ИНТЕРВЈУ

Славица Грковска, пратеничка во Собранието на Република Македонија

ЖЕНИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ИЗБОРАТ ЗА ПОЗИЦИЈАТА ШТО ЈА ЗАСЛУЖУВААТ

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Во принцип секој би требало да се вклучи активно во политичкиот живот оној момент кога ќе почувствува дека со личниот ангажман и со својот ентузијазам може да придонесе за подобрување на одредени состојби во државата, да влијае на менување на негативните појави и процеси.
  • Успехот што го постигна женското лоби се должи на долгогодишното залагање и на одредени структури во политичките партии и на невладините женски организации, што е аргумент повеќе за продолжување на соработката во таа насока.

МС: Госпоѓице Грковска, што сте по професија, како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

ГРКОВСКА: Јас сум помлад асистент по математика на Институтот по математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Активно се вклучив во политиката на19 годишна возраст и член сум на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија уште од неговото основање. Моето политичко активирање беше реакција на настаните со кои се соочуваше Македонија во 90-тите година, кога за прв пат се појавија и движења и партии кои промовираа идеи кои се уште ги сметам за утопистички и непрогресивни. За жал, и денес сме соочени со политичари кои се уште играат на картата на национализмот што претставува само очајнички и безуспешен обид за нивно враќање на политичката сцена.

МС: Кога е вистинскиот момент за жената активно да се вклучи на политичката сцена и какво е Вашето искуство?

ГРКОВСКА: Ова е прашање на кое е невозможно да се даде конкретен одговор кој ќе се однесува само на женската популација. Во принцип секој би требало да се вклучи активно во политичкиот живот оној момент кога ќе почувствува дека со личниот ангажман и со својот ентузијазам може да придонесе за подобрување на одредени состојби во државата, да влијае на менување на негативните појави и процеси. Мојот политички ангажман започна како член на месна организација, и потоа ги поминав сите скалила на политичко ангажирање во партијата: бев член на претседателство на општинска организација, член на Центаралниот одбор на СДСМ до 1998 година и член на претседателство на Градската организација на СДСМ-Скопје. Бев една од основачите на подмладокот и негов претседател од 1992 до 1995 година и во тој период бев член на Претседателството на СДСМ по функција. Бев член на Советот на Град Скопје во претходниот мандат.

МС: Според Вас, колку жените се способни да бидат политички активни и дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на политиката?

ГРКОВСКА: Кај мене нема дилеми дека жените се способни да бидат политички активни и успешни барем онолку колку и мажите. Сметам дека не е полот тој кој ја детерминира успешноста и мислам дека повеќето мажи го делат моето мислење само што од различни причини некои од нив не сакаат јавно да признаат дека е тоа така. За жал, менталитетот, традиционалниот начин на третирање на жената, се уште има големо влијание при обидите за подобрување на статусот на жената во општеството. Меѓутоа, мојот впечаток е дека по речиси десетгодишно активно работење на женските невладини организации и на одредени структури во некои политички партии кои пред извесно време добија организационен облик и прераснаа во клубови на жените во партиите, измените во таа насока сега се одвиваат многу позабрзано, во позитивна смисла.

МС: Каков е односот на Вашите колеги кон Вашата досегашна работа?

ГРКОВСКА: Моето досегашно искуство со колегите е одлично. За време на нашата долгогодишна соработка не сум забележала дека колегите го девалвирале мојот труд затоа што сум жена. Напротив, односот секогаш бил коректен и се базирал на взаемно почитување.

МС: Покрај политичкиот ангажман, дали имате време и за Вашиот приватен живот, за Вашето семејство?

ГРКОВСКА: И покрај сите обврски кои произлегуваат од моето политичко и професионално ангажирање, секогаш наоѓам време кое ќе го посветам на мојата фамилија и на моите пријатели. Без разлика за колкав период од денот станува збор тие мигови ми помагаат да ги "наполнам батериите" и да продолжам со несмален интензитет да ги извршувам своите обврски. Некогаш е невозможно да одделам онолку време колку што би сакала да поминам со нив, но за среќа имам големо разбирање од нивна страна па надополнуваме во други прилики.

