ИНТЕРВЈУ

Атанас Кирјаков, претседател на Културно-просветното и спортско друштво "Светилник" од Благоевград

ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА ВО ЕТНИЧКИ ГРАНИЦИ

Разговарала: Жаклина МИТЕВСКА

  • За Бугарија би рекол: луѓе немојте да му се лутите на народот во Бугарија, зашто ако не секој втор, тогаш секој трет човек во Бугарија ќе ви каже дека или по татко или по мајка или по дедо или по баба потекнува од Македонија, односно има македонски корени.
  • Македонците од Пиринскиот дел на Македонија и македонската емиграција во Бугарија се подготвени со сите средства да помогнат да се исчисти ракот наречен албански тероризам во Република Македонија.

МС: Господине Кирјаков, како претседател на КПСД "Светилник" од Благоевград, кажете ни нешто повеќе за Друштвото и за неговите активности од основањето до денес?

КИРЈАКОВ: Самиот назив на Друштвото укажува на тоа зошто е создадено и кои се неговите цели. Тоа се занимава со културно-просветни, како и спортски активности. Од 1995 година до сега нашите активности се движат во таа насока. Имавме повеќе изложби на ликовни уметници и настапи на наши поети и писатели од Пиринскиот дел на Македонија. Во 2003 година имавме изложба на дрворез на стар мебел. Нашите сликари или реставратори, автентичните стари ковчези за чеиз од селата и маалата од Пиринскиот дел на Македонија ги реставрираат и им внесуваат нов живот. Антонио Трајанов, на пример, има таков талент. Тој ги собира ваквите ковчези, ги обработува, на нив става цвеќиња и разни македонски симболи, типични за Пиринскиот дел на Македонија. Исто така, една од активностите на ова Друштво е спортот, односно индивидуална и тимска работа на шаховското поле. Но, освен во Пиринскиот дел на Македонија ние со изложби на наши сликари, живопис во масло и акварел, се претставуваме и во Република Македонија. Имавме изложби во Струмица, Штип, Охрид и во Скопје. Во почетокот на годинава, која е јубилејна, 110 години од ВМРО, 100 години Илинденско востание, 100 години Крушевска Република, потоа јубилејот - 22 јули, роденденот на великанот на македонскиот народ, Александар Македонски, во Благоевград беше претставена книгата на македонскиот амбасадор во Бугарија и режисер Љубиша Георгиевски - "Без предрасуди". При претставувањето на оваа книга нам како на Културно-просветно и спортско друштво ни беше речено дека Република Македонија и Република Бугарија имаат потпишано тригодишен договор за културна соработка меѓу двете држави, а Договорот за наша општа радост е продолжен од овој амбасадор за уште три години. Тој тогаш рече дека во најскоро време ќе биде отворен македонски културно-информативен центар во Бугарија. Се разбира, наша желба беше тој центар да биде отворен во Благоевград како најголем град по бројот на населението во Пиринскиот дел на Македонија и град со многу големо културно значење. Или, пак, во најмала рака, доколку таков информативен културен центар се отвори во Софија, како што и всушност се случи по спогодбата меѓу Македонија и Бугарија, да се отвори филијала во Благоевград. Интересот за македонската книга во Пиринскиот дел е голема. Во последните години по 1989 година се забележуваат почести контакти меѓу народите во Македонија и Бугарија, особено меѓу етничките Македонци кои живеат во Пиринскиот дел и македонската емиграција во Бугарија со народот во Македонија. Станува збор за контакти на културен, духовен и спортски план. Помина времето, односно помина повеќе од половина век кога меѓу двете држави немаше никаква културна соработка. Тогаш, на пример, имаше само еден црно-бел македонски филм "Македонска крвава свадба", кој беше прикажуван во Бугарија и еден исто така црно-бел филм "Итар Пејо", кој беше прикажуван во Македонија. Македонците во Пиринскиот дел на Македонија и македонската емиграција во Бугарија имаат потреба од македонска литература. Љубиша Георгиевски на средбата во Благоевград ни вети дека во најскоро време, ако не филијала, тогаш во Благоевград ќе биде отворена македонска библиотека и за таа цел претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Веле Смилевски, ќе ни подари 1.000 книги од македонската литература, издадена од деведесеттите години па наваму. Мислам дека кон крајот на септември ќе пристигне првата пратка македонска литература. Во почетокот на годинава организиравме средба на студентските театри од Битола и Скопје кои учествуваа на Фестивалот на студентски театри во Благоевград на кој зедоа учество и други театри од Балканот.

ПРОСЛАВА

МС: Како "Светилник" ја одбележа 100 годишнината од Илинденското востание?

