КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ПАЛЕСТИНА СЕ СЕЛИ НА БАЛКАНОТ!!!

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Вистинската причина за ескалацијата на тероризмот на овие простори е се посилниот политички судир внатре во албанскиот корпус помеѓу т.н. традиционалисти и фундаменталисти.
  • Стручњаците велат дека на теророт на радикалите во никој случај не смее да се одговори со вооружена сила, туку само со дипломатија што ќе ги натера и САД и ООН да ги осудат акциите на екстремистите.

Балканскиот лонец зоврива. Инциденти, пукотници, закани, предупредувања. Косово повторно како и пред петнаесетина години кога се распаѓаше најголемата балканска федерација на сите времиња, станува изворот на нестабилноста и расадник на тензиите и насилствата во поширокото балканско опкружување. Амбициите растат, желбите на радикалите се зголемуваат. Администрациите на моќните сили стојат настрана и ја држат ситуацијата статус кво. Се тече, ништо не се менува.

Командантите на мултинационалните бригади на КФОР се свесни оти на Косово дејствуваат терористички организации што имаат за цел да го дестабилизираат регионот. Тие знаат и дека се обидуваат да ги прошират судирите во соседните држави - Србија, Црна Гора и Македонија. Но, само ги осудуваат таквите потези на трансформираните екстремистички единици и по којзнае кој пат само повторуваат дека терористите нема да бидат толерирани и оти ќе бидат идентификувани, уапсени и казнети.

КРВАВА БАЛКАНСКА ЕСЕН?

Дека состојбата во меѓународниот протекторат ја држат статус кво без никаква активност за подобрување на соживотот меѓу населението говори и фактот што не сакаат да потврдат дека постои или не постои т.н. АНА. За нив таа формација е се уште непознаница. Но, сепак една таква вооружена формација не може да функционира изолирано, сама и без конкретна помош. Ако е така, тогаш таа не би претставувала никаков проблем и опасност не само за Косово, туку и за поширокиот регион. Јасно е како ден дека новата т.н. Албанска национална армија е формирана со големи суми пари, со логистичка поддршка од западните демократии и дека таа набрзо не може да исчезне се додека не си ја изврши задачата и улогата која & е доделена. Впрочем, така беше со ОВК, ОВПМБ и ОНА. Денес ниту една од нив не постои и сите три се трансформирани, но откако претходно добро си ја одиграа улогата едните во Косово, другите на југот од Србија, третите во Македонија. АНА се уште си ја нема исполнето обврската, а тоа е обединување на сите албански територии на Балканот во една моноетничка и компатибилна структура.

Еден од најпознатите познавачи на балканските прилики и проблемите на тероризмот, Милан Пашански, смета дека политичката цел на т.н. АНА е создавање на Големо Косово кое подоцна би влегло во составот на Албанија со намера обете да се вклучат во европскиот процес на интеграција. Вистинската причина за ескалацијата на тероризмот на овие простори е се посилниот политички судир внатре во албанскиот корпус помеѓу т.н. традиционалисти и фундаменталисти. Албанските традиционалисти и натаму се залагаат за независност на Косово кое би се придружило на проектот за "Голема Албанија". Тие не можат да го прежалат падот на Милошевиќ, бидејќи неговата политика им одговараше за остварување на идеалите и сепаратистичките цели. Од друга страна, пак, т.н. косовски фундаменталисти се борат за Големо Косово со Приштина како престолнина, додека пак Албанија ќе треба да се присоедини кон таа област, а не обратно. Судирот меѓу овие две струи за последица го има новото политичко насилие врз Србите и другите не-Албанци чија цел е предизвикување криза и наметнување на АНА како политички фактор во решавањето на конечниот статус на покраината. Водачите на оваа терористичка организација сакаат со сурово насилство, односно со политика на свршен чин да ги натераат и Приштина и Белград на пораз и да го забрзаат процесот на создавање "Големо Косово". АНА е поучена од тактиките на своите претходници ОВК, ОВПМБ и ОНА. Преку убиствата тие повторно како некогаш сакаат да го интернационализираат проблемот. Но, необично е тоа што албанските екстремисти повторно се активираат во времето кога САД водат меѓународна битка против глобалниот тероризам. Меѓутоа, тоа е доказ дека Американците и натаму практикуваат политика на двојни стандарди кон балканските земји и тие не можат преку ноќ да се откажат од политиката која ја воделе речиси петнаесет години. АНА сега настојува да го блокира се поизвесното интегрирање на Македонија во НАТО алијансата и членството на Србија во Партнерството за мир. Доколку овие две земји станат полноправни членки во организациите, тогаш АНА се плаши дека Скопје и Белград пред Приштина ќе станат американски сојузници во меѓународниот поредок. Албанските националисти сега се во паника поради наглото свртување на Вашингтон кон Скопје и Белград, а Приштина ја заобиколува. Оттука потезите на АНА можат да се протолкуваат само како знак на немоќ да ја поправат сликата за денешно Косово. Колку повеќе Македонија и Србија ќе бидат поблиску до САД, толку повеќе ќе расте албанскиот тероризам во обете земји. Значи ли тоа дека не чека неизвесна и крвава балканска есен? Центарот на илегалната т.н. Албанска национална армија, според некои сознанија, се наоѓа во северна Албанија и нејзин неофицијален лидер е Хидает Бечири кој раководи со сите нејзини акции. Тоа што се случува во Косово, во Македонија и во Јужна Србија се координира од истиот тој центар. Но, според разузнавачките служби АНА сега би можела да се сконцентрира дури и во Санџак каде би го напаѓала српското и босанското население. Целта на таа терористичка организација останува иста, но веќе не се нарекува "Голема Албанија", бидејќи тоа политички веќе не е популарно. Под изговор "грижа за правата на албанската заедница" се сака воспоставување контрола над териториите во кои живеат Албанци, бидејќи сметаат дека самите себеси подобро и поквалитетно би се заштитувале отколку да бидат под власт на Србите и Македонците. Какви небулози.

АЛБАНСКО ЛУДИЛО

Британскиот експерт за безбедност и воени прашања, Пол Бивер, оцени дека зад екстремистите на Косово стои организираниот криминал. "Одговорот се наоѓа во надмудрувањето на овие групи кои во суштина се криминални, иако се на граница да бидат терористички. Проблемот е во тоа што Србите се лесна цел. Тие лесно можат да бидат идентификувани поради јазикот и културата, што им олеснува на елементите во мнозинската албанска заедница