Разоружувањето се разводнува
Во изминативе 12 години МВР им подарило 3.168 разновидни парчиња оружје
на политичари, полицајци, новинари, бизнисмени, академици, судии и луѓе од
јавниот живот, од кои досега се вратени само пет.
Проблемот во Шемшево останува
Стоте македонски ученици од Основното училиште во Шемшево и во
претстојната учебна година наставата треба да ја следат во Сиричино, каде
што го завршија ланското второ полугодие. Стариот проблем останува и за оваа
година.
Монополската управа пресече за Телекомот
Претплатниците на "Македонски телекомуникации" во иднина ќе плаќаат
еднократно, а не како досега секој месец ако побараат од нивниот телефон да
не може да се избираат броеви во странство, во меѓуградскиот сообраќај или
кон мобилната телефонија. Оваа решение на Монополската управа е потврдено и
од второстепената комисија при Министерството за економија и ќе биде
извршено од 18 септември.
Смиленски осомничен за фалсификат
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против
познатиот бизнисмен и газда на "Експорт импорт-банка", Методија Смиленски од
Скопје, за фалсификување исправа. Тој се сомничи дека како претседател на
собранието на акционери во "Картонтекс" од Свети Николе фалсификувал одлука
на тој орган.
Рестартирана велешката Топилница
Викендов велешката Топилница се рестартира со 12.000 тони цинков
концентрат од Косово кој заедно со суровините од Србија и Црна Гора и
залихата што Тополницата ја има ќе гарантира континуирано производство за
еден месец.
Чедоморство и одговорност
Државните институции меѓу себе си ја префрлаат одговорноста за смртта на
едномесечното бебе кое беше задавено од својата душевно болна мајка минатата
недела во кратовското село Пендак кај Страцин. Чедоморството во нашава
држава во последно време е се почеста појава.
Одбележан роденденот на Мајка Тереза
Членови на граѓанската асоцијација "Скопјанката Мајка Тереза" го
одбележаа 93-от роденден на Гонџа Бојаџиу и положија цвеќе пред нејзиниот
споменик во Скопје.
Македонската заедница во Холандија по повод денот на раѓањето на Гонџа
Бојаџиу во Амстердам ги промовираше двете издадени редовни поштенски
маркички со номинална вредност од 39 евроценти на кои е претставен ликот на
Мајка Тереза.
Поетски фестивал во Струга
Вчера започна меѓународниот поетски фестивал "Струшки вечери на поезијата"
по 42 пат со рестрикции во гламурот, со скратен список на гости и без
огномет. Фестивалот го отвори генералниот директор на УНЕСКО, Коичиро Мацура,
кој исто така учествува и на "Дијалог на цивилизациите".
"Златен прстен" за Фиона Сампсон
Годинешен добитник на меѓународната награда за литература "Златен прстен",
што по трет пат ја доделува Фондацијата "Македонија презент" од Скопје е
Фиона Сампсон од Велика Британија. Таа е годинешен учесник и на Струшките
вечери на поезијата, а наградата се доделува за авангарден, специфичен и
визионерски книжевен израз. Одлуката ја донесе жирито во состав: д-р
Александар Прокопиев, д-р Васил Тоциновски, м-р Виолета Мартиновска, Душица
Илин и Христо Петрески.
Наградата ќе биде врачена на 2 септември (вторник) во 10 часот, во
просториите на Друштвото на писателите на Македонија. За наградениот автор и
неговото дело на свеченоста ќе говори д-р Александар Прокопиев. Покрај "Златниот
прстен", наградата се состои и во објавување избор на македонски јазик од
творештвото на лауреатот Фиона Сампсон во новопокренатата едиција "Книжевна
академија".
"Скрб и утеха" во Велестово
Во рамките на одбележувањето 15 годишнина на манифестацијата "Велестовска
поетска ноќ", 100 години Крушевска Република, повеќе од 3000 години
македонска државност, 2341 година Илинден (Херонеја 2 август, 338 п.н.е.
кога Филип Втори и Александар Трети Македонски ги победија атинците), како и
15 години од возобновувањето на театарот "Скрб и утеха", Културниот центар "Скрб
и утеха" гостуваше во Велестово над Охрид на 22 август со делови од
претставата "Деноносии" во режија на Тихомир Стојановски, а филмската
продукција "Дион" ги прикажа филмовите "Бакни го сонцето" и "1000 години
како денот од вчера" по сценарија на Стојановски, а во режија на Владе
Денчов, копродукција со МРТВ. Програмата ја следеа голем број посетители
верната велестовска публика.
IN MEMORIAM
Петко Домазетовски
Во Струга во сообраќајна несреќа загина Петко Домазетовски, истакнат
македонски поет, раскажувач и фолклорист. Беше дел од Друштвото за наука,
култура и уметност "Браќа Миладиновци" од Струга. Петко Домазетовски беше
долгогодишен соработник на нашиот неделник.
Редакцискиот колегиум на "Македонско сонце" упатува искрено сочувство до
семејството Домазетовски.
|