КИРЈАКОВ: Во Пиринскиот дел на Македонија, Илинден се слави двапати - на 20 јули по стар календар и на 2 август по нов. Македонците кои живеат во Неврокопска или денешна Гоцеделчевска околија слават во месноста Папаз Чаир, Македонците од Разлошка или некогашна Мехумијска околија слават во месноста Предел, како и во селата Кремен и Обидим. Македонците од Петричка и Свети Врачка, денешна Санданска околија, оваа година славеа во село Самоилово, кај Самоиловата крепост. Македонците од Горноџумајска или Благоевградска околија славеа во Благоевград кај селото Покровник каде постои македонски православен параклис "Свети Илија" изграден од македонско-христијанското братство "Пророкот Свети Илија". По повод јубилеите како КПСД ги преземавме следните активности. На 11,12,13 јули организиравме индивидуален шаховски турнир на шахисти од повеќе делови од Пиринскиот дел на Македонија. На него одлучивме првата десетка шахисти кои беа наградени со почесни плакети со натпис сто години Илинден да ја претставуваат нашата екипа која требаше да направи пријателска средба со екипата на градот Делчево од Република Македонија. Таа средба беше реализирана во Благоевград. КПД "Светилник" се претстави во живо со песни и ора од Пиринскиот дел на Македонија, а од градот Делчево во Благоевград гостуваше групата "Македонија". По повод јубилејот, во градската галерија во Благоевград "Македонија арт" отворивме ликовна изложба, живопис во масло, на двајца уметници од Пиринскиот дел на Македонија. Тоа се изложбите на Красимир Тупареев од село Катунци - Сандански и Антонио Трајанов од Благоевград. За славно загинатите борци во Илинденското востание познати и непознати, под девизата "Македонија на Македонците и Македонците за Македонија" се одржа панихида од страна на нашиот македонски свештеник, отец Страхил. Исто така беа претставени и наши дела, дрворез во истата галерија - "Македонија арт". Тоа беше на 19 јули, пред денот кога по стариот календар го славиме Илинден, 20 јули. За 2 август по нов стил, чествувањата беа по местата што претходно ги наведов, по околиите. Ние од Благоевград како делегација на КПСД присуствувавме на два настани. Дел од делегацијата беше кај селото Покровник, кај македонскиот православен параклис, а дел од нашите членови на 2 август присуствуваа во Крушево на Мечкин Камен. Нашата група беше облечена во автентични традиционални комитски носии.

МС: Какво беше чувството да присуствувате на Мечкин Камен, местото каде пред 100 години храбро загина четата на војводата Питу Гули?

КИРЈАКОВ: Како претседател на "Светилник" и како внук на Илинденецот од1903, Димитар Ќосето од Егејскиот дел на Македонија, бев многу воодушевен, затоа што на тој ден 100 години од Илинден се наоѓам на Мечкин Камен, каде паднаа Питу Гули и другите херои за Македонија. Бев во Крушево, градот каде се објави првата република на Балканот, Крушевската, со прв претседател Никола Карев. Чувствував дека во моите вени тече македонска крв, крвта на дедо ми Димитар Ќосето, Илинденецот. Пред привршувањето на ликовната изложба во Благоевград, по повод 100 години Илинден, ние со ликовна изложба се претставивме и во Скопје на 8 август, во хотелот "Холидеј ин" во салата Милениум. На изложбата пред македонската публика беа претставени дел од творбите на Антонио Трајанов. По повод овие јубилеи ни претстои ликовна изложба по 15 септември во Американскиот универзитет во Благоевград, како и етнографска изложба на машки и женски носии од Пиринскиот дел на Македонија. Ни претстои и спортска шаховска средба на нашиот шаховски тим со професори и студенти од американскиот универзитет во Благоевград. Следната активност е враќање на посетата на шахистите во градот Делчево и домаќинство на КПСД "Светилник" на културните друштва од градовите Солун и Лерин. Една од активностите на "Светилник" до крајот на 2003 година ќе биде издавање на книгата "Македонско национално ослободително движење во Пиринскиот дел на Македонија", периодот 1989 - 2003. Книгата содржи автентични документи за животот на етничките Македонци во Пиринска Македонија, организирани во Обединетата македонска организација. Последната активност за оваа година треба да биде за Коледе - Божиќ. Ние имаме доста контакти со македонскиот народ што живее во РМ, но немаме допирни точки со луѓето што живеат во Егејскиот дел на Македонија. Затоа ги правиме првите контакти со нив и сакаме со нивна помош пред благоевградската публика да изведеме фолклорни традиционални игри и песни од Егејскиот дел на Македонија. Тие ни рекоа дека ќе ја донесат групата "Русалии" од Егејска Македонија. И ние имаме таква група "Русалии". Таа е потомок на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. И двете групи треба да се претстават во Благоевград. 75 проценти од самото благоевградско населението е од Егејскиот дел на Македонија, а да не зборувам за градовите Гоце Делчев, Сандански, Разлог и Петрич. Всушност, тука ние ќе сретнеме не толку староседелци пиринци колку што ќе сретнеме луѓе бегалци од Егејскиот дел на Македонија кои изведуват песни и ора исти како оние на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Ние сме еден народ и нашата девиза е "Да живее обединета православна суверена македонска држава во нејзите етнички историски и географски граници". За нас културата, просветата, уметничкиот збор и спортот се најголемиот амбасадор во светот на секој народ. Ако сакаш да запознаеш еден народ во светот доволно е да ги видиш неговите уметнички, културни и спортски дела, како и традиционалната кујна. Македонците во трите дела на Македонија, Пиринскиот, Егејскиот и Вардарскиот кој од 8 септември 1991 е суверена држава, Македонците од деловите под Албанија, Мала Преспа, Пустец, Голо Брдо и делот од Србија - Горанците, како и македонската дијаспора во Европа и прекуокеанските земји, Австралија, Америка и Канада покажуваат зачувани традиции дури од антиката. Контактите што ги правам со Македонците во Република Македонија, со Македонците во деловите на Македонија и Македонците во дијаспората покажуваат дека и сегашна и утрешна Република Македонија во нејзината целост ги има сите нишани и белези на една културна прогресивна држава основана врз радикални принципи, а тоа е и продолжението на девизата на Гоце Делчев: "Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите", зашто самиот Гоце Делчев рекол дека ја посакува утрешна Македонија како една културно прогресивна држава основана врз радикални принципи. Ние сме библиски народ со традиција и верувам дека тоа ќе се оствари кога било, дај Боже сега.