МС: Кои се најчестите мотиви за жената да заплива во политички води и какво е Вашето искуство?

ГРКОВСКА: Мотивите за моето вклучување во политиката беа исклучиво идеолошки. Јас се уште сум убедена дека социјалдемократијата е најхуманата идеологија врз основа на која треба да се гради иднината на нашата држава. За жал, заради периодот на транзиција низ кој минуваме, принудени сме да носиме решенија кои се спротивни на оваа идеологија. Сепак, важно е да се создадат здрави предуслови кои ќе овозможат градење на економски стабилна и јака социјална држава и со тоа да обезбедиме подобар стандард за нашите граѓани.

МС: Жената од билошки аспект, пред се, е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас, претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

ГРКОВСКА: На ова прашање не можам да одговорам од лично искуство, но сметам дека мајчинството не би требало да претставува хендикеп во градење на кариерата. Аргумент во прилог на ова се големиот број политички активни жени кои се мајки, а кои сепак успешно ги извршуваат сите функции кои ги имаат.Секако дека во таков случај е потребна дополнителна помош и големо разбирање од семејството.

МС: Дали Вашето семејство има разбирање за Вашите чести политички ангажмани?

ГРКОВСКА: Моите родители имаат огромно разбирање за моите обврски и за честото отсуство од дома и јас сум им навистина многу благодарна заради тоа. Многу е важно, особено по тежок и напорен работен ден, да имате семејство кое може да ве разбере и јас сум многу среќна што сум израсната токму во такво семејство кое секогаш ме опкружувало со многу љубов. Воопшто, секој што сака да гради успешна кариера, на кое било поле, не може да го достигне максимумот без поддршка на семејството.

МС: Колку време, покрај кариерата и семејството, посветувате и на самата себеси, на својот изглед и стил?

ГРКОВСКА: Секоја жена, без разлика на која позиција се наоѓа, треба да води сметка за својот изглед. Сепак, кога станува збор за жените кои се во политиката тоа важи многу повеќе, посебно заради фактот што има некои норми, правила за тоа како треба да изгледаме во различни прилики. Навистина треба умешност да балансирате помеѓу веќе изградениот стил и тоа што го бара протоколот. Сепак, јас уживам во моментите на креирање на мојот стил и покрај тоа што се многу ретки.

МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?

ГРКОВСКА: Веќе споменав дека женското движење е активно повеќе години, но мислам дека клучно за зголемувањето на бројот на жените во Парламентот беше воведувањето на квотите за застапеност на жените на изборните листи. Воведувањето на квотата како метод за обезбедување поголемо учество на жените во политиката одамна е познат во нашата јавност. Уште во 1994 година во подмладокот на СДСМ се воведе квота од 30 отсто за учество на жените во органите и телата, а подоцна тоа беше прифатено и во партијата. Успехот што го постигна женското лоби се должи на долгогодишното залагање и на одредени структури во политичките партии и на невладините женски организации, што е аргумент повеќе за продолжување на соработката во таа насока. Се разбира дека поголемата застапеност на жените во Парламентот сега дава нова димензија на понатамошниот ангажман. Пред извесно време, во Парламентот се формираше женски парламентарен клуб во кој учествуваат сите парламентарки, без разлика на нивната партиска определба. Колкав ќе биде неговиот успех се уште е рано да се зборува, но ако паметно ја искористиме оваа прилика ќе создадеме основа за уште поголемо учество на жените не само во законодавната, туку и во извршната власт.

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

ГРКОВСКА: Мојата порака е да не се откажуваат од своите амбиции. Доколку се убедени дека нивната политичка опција нуди вистински излез од проблемите со кои секојдневно се соочуваме, ако се убедени дека го заслужуваат тоа благодарение на својот квалитет, способност и вложен труд, тогаш не би требало да отстапат од својата амбиција. Се разбира дека тоа не е ни малку лесно и дека на тој пат ќе се соочат со многу предизвици, но ги охрабрувам, во името на сите жени кои низ историјата се залагале за она што сме го достигнале денес, да одолеат и да се изборат за позицијата што ја заслужуваат.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"