ПОЛИТИКА

Партиски игри со пописните резултати од 2002 година

СТАТИСТИЧАРОТ ИМ ВЛЕЗЕ В УСТА НА МАНИПУЛАТОРИТЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Директорот на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, во ниту еден случај не смее да излезе со проценка или каква било констатација. Меѓутоа, тој се стави во улога на арбитар и пред време коментираше одредени статистички показатели.
  • Неговата неодмерена изјава во интервјуто за А1 телевизија предизвика соодветна политичка реакција која не е во интерес за објективно мерење на статистичките показатели од Пописот во 2002 година. Ако вака продолжи да се однесува и да раководи со Заводот каде ќе не одведе? Секако во лавиринтот, од кој едвај се извлековме! Затоа го потсетуваме директорот Герасимовски што рече пред два ипол месеци за "Македонско сонце". Нека се подзамисли каде е неговата објективност или стручност на која најмногу се повикуваше во неговите одговори.

Пописните резултати од 2002 година кои се наоѓаат во завршна фаза на обработка во Државниот завод за статистика повторно се предмет на политичко поткусурување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Врелиот костен, кој повеќе од една деценија Албанците во Република Македонија го користат за разни манипулации и политички притисоци, неодамна со избрзаната и пред се сулуда изјава на директорот на Државниот завод на статистика, Дончо Герасимовски, за бројноста на Албанците во земјава, се актуелизира и му овозможи на ѓаволот да цица крв од непостоечките и непроверени информации.

На тој начин, овој низок државен функционер кој повторно дојде на директорската фотелја благодарение на довербата на СДСМ, како прле пред магаре се истрча, се стави во улога на дневната политика, иако пред неколку месеци за нашиот медиум изјави дека не треба да им се верува на шпекулациите, туку треба да се чека на официјалните резултати што се привршуваа во Заводот. Со ова го погази својот збор и се спушти на нивото на шпекулантите кои не бројат и не пребројуваат.

МИСТЕРИОЗНИ

Оваа мошне опасна тема повторно се актуелизира со цел да се привлече вниманието на јавноста, но и да биде подготвена на некои нелогички хипер-резултати кои со обична математичка пресметка не можат да се добијат. Затоа обвинувањата што пристигнаа од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ донекаде можеби се оправдани, но и опасни затоа што навлегуваат во опасната сфера на шпекулации и импровизации.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Државниот завод за статистика, попрецизно неговиот директор Дончо Герасимовски, ја подготвува јавноста за ситуација во која, според Пописот, припадниците на албанската заедница би биле над 20 отсто од вкупното население во Македонија. За оваа партија многу е индикативно што постојано раководството на ДЗС повторува дека биле обработени 34, од вкупно 39 пописни региони, без да каже кои се тие региони.

Информациите се штури, мистериозни, изјави портпаролот Влатко Ѓорчев кој обвини дека со постојаното пролонгирање на рокот за објавување на резултатите, тие ќе се фингираат и нема да бидат објективни. Затоа неодамнешната изјава на Герасимовски дека лично не очекува Албанците во Македонија да бидат под 20 отсто, со оглед на пописните резултати од 1994 година, за ВМРО-ДПМНЕ не е наивно дадена. Ѓорчев истакна дека во моментов ДУИ врши голем притисок кај СДСМ при внесувањето на податоци во општините: Струга, Чаир, Куманово, Центар и Арачиново.

СДСМ тие притисоци ги прифаќа, заради претстојните претседателски избори в година. Како резултат на притисоците, во Струга се попишани дури 7.000 Албанци кои повеќе од една година не живееле таму, лица кои главно биле гастербајтери. Ова го дава одговорот на прашањето зошто Струга е оставен како регион што ќе биде обработуван одделно, потенцираше Ѓорчев.

Вжештувањето на оваа тема овозможи да се активираат партиските војници. Заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Милаим Адеми, тврди дека "според сите податоци во Македонија ќе има повеќе од 22,7 отсто Албанци". Оваа реакција на вториот човек во Заводот беше очекувана, бидејќи директорот на оваа институција Герасимовски предвреме ја отвори "Пандорината кутија".

Во интервју за албанскиот весник "Шекули" Адеми кој е кадар на ДУИ изјави оти за ваквата проценка "има поткрепа во досегашната обработка на податоците која е извршена во 38 од вкупно 39 зони во земјава".

РЕАКЦИИ

Како по обичај откако партиските војници наивно поучени ќе создадат проблеми, напнатост и тензија, во Заводот за статистика, мудро молчат, бидејќи не сакаат да се впуштат во коментирање на партиските обвинувања и шпекулации. Но, сепак ќе се огласат со официјални информации за текот на обработката на податоците.

СДСМ и ДУИ ги отфрлија за нив смешните и апсурдни обвиненија кои како отровна стрела од опозицијата беа адресирани до нив. Тоа се екстремно апсурдни обвинувања во кои не верувам оти некој ќе поверува, потенцираше за "Дневник" потпретседателот на ДУИ,

Агрон Буџаку, кој на ВМРО-ДПМНЕ & порача "да си ја смени националистичката идеологија, на која & поминало времето". Портпаролот на СДСМ, Игор Ивановски, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ само се обидува да "го фризира својот слаб рејтинг во јавноста и меѓу членството".

