о македонската држава, конечно,
иако не доволно, претставниците на власта, почнаа да го слушаат гласот на
јавноста. Поради притисок од претставниците на седмата сила, дел од видни
личности во државава почнаа да си поднесуваат оставки на своите функции. Дел
се посветија на коригирање и поправање на грешките. Сепак, тоа не е доволно,
но важно е тоа што клопчето почна полека да се одмотува и вистината да
излегува на виделина. Иако, повиканите личности, најпрво ги демантираа
обвинувањата, тие подоцна "сфаќаа" дека не можат да избегаат од судот на
јавноста, па единствениот спас го изнаоѓаа во заминувањето од своите функции.
Така, на пример, од почетокот на годинава сведоци сме на неколку оставки на
видни личности од општествениот и политичкиот живот. Исто така, бевме
сведоци и на еден посериозен потег во борбата против непотизмот, односно
повлекување на луѓе од управните одбори на јавните претпријатија, кои поради
роднинските врски ја добиле таквата функција.
Поради притисок од медиумите и јавноста, минатата недела оставка си
поднесе директорот на Аеродромот "Скопје", Благоја Филиповски, попознат како
брат на министерот за економија, Илија Филиповски. Поставувањето на Благоја
Филиповски на оваа функција во јавноста беше искоментирано како непотизам.
По именувањето на Благоја Филиповски, на функцијата директор на скопскиот
аеродром, неговиот брат, министерот за економија, Илија Филиповски, изјави:
"Управниот одбор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги 'Македонија'
го избра мојот брат Благоја за директор на скопскиот Аеродром. Тој работеше
повеќе од 20 години како советник во тоа Претпријатие и логично е што
раководниот тим на фирмата одлучил да го постави на таа функција".
Но, дел од медиумите објавија дека постапката за именување на Благоја
Филиповски на оваа функција не била спроведена целосно според законот, туку
според однапред утврдената партиска процедура за поделба на раководните
места. Прво биле избрани директорите на аеродромите во Скопје и во Охрид, а
дури потоа Орхан Рамадани од ДУИ бил избран за нов директор на ЈПАУ "Македонија".
Рамадани, кој според утврдената процедура требало да ги постави директорите
на аеродромите, доаѓа за директор на ЈПАУ "Македонија" по заминувањето на
Фатмир Бесими за вицегувернер на НБМ, по што неговото место беше испразнето.
Како што е познато, братот на министерот Илија Филиповски, Благоја
Филиповски, беше директор на аеродромот "Скопје" од 1991 до 1995 година и
беше запаметен по тоа што остана на функцијата по фамозната контрола што
тогашен СОК ја изврши во претпријатието во 1993 година. Во контролата беа
утврдени повеќе од 800 пропусти во материјалното и финансиското работење.
Главната забелешка се однесуваше на честото реновирање на Аеродромот, од што
најмногу падна в очи лошата изведба на осветлувањето на пистата и на
аеродромската зграда, која подоцна мораше повторно да биде реконструирана.
Сепак, преовладаа критиките и притисокот од јавноста, па поради тоа
претставниците на Владата малку подразмислија за овој потег. Од Орхан
Рамадани, новиот директор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги "Македонија"
и од Управниот одбор на Компанијата, беше побарано да ја преиспита одлуката
за именување на Благоја Филиповски. Подоцна Благоја Филиповски си поднесе
оставка.
За одбележување е и случајот со финансиската полиција. По објавувањето на
веста дека шефот на финансиската полиција, Љупчо Стојчев, како директор на
Земјоделската задруга во Неготино веќе бил осуден на две години условно, тој
си поднесе оставка. Својата оставка ја образложи со зборовите дека не сака
уште во почетокот да ја компромитира новата државна институција. Поради тоа
што законот бара првиот човек на финансиската полиција покрај успешната
деловна и професионална кариера, во работниот стаж, воопшто да не е осудуван,
двата коалициони партнери СДСМ и ЛДП се уште не можат да се договорат кому
ќе му ја доверат директорската функција во Дирекцијата за финансиска
полиција.
НЕПОТИЗАМ
Новинарите го кренаа својот глас против роднинските врски, кои се
единствениот услов за вработување. А како што е познато ниту една партија не
е имуна на оваа појава. Јавноста, пред неколку месеци, жестоко ја нападна
ЛДП за непотизмот во партијата, иако таа и нејзиниот коалициски партнер во
предизборието, но и по формирањето на Владата ставија јасно до знаење дека
ќе се спротивстават на вработувања во јавни претпријатија по роднинска врска.
Остри реакции предизвикаа не само назначувањата на сопругите на пратениците
Жерновски и Шапуриќ во управните одбори на "Електростопанство на Македонија"
и во "Македонска пошта", туку и назначувањата на високи функции на блиски
членови на други нивни сопартијци. Иако, по притисок на јавноста, тие беа
повлечени од своите функции, тиквата пукна, а со тоа паднаа во вода
ветувањата на новата владејачка гарнитура дека се против митото, корупцијата
и непотизмот.
Пратеникот Андреј Жерновски подоцна ја информираше јавноста дека неговата
сопруга Олгица Гацовска се повлекува од функцијата надворешен член во "Електростопанство
на Македонија". Во дописот до јавноста тој изјави дека ваквата одлука ја
донеле со цел да го спречат уривањето на нивниот морален и професионален
интегритет и идентитет, иако Жерновски лично смета дека не станувало збор за
грешка, ниту пак постоело намера за остварување на некаква корист, најмалку
финансиска.
"Убеден сум дека и со повлекувањето на овој потег ќе покажеме дека имаме
чувство за одзивот на јавноста, дека сме различни од нашите претходници, но
и дека нечија стручност, компетентност и професионалност не смее да биде
доведувана во прашање само заради блискоста, партиска или роднинска", рече
Жерновски.
Претседателот на либералдемократите, Ристо Пенов, односно партијата,
тогаш стоеше на ставот дека сите тие биле ангажирани затоа што биле стручни
и компетентни лица.
Како што е познато, сопругата на пратеникот и висок функционер на ЛДП,
Андреј Жерновски, Олгица Гацовска, беше именувана за еден од надворешните
членови на Управниот одбор на "Електростопанство на Македонија". Нејзиното
назначување на новата функција на 2 декември минатата година веднаш не го
привлече јавното внимание, бидејќи сопругата на Жерновски во Управниот одбор
се појави под своето моминско презиме Гацовска, па ретко кој ја поврзуваше
со него.
КОРЕКЦИИ
По притисок на медиумите и јавноста, и претседателот Трајковски, кој
долго време не нарекуваше "македонски Словени", ја смени официјалната
веб-страница. На неа до пред некое време пишуваше: "Зачетоците на државноста
на македонските Словени датираат од крајот на 10 и почетокот на 11 век, со
создавањето на Самоиловата држава". Тогаш многумина истакнати Македонци и
луѓе кои ја познаваат македонската историја беа разочарани од ваквата теза
на претседателот. Трајковски подоцна се корегира и на неговата веб-страница
сега пишува: Република Македонија е создадена како резултат на вековната
борба на македонскиот народ за национално ослободување и за сопствена
државност. Борбата за македонската државност, посебно во 19 век (во векот на
националните држави) е усидрена во традициите на државата на Филип ИИ и
Александар Велики. На тие врски се повикувале актите на Кресненското
востание од 1878 година – на Националното Собрание на Македонија и
привремената влада на Македонија од 1880 до 1881 година. Македонската
државност се поврзува и со Самоиловото царство од крајот на 10 и почетокот
на 11 век како со држава на ист народ.
Во овој случај Трајковски го послуша советот на јавноста и се откажа од
негаторската определба "македонски Словени".
По интервенцијата на медиумите, правдата ја доби и секретарката на
Методија Андонов - Ченто и внука на Гоце Делчев, Катерина Трајкова -
Нурџиева. Поради притисокот од претставниците на седмата сила, внуката на
Гоце Делчев и секретарка на Ченто, беше поканета да учествува на јубилејот -
100 години Илинден во Македонија. Исто така, на седницата од 28.07. 2003
година Владата на Република Македонија донесе заклучок да бидат ангажирани
сите надлежни владини институции за трајно решавање на барањата на Трајкова
- Нурџиева која целиот свој живот се борела за македонската кауза. До
трајното решавање на барањата од Трајкова - Нурџиева Владата заклучи да
и се испраќа помош во износ од 100 евра месечно.