ОБЕДИНУВАЊЕ

МС: Каков е односот на бугарските власти кон Македонците во Пиринска Македонија и во други делови на Бугарија?

КИРЈАКОВ: Контактите меѓу етничките Македонци во Пиринскиот дел на Македонија и македонската емиграција во Бугарија, со Македонците од Република Македонија по 1989 година, се зачестени. Но, не само што немаме добри контакти со Македонците од Егејскиот дел на Македонија, кој никогаш не бил грчки, туку наш македонски, немаме ниту почеток на такви контакти. Етничките Македонци во Пиринскиот дел на Македонија и македонската емиграција во Бугарија сонуваат за југот. Нивната девиза е Пирин и Вардар кон југ, ни на исток ни на север, ни на запад, туку кон југ. Пирин и Вардар да се спојат со југот. Не треба да заборавиме дека во душата на секој Македонец е Македонија. Македонија во историските граници, православна, обединета. Во походот кон југот голема улога може да одигра Вардарскиот дел на Македонија, како пиемонт, а и дијаспората. Грците знаат дека Егејскиот дел на Македонија не е нивен и дека порано или подоцна се разбира и со помошта на големите сили Америка, Европа и Русија, тој дел треба да го вратат, односно тој да припадне на Македонија.

МС: Колку македонската песна е застапена во бугарските медиуми и што мислите за фалсификувањето на текстот на македонските песни?

КИРЈАКОВ: Македонската песна низ целата територија на Република Бугарија е како магнет за привлекување. Во кое и да е село, град, или катче на Бугарија кога ќе се слушне македонска песна таа ги привлекува луѓето без оглед на нивната етничка припадност. Убавата песна нема граници. Крајно време е да се спречи правањето на фалсификати на македонски песни. Во Македонија треба да има закон за заштита на авторските права. За Бугарија би рекол: луѓе немојте да му се лутите на народот во Бугарија, зашто ако не секој втор, тогаш секој трет човек во Бугарија ќе ви каже дека или по татко, или мајка или по дедо или по баба потекнува од Македонија, односно има македонски корени. А тоа што во Бугарија се изменуваат македонските песни, тоа е плод на изминатиот тоталитаризам, догматизам, едноумие. Такви остатоци има и ќе има додека постои светот. Бугарија беше првата држава што ја призна Македонија како суверена и самостојна држава. За да влезе во ЕУ, таа ќе мора да ги признае и Македонците како мнозинство во Пиринскиот дел на Македонија и македонската емиграција во Бугарија, односно да ги признае Македонците како македонска нација во цела Бугарија.

МС: Кој е Вашиот став за војната во Македонија во 2001 година.

КИРЈАКОВ: Република Македонија треба да преземе мерки да го реши проблемот со терористите од албанско потекло. Македонскиот народ не смее да дозволи душманите на Македонија да & го земат името, знамето, нацијата. Ние етничките Македонци, каде и да се наоѓаме треба да им кажеме на душманите на Македонија дека и Македонија раѓа достојни синови и дека треба да престанат со вооружените конфликти. Како доброволци ќе дојдеме и ќе ги зашититиме нашите браќа во РМ и по цена да ги загубиме нашите животи, но со чест и достоинство дека гинеме за татковината Македонија. Македонците од Пиринскиот дел на Македонија и македонската емиграција во Бугарија се подготвени со сите средства да помогнат да се исчисти ракот наречен албански тероризам во Република Македонија и да се вклучат активно во борбата против Грција за Егејскиот дел на Македонија. Пирин, Вардар и Егеј во обединета македонска држава во нејзините етнички, историски и географски граници. Да живее Македонија, да живее македонскиот народ!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"