ЕКОНОМИЈА

Најголемата новинско-издавачка куќа повторно на тапет

"НОВА МАКЕДОНИЈА" МЕЃУ ОПСТАНОКОТ И КОЛАПСОТ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Вкупните долгови на НИП-от изнесуваат околу 16,5 милиони евра. Од нив, 35 отсто се долгови кон државата, а 21 отсто кон комерцијалните банки. Поради неисплатени плати и придонеси и вработените се меѓу најголемите доверители со цели 25 отсто. Приближно толку изнесуваат и долговите кон приватните фирми.
  • Стечајната управничка, Ангелина Гогушева, неодамна рече дека НИП "Нова Македонија" нема да биде ликвидирана. Според неа, фирмата треба да се реорганизира и да работи оти тоа е од државен интерес.
  • Од септември Агенцијата за приватизација ќе распише тендер за продажба на недвижниот имот на неколку фирми загубари меѓу кои и НИП "Нова Македонија".

Најстарата новинско-издавачка куќа во државава по сите перипетии околу контрадикторната продажба на "Југ сторитве", штрајковите, превирањата, прогласувањето стечај, повторно е на тапет, но овојпат со најавени отпуштања. Колегите од НИП "Нова Македонија" воглавно не знаат што се случува и што ќе се случи со нивната фирма.

Стечајната управничка на НИП "Нова Македонија", Ангелина Гогушева, според информациите објави списоци со вработените што ќе бидат прогласени за технолошки вишок, тие што ќе бидат испратени на принуден одмор и тие што ги исполнуваат условите за предвремено пензионирање.

Бројот на тие што ќе останат без работа во издавачката куќа се уште прецизно не се знае, бидејќи сега се прават списоците за вишок во административните служби. Засега е извесно дека 100 вработени ќе одат под Заводот за вработување, бидејќи тие ги исполнуваат условите за предвремена пензија. Дваесетина лица веќе се пензионирале, но се уште не можат да добијат пензија, бидејќи не им се платени придонесите за целиот работен стаж. Стечајната управничка најавува и 10 отказни решенија за вработени што не си ја вршеле работата додека таа била на годишен одмор.

На некои вработени во административните служби што ќе бидат прогласени за технолошки вишок ќе им биде понудено да работат во трафиките на "Нова Македонија" за да не останат на улица. Засега не знаеме колку вработени ќе ја прифатат понудата да работат во трафика. Сите овие активности се прават за да се реорганизира куќата. Во НИП "Нова Македонија" реално нема вишок вработени, туку нема доволно работа и затоа сакаме да ги активираме трафиките за да се зголеми продажбата на весници, изјави за медиумите стечајната управничка Гогушева.

Таа неодамна рече дека НИП "Нова Македонија" нема да биде ликвидирана. Според неа, фирмата треба да се реорганизира и да работи оти тоа е од државен интерес. Фирмата, која повеќе години работи како загубар, ќе се продава во делови што значи дека од НИП "Нова Македонија" ќе произлезат најмногу шест компании кои ќе функционираат одделно.

Министерството за економија треба да одлучи што панатаму со прекубројните во НИП "Нова Македонија".

ДОЛГОВИ

Вкупните долгови на НИП-от изнесуваат околу 16,5 милиони евра. Од нив 35 отсто се долгови кон државата, а 21 отсто кон комерцијалните банки. Поради неисплатени плати и придонеси и вработените се меѓу најголемите доверители со цели 25 отсто. Приближно толку изнесуваат и долговите кон приватните фирми. Сите 1.446 вработени веќе 13 месеци не земале плата, а од април нема и здравствени картони.

Државата веќе пресметала - доколку вработените при ликвидација на НИП-от заминат под Биро за вработување, на Владата ќе & бидат потребни 7 милиони евра за да ги плати заостанатите придонеси, испратнините и надоместоците.

СТЕЧАЈ

Нова Македонија пред некој месец и официјално отиде во стечај. Стечајот се отвори на барање на најголемите доверители, јавните претпријатија, државните фондови и работниците, на кои куќата им должи над 13 милиони евра.

Сметката на "Нова Македонија" беше блокирана повеќе од 45 дена, што е беше еден од условите за прогласување стечај. Назначениот стечаен управник ќе раководи со фирмата до завршување на судскиот спор меѓу Владата и словенечката фирма "Југ сторитве", по што се очекува да се објави јавен тендер за продажбата на "Нова Македонија".

ПРОЦЕС

Пред некој месец се слушнаа најавите за почнување на судскиот процес за криминалната приватизација на НИП "Нова Македонија". По екстрадицијата на Бесник Фетаи, скопското обвинителство пред повеќе од еден месец подготвило обвинителен акт за овој случај.

Сега останува судот да го закаже првото рочиште за процесот во кој екс-министерот за економија, Бесник Фетаи, поранешниот директор на НИП-от, Никола Тасев, и екс-директорот на Агенцијата за приватизација, Аврамски, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата во процесот на приватизација на "Нова Македонија".

Нивните злоупотреби "тежат" 2,3 милиони долари, државни пари кои наместо за плата на вработените биле искористени за купување акции во фирмата.

По неуспешната приватизација на најголемата новинско-издавачка куќа во земјава со словенечката "Југ сторитве", судскиот спор за раскинување на купопродажниот договор половина година талка во место. "Југ сторитве" максимално ги користи недостатоците на правниот систем, злоупотребувајќи го на штета на 1.470 вработени, кои повеќе од една година немаат земено плата. На 17 септември годинава е договорено собрание на Одборот на доверителите. Тие ќе го кажат последниот збор и ќе решат што понатаму со Претпријатието.

Досега од сите 24 фирми загубари во Република Македонија со ликвидација не е решена само НИП "Нова Македонија".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"