Тие забораваат дека Пописот го подготвува и го организира Државната пописна комисија во соработка со Заводот, формирана за време на нивниот мандат. ДПК и меѓународните набљудувачи се вклучени и во обработката на податоците, што гарантира транспарентност, објективност и точност, истакна Ивановски.

Претставниците на меѓународната заедница што се лоцирани во Скопје велат дека нема простор за сомнежи во објективноста на податоците. Тие веруваат дека обработката на податоците се одвива според законот и усогласените меѓународни стандарди.

Шпекулациите кои циркулираат во јавноста можат да се побијат ако Државниот завод за статистика излезе со точни и со прецизни информации околу текот на обработката на податоците, изјави претседателот на Државната пописна комисија, Зоран Крстевски.

Најодговорна личност која се прозива во моментов е директорот на Заводот, Дончо Герасимовски, потенцира Крстевски.

Државната пописна комисија очекува кон крајот на овој месец и во почетокот на идниот, заедно со меѓународниот мониторинг, да се вклучи во фазата на обработката на податоците.

ОДГОВОРНОСТ

Лицитацијата за бројот на Албанците во конечните резултати од ланскиот попис, чие објавување е најавено за по 15 ноември, е започната, иако според Законот, никој не смее да ги толкува или објавува. Значи, никој не смее да излезе со своја проценка се до конечното објавување на резултатите, бидејќи со тоа се остава простор за шпекулирање и манипулирање со јавноста. Но, ова принципиелно и законско правило го прекршија двајцата најповикани луѓе во моментов, а тоа се директорот и заменикот на Државниот завод за статистика. Посебна одговорност сноси директорот на Заводот, Дончо Герасимовски, кој во ниту еден случај не смее да излезе со проценка или каква било констатација. Меѓутоа, тој се стави во улога на арбитар и пред време коментираше одредени статистички показатели. Затоа неговата неодмерена изјава во интервјуто за А1 телевизија предизвика соодветна политичка реакција која не е во интересот за објективно мерење на статистичките показатели од Пописот во 2002 година. Ако вака продолжи да се однесува и да раководи со Заводот каде ќе не одведе? Секако во лавиринтот од кој едвај се извлековме. Затоа го потсетуваме директорот Герасимовски што рече пред два ипол месеца за "Македонско сонце". Нека се подзамисли каде е неговата објективност или стручност на која најмногу се повикуваше во неговите одговори. За неговото раководење немаме коментар, освен дека во нормални држави за избрзани изјави или констатации се поднесува оставка или бидува сменет од позицијата што во момент ја ужива - директор на Државниот завод за статистика:

МС: Овој Попис го следат многу политички интриги, а не стручни консултации околу обработката на информациите. Кој е Вашиот коментар?

ГЕРАСИМОВСКИ: Јас секогаш потенцирам дека нашата институција на Пописот ќе гледа од стручен аспект, а за она што е во обработка, за она што се обработува, додека не се заврши и последната фаза, не може да се дава никаков коментар за какви било бројки или податоци. Секој вели првични согледувања итн... Значи, севкупниот материјал на сите попишани лица, станови и домаќинства, треба да се смести на едно место, податоците да се внесат во една база, и дури потоа да се прави анализа. Додека тоа не се заврши, може само да се манипулира, да се измислуваат бројки или да се вршат некои притисоци од поединци. Сето тоа создава тензии во државата. Никој не го оспорува правото да се вршат анализи за материјалите од секој попис. Можат да се вршат споредбени анализи за Пописот од 2002 со Пописот од 1994, или со другите. Но, тоа да се прави кога ќе имаме официјален податок со сите белези. Сега може да се направи анализа само врз основа на првичните податоци за населението по општини. Тоа се објавени податоци и врз таа основа може да се пресметува зголемувањето или намалувањето на населението по општини. Значи, не можат да се прават други видови споредби, бидејќи нема информации за полот, возраста, етничката структура на населението на РМ.

МС: Пред Вашето именување за директор на оваа институција, во јавноста имаше шпекулации за бројноста на Албанците во РМ, податоци кои наводно произлегуваа од Пописот 2002 година. Од каде доаѓаа овие информации и дали се точни?

ГЕРАСИМОВСКИ: Верувам дека податоците не произлегле од Државниот завод за статистика, бидејќи, како што веќе кажав, комплетно не се завршени и обработени податоците. Како второ, неблагодарно е и невкусно е да се даваат одредени изјави со кои се тврди дека тие податоци произлегуваат од нашиот Завод. И да повторам - не може такво нешто да излезе од оваа институција. Веројатно тоа се манипулации или шпекулации кои се користат за други цели. Такви податоци кои ќе бидат званични, особено за етничката структура, ќе излезат со дефинитивната обработка, односно со првите дефинитивни податоци. Тогаш би можело да се зборува за самите бројки. Според тоа, неблагодарна е оваа работа, а за неа сме расправале и во Државната пописна комисија каде беше договорено да не се даваат такви оценки, такви квалификации дека, наводно, се даваат такви бројки, што практично во моментов е непожелно. Посебно од аспект на тоа што податоците не можат да се користат како такви, туку се со цел да се насочат во некој друг непосакуван правец.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"