одека очите на македонската
јавност "со намера" беа свртени кон пикантериите на аферата "Големо уво",
ОНА уште тогаш издаде директна наредба за реализација на т.н. "План за
големиот сон" кој, според извори од безбедносните структури, бил скован во
Швајцарија. Подготовките за остварување на планот биле при крај,
организациската шема по селата од липковскиот крај и на Шар Планина одамна
била изградена, но се чекал сигналот.
Структурите ги користеле традиционалните шеми за патување: Лозана –
Загреб - Риека или Сплит, а оттаму во Драч во Албанија. Оружјето прво било
пренесувано преку шарпланинските масиви, а подоцна и преку граничните
премини Јажинце и кај Дебар. За ова во 2001 година знаеле сите, дури и
раководителите на безбедносните и на разузнавачките структури во Република
Македонија кои во своите извештаи ги информирале надлежните институции -
Претседателот, Премиерот и Владата. Но, оттаму не пристигнал одговор на
нивните барања за брзи апсења на активистите и на терористите на ОНА. Зошто
тоа не било сторено во јануари пред нападот на полициската станица Теарце
останува енигма, иако зелениот сигнал бил даден, а потоа стопиран. Кој ја
стопирал акцијата?! На ова прашање одговорот го знаат само неколкумина, но
дали ќе имаат храброст да ги откријат имињата на политичарите кои извршиле
притисок врз оперативците на МВР!?
СООПШТЕНИЕТО НА ОНА
Нападот на полициската станица во село Теарце на 22 јануари 2001 година
се оценува како увертира на подоцнежните настани во Република Македонија. Во
оваа албанска терористичка акција загина еден полицаец, а тројца беа ранети.
Тој бил извршен со два истрела од рачни ракетни фрлачи и со неколку рафали
од автоматско оружје. Првата истрелана ракета завршила во бандера која се
наоѓа веднаш до полициската станица, а другата завршила неколку сантиметри
под прозорецот на просторијата за дежурна служба. Парчиња од проектилот и
делови од разнесениот ѕид го погодиле полицаецот Момир Стојановски (30) во
главата и во левата подлактица. Од добиените повреди Стојановски починал на
самото место. Од експлозијата полицаецот Давор Евросимовски (21) се здобил
со сериозносна повреда, а во терористичкиот напад биле полесно повредени и
полицајците Борче Ѓуровски и Јахи Лика.
Веднаш по оваа терористичка акција ОНА се огласи со свое соопштение со
кое целосно ја презеде одговорноста за терористичкиот напад врз полициската
станица во тетовското село Теарце.
На 22 јануари тим на специјалната единица на Ослободителната народна
армија, поддржана од група набљудувачи, со автоматски пушки и рачни ракетни
фрлачи ја нападнал македонската полициска станица. Во нападот противничките
сили беа брзо парализирани и не се спротивставија, додека другите македонски
сили од другите правци не се приближија на време на местото на настанот.
Нападот беше ограничен и со најавувачки карактер за македонските окупатори и
албанофонските соработници. Униформата на македонските окупатори ќе биде и
понатаму напаѓана се додека не се ослободи албанскиот народ. Се повикуваат
полицајците да се вратат кај нивните семејства за залудно да не го дадат
животот за илузорните македонски планови за доминација врз албанското
мнозинство, беше истакнато во соопштението на терористите.
Министерството за внатрешни работи во врска со овој терористички чин се
обиде да ја демантира ОНА со објаснување дека не располага со информации за
постоење на организација со ваков назив. Иако, како што потенциравме во
уводот, раководните структури веќе знаеле дека се подготвува нападот и затоа
предлагале да се фатат актерите, нивниот обид во последен момент бил спречен
од повисоки политички инстанци.
"БОМБАШОТ ОД КИЧЕВО"
Во врска со овој гнасен терористички атак врз системот и уредувањето
реакциите кај политичарите во Македонија беа различни, но и препознатливи.
Претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, изјави дека
соопштението на ОНА треба да се провери како и изворот и намерите на
информацијата, а одговорот треба да се бара во МВР. Тогашното раководство на
СДСМ прокоментира - ако се точни информациите за оваа армија, постои голем
проблем кој треба да ги загрижи сите во државата. За ВМРО-ДПМНЕ зад "Ослободителната
народна армија" стои група луѓе или поединци чија цел е загревање на
ситуацијата во Македонија на етнички план. Во ДПА тврдеа дека нема сознанија
за постоење на параармија во Македонија и велеа дека тоа се смислени намери
на СДСМ за создавање воена психоза и страв кај граѓаните.
Во Македонија никого не гледаме како окупатор, туку правиме напори некои
работи во државата да се доведат во ред, изјавуваше Ернад Фејзулаху,
член на ДПА.
Во ПДП велеа дека немаат сознанија за постоење на паравојска во државата:
ПДП е дел од системот и е против секој акт на примена во сила. Партијата
не поддржува постоење на друга армија во Македонија - освен АРМ.
Угледниот француски историчар и новинар Кристоф Шикле во својата книга "Косово
- стапица" мошне прецизно ги лоцираше актерите. Тој наведуваше дека во
јануари 2000 година (беа цитирани делови од неговата книга во "Дневник"),
речиси истовремено се формирани герилските движења "Национална ослободителна
војска во Македонија" и ОВПМБ. Според тврдењата на Шикле, Ослободителната
национална армија на Албанците во Македонија била блиска до Фазли Велиу (сега
парламентарец, познат како вујкото на Ахмети), човекот против кого беше
распишана потерница по апсењето на кичевските бомбаши, како осомничен за
организирање на бомбашките напади.
Кога Велиу беше уапсен во Германија, тогашниот македонски министер за
правда, Џевдат Насуфи, не побара тој да биде екстрадиран во Македонија, иако
надлежниот Основен суд во Кичево од него тоа го бараше. Зошто тоа тогаш не
се случи, подоцна се виде - Фазли Велиу беше мозокот на ОНА.
Французинот уште тврдеше дека Хашим Тачи и Арбен Џафери во договор со
Американците му свртиле грб на радикалниот Велиу и на неговата терористичка
група. Но, тој со својата паравоена формација успеал да се доближи до
илегалното Косовско народно движење кое е активно во Швајцарија и од кое во
1996 година се роди ОВК. Шикле во својата книга тврди дека НОВМ или
Ослободителната национална армија стои зад сите терористички напади што во
2000 година беа извршени врз полициските станици во Македонија.
УАПСЕНИ ТЕРОРИСТИ
На 28 јаунари 2001 година вагон со осум патници од патничкиот воз на "Македонски
железници" што сообраќал на релација Скопје - Кичево, беше погоден со
проектил од рачен ракетен фрлач во делот меѓу железничката станица во
кичевското село Зајас и постојката Строгомиште. За среќа, во терористичкиот
напад ниеден од патниците не беше повреден. Врз возот стрелале непознати
напаѓачи во моментот кога тој ја напуштал железничката станица во селото
Зајас. Истреланиот проектил во вагонот влегол низ прозорецот од страната
каде што патниците влегуваат и излегол низ прозорецот од спротивната страна.
Машиновозачот не го запрел возот се до железничката станица во Кичево.
Два дена по овој настан полицијата објави дека уапсила неколку лица
поврзани со нападот на полициската станица во Теарце. Осомничени беа браќата
Јусуф (40) и Реџеп (36) Мурсели од село Шемшево и нивниот соселанец Зендел
Саими (35), а Амет Куртиш бил од селото Порој. Според полицијата,
четворицата се осомничени за тероризам во врска со членот 327 "казнување за
најтешки форми на кривични дела".
Кривичниот законик за овие кривични дела предвидуваше казна од десет
години до доживотен затвор, ако при нивно вршење едно или повеќе лица го
изгубиле животот. Македонската полиција сметаше дека во нападот на станицата
во Теарце, освен четворицата осомничи учествувале уште десет други лица. Во
тој момент тројца од нив се наоѓаа во РМ, додека за другите сознанијата
говореа дека побегнале на Косово. На листата на бараните лица беа: Даут Р. и
Муарем В. од селото Порој, Рамиз С. од Шемшево, Изаир С. од Порој, брат на
Рамиз С. Полицијата тогаш многу бргу ги пронајде доказните материјали,
односно ги лоцира двете од шесте возила со кои пристигнале терористите, а
потоа и побегнале откако ја ракетирале полициската станица.
По извршено вештачење врз автомобил "југо" и комби "форд - транзит"
полицајците пронајдоа траги од прсти на осомничените што биле во нив.
Истрагата утврди дека врз Станицата било стрелано од две позиции со рачни
ракетни фрлачи "М-69" и со две автоматски пушки. Со автоматските пушки
напаѓачите пукале во влезната врата на полицијата, изјави тогаш Стево
Пендаровски кој беше вработен во МВР, а сега е во Кабинетот на Претседателот.
Полицијата извршила реконструкција на настанот со помош на осомничениот
Амет Куртиш кој го признал делото. Притоа било утврдено дека нападот врз
станицата во Теарце траел 3 - 4 минути. Експерти од криминалистичката
полиција направиле парафинска ракавица на осомничените и кај еден од нив
пронашле барутни честички што, според МВР, значи дека тој во скоро време
пукал со автоматска пушка.
По инцидентот полициски единици извршија претрес во повеќе семејни куќи
во селата Јажинце, Порој, Шипковица, Нераште, Шемшево и Теарце. При
претресите во три куќи беа пронајдени автоматска пушка, две рачни бомби,
пиштол и повеќе од 200 куршуми за автоматско оружје. Против трите лица кај
кои беше пронајдено оружјето МВР поднесе кривични пријави и ги осомничи за
недозволено поседување огнено оружје и распрскувачки материи, а истражниот
судија им изрече триесетдневен притвор. Тројцата притворени се поврзани со
терористичкиот напад врз полициската станица во Теарце, изјави
Пендаровски.
Поранешниот висок полициски функционер и директор за јавна безбедност,
Ѕвонко Каширски, изјави дека нема поврзаност меѓу уапсените и т.н.
Ослободителна национална армија која со соопштение целосно ја презеде
одговорноста за терористичкиот напад. За напаѓачите на полициската станица
во Теарце, Каширски тврдеше дека се екстремна група од поединци кои
дејствуваат самостојно.
Контроверзниот поранешен министер за внатрешни работи, а тогашен
заменик-директор на ДБК, Љубе Бошковски, рече дека крајот на истрагата за
терористичкиот напад во Теарце најверојатно ќе даде одговор дали терористите
на ОВПМБ во Јужна Србија се снабдуваат со оружје и опрема преку шверцерски
канали во Македонија.
(Продолжува)