Ракетирана караулата "Гошинце"

Непознати напаѓачи во понеделникот ја ракетирале караулата "Гошинце", на македонско-српскоцрногорската граница, во делот на Косово. Врз караулата е пукано од внатрешноста на македонска територија, од месноста Безимен Вис во Лукар Маало. Во нападот, кој се смета за сериозен инцидент, нема повредени и не е предизвикана материјална штета.

Во Прешево повредени двајца кумановци

Две лица од Куманово беа повредени во трите експлозии што минатиот викенд одекнаа во дворот на прешевскиот Дом на културата. Според претставникот на координативното тело за Јужна Србија, Милисав Марковиќ, експлозијата во Прешево претставува "терористички чин, што покажува дека одделни Албанци не се заинтересирани за заеднички живот на овие простори".

Албанци пукале врз српскоцрногорската војска

Група Албанци отвориле оган врз патрола на Војската на Србија и Црна Гора во копнената зона за безбедност меѓу Србија и Косово. При овој напад нема повредени припадници на ВСЦГ.

Македонско-косовска потреба од економска соработка

На средбата именувана како "Градење на пријателство" во Драч, Албанија, меѓу македонскиот претседател Борис Трајковски и косовскиот премиер Бајрам Реџепи била нагласена потребата од зајакнување на економската соработка за што Македонија ќе преземе активности во соработка со УНМИК. Двајцата соговорници се согласиле дека безбедносната состојба е подобрена.

Предадени акредитивите во Албанија

Новиот македонски амбасадор во Тирана, Албанија, Елеонора Каранфиловска - Ретклиф му ги предаде акредитивните писма на албанскиот претседател Алфред Мојсиу. Притоа бил потенциран придонесот на Македонија и Албанија кон позитивните процеси за соработка на билатерален и мултилатерален план.

Европарламентот против FYROM

Спорот за името меѓу Македонија и Грција беше на тапет во Европскиот парламент. Грахам Вотсон, лидер на пратеничката група на европските либералдемократи во Европскиот парламент, вели дека членките на Европската унија да престанат да ја именуваат Македонија со смешната референца FYROM.

За Косово ќе одлучува Советот за безбедност

Изјавите кои последните денови стигнуваат од официјален Белград на ниту еден начин нема да влијаат на мојата идна работа. За конечниот статус на Косово не може да одлучува Белград или Приштина. За тоа прашање надлежен е Советот за безбедност на Обединетите нации, изјавил новиот шеф на УНМИК на Косово, Хари Холкери.

Тој истакнал дека "помеѓу двете страни ќе биде неутрален" и дека нема на никого да му дозволи да донесува одлуки за Косово, бидејќи тоа е негова работа и на Советот за безбедност.

Чадо ги затрул војводинските ниви

Според пишувањето на белградска "Политика" новосадските синдикалци го обвинуваат македонскиот министер од владата на Љубчо Георгиевски, Жанко Чадо, дека ги затрул војводинските ниви со вештачко ѓубре во кој имало мелен мермер.

Македонските лубеници во Косово и Грција

Извозната кампања на лубеници во оваа година им донесе голем финансиски успех на земјоделците кои успеаја своето производство да го пласираат на соседните пазари во Косово и Грција. Меѓутоа, оваа кампања лошо влијае на домашните потрошувачи.

Следниот славистички конгрес во Македонија

Во Љубљана заврши еднонеделниот Меѓународен славистички конгрес. На овој Конгрес било одлучено следен домаќин на овој собир во 2008 година да биде Македонија, а за претседател е избран академик Милан Ѓурчинов.

Соседски балкански желби

Според анкетата која ја спроведе словенечкиот весник "Дневник", Словенците најмногу би сакале соседни земји да им бидат Македонија и Босна и Херцеговина. Околу една четвртина од испитаните не би сакале да им бидат соседи Србија и Црна Гора, а повеќе од половина не ја сакаат Хрватска.

Дијалог меѓу цивилизациите

Денес и утре во во Охрид ќе се одржи конференција на УНЕСКО на тема "Дијалог меѓу цивилизациите" на која ќе присуствуваат осум претседатели од регионот и деведесетина угледни личности од политичкиот, верскиот, културниот и бизнис светот. Домаќин е претседателот Борис Трајковски.

Битолскиот театар на "БИТЕФ"

Битолскиот театар со претставата "Парите се отепувачка" од Ристо Крле, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски ќе учествува на претстојниот 37. Интернационален театарски фестивал "БИТЕФ" во Белград. На овој Фестивал ќе бидат изведени претстави на театри од Франција, Литванија, Полска, Германија, Србија и Црна Гора.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"