дно новинарско правило вели "не е
срамота да не знаеш, но срамота е да не знаш кој знае". Можеби ова го
протолкувале и нашите политичари, па така неодамна во нашава држава допатува
и еден странски експерт, кој успеал во својата држава да се справи со
економската и другите кризи. Творецот на "ирското економско чудо", Џон
Брутон, поранешен ирски премиер кој престојуваше во нашава држава смета дека
за Македонија е главно да стане кандидат за ЕУ.
Целосната вработеност во Македонија е можна, иако тоа сега изгледа многу
далечно, кога невработеноста е речиси 30 проценти, рече Џон Брутон по
средбата со премиерот Црвенковски.
Според него, приоритетна цел за Македонија сега треба да биде статус на
кандидат за членство во Европската унија, зашто во тој случај на странските
инвеститори ќе им влееме голема доверба.
Тука сум за да видам дали некои корисни идеи од Ирска може да се применат
и во Македонија, пред се за да се привлечат странски инвеститори и да се
намали невработеноста, изјави Брутон по средбата која е остварена по
иницијатива на Премиерот.
Прецизирајќи дека Ирска имала голем успех во привлекувањето странски
инвестиции, тој рече дека предноста и на Ирска и на Македонија е во тоа што
и двете земји се мали и странските инвеститори можат да донесуваат брзи
одлуки.
Само за потсетување, претходната Влада добиваше експертски совети од Анте
Марковиќ, народот не виде фајде од тоа, додека судскиот спор за
неисплатениот хонорар на Марковиќ се уште се води. Иако не направи буквално
ништо за нашиот економски просперитет (многумина го паметат "златното време"
на Анте Марковиќ во СФРЈ пред нејзиното распаѓање) на државна сметка
Марковиќ редовно престојуваше во "Александар Палас".
УСЛОВ
Услов за да дојдат инвеститорите, според Брутон, е да се воведе многу
стабилен даночен систем кој нема да се менува како што се менуваат владите.
Меѓу економистите Брутон е познат повеќе како практичар отколку како
теоретичар. Како премиер на Република Ирска, ја вовел новата корпоративна
даночна политика која е причина за големиот економски успех на Ирска, каде
што невработеноста е целосно искоренета. Тој, исто така, одиграл клучна
улога во развојот на еврото, а важи и за огромен авторитет во областа на
економијата како во Европа, така и во светот. Учествувал и во мировниот
процес во Ирска, во развојот на ирската иницијатива за стратегиски менаџмент,
а бил еден од носителите и на реформите на јавниот сектор.
Иако не одговори каква ќе биде неговата улога во економското зајакнување
на Македонија, поранешниот премиер на Ирска рече дека ќе "биде пријател и
оти ќе помогне да бидат привлечени странски инвестиции и комплетно да се
реши проблемот со невработеноста". Со Брутон разговарале и претседателот
Борис Трајковски, како и министрите за финансии и за економија, Петар Гошев
и Илија Филиповски.
ИСКУСТВА
Ирска во текот на изминатите години се наметна како најпросперитетна меѓу
државите - членки на Европска унија. Зборувајќи за ирското искуство, Брутон
рече дека работите се измениле кога можеле да кажат дека некое правило ќе
важи во наредните 15 или 20 години, без оглед дали во меѓувреме ќе дојде до
промена на владата, односно дека секоја наредна влада ќе ги респектира
фундаменталните бизнис-политики на претходната влада.
Тоа е нешто што е важно да се постигне и јас сум уверен дека овој
Национален совет за претприемаштво е многу важно средство тоа и да се
обезбеди и дека кој и да е во владата ќе има конзистентност во политиките
наспроти бизнисот, рече Брутон.
Според неговото мислење, ниските стапки на инфлација кои се добри за
силни економии, како што е на пример Германија, не се соодветни за земјите
во развој, на чии економии добро им доаѓа малку повисока стапка на инфлација
која ќе ја "подгрева" економијата.
Сепак, тој препорача дека договорот со ММФ е важен за земја како
Македонија, бидејќи во спротивно државата би била принудена да се ориентира
кон меѓународниот пазар на капитал, каде што владеат околности кои не можат
да се контролираат, пред се во поглед на движењето на каматните стапки.
Доколку економската политика на Ирска не соодветствуваше со движењата на
каматните стапки немаше да го има ниту "ирското чудо", потенцираше
поранешниот ирски премиер, нагласувајќи дека не постојат
инстант-политики кои можат да се применат како готови решенија во некоја
земја.
Ирскиот пат кон прогресот не е ниту брз ниту едноставен и почна уште во
шеесеттите години, а таа стана членка на Европската унија во 1972 година.
Прашан за улогата на дијаспората во создавањето на ирското чудо, Брутон рече
дека иако во САД околу 40 милиони луѓе се сметаат дека имаат ирско потекло,
сепак при одлуката за инвестирање преовладуваат економски фактори, како што
е данокот на добивка од 10 отсто.
Според информацијата на МИА, Брутон на Црвенковски му порачал: "Најважна
работа за Македонија е да добие статус на кандидат за членство во Европската
унија, затоа што во тој случај ќе им влеете голема доверба на странските
инвеститори да дојдат тука и да вработат млади и динамични луѓе од земјава".
Посочувајќи дека неговата држава имала голем успех во привлекувањето
странски инвестиции, тој истакна дека предноста и на Ирска и на Македонија е
во тоа што и двете земји се мали, каде што "може да донесувате брзи одлуки
ако сте странски инвеститор".
Останува да се види како ние ќе го "искористиме" искуството на Брутон!