженост, дава милост, ја враќа вербата, довербата, љубовта, ги воскреснува љубопитствата.

Благодарение на македонските престижни копаничари и резбари, Злате Крстески, Јане Крстески и Гоце Крстевски од Битола и нивните соработници и на познатиот македонски иконописец, Златко Александриски од Битола, со волјата водечка и моќта создателна, со еден од најрепрезентативните изработени иконостаси - "Св. Никола" во Крушево, претставува национален и монументален ликовен репрезент не само на градот, туку и вековит, бележит споменик - единствена ликовна рожба и заложба за Република Македонија.

БЕЗВРЕМЕН МОНУМЕНТ

Со иконостасот не замре духот, не згасна душата и не запре верската христијанска мисија на храмот кој пред еден век е осквернавен, а по еден век возобновен, со што му е вратен блесокот на библиската страственост и болшебственост, со вредност и доблест која ќе ја краси духовноста, ќе ја слави уметничката торжественост на богонадарените уметници кои по едно столетие на црквата & го вратија верското достоинство, & ја повратија празничноста на иконостасната убавина што блика и украсува.

Царските двери, царскиот крст и севкупниот христијанско-религиски сликосвет, перфекционистички изведен во уметнички, техничко-технолошки најразновиден избор, придонесува иконостасниот светоглед да е складен сликопис од резбани, копаничени и иконописани детали кои се ускладени во художествени убавини кои пред секоја средба се среќаваме со нови откровенија, а тоа поттикнува следна посета.

На втори август 2003 година пред огромна толпа насобран народ од Крушево и Крушевско, од цела Македонија и од сиот свет - на македонски иселеници што беа на 100 годишнината на Илинден, иконостасот на Соборната црква "Св. Никола" го освети поглаварот на МПЦ, г.г Стефан, во придружение на владиците Тимотеј и Наум, свештеници и монаси од повеќе епархии, во атмосфера кога иконостасот заблеска во амбиент кој ќе го има многу пати - вечно и занавек да му служи на народот семакедонски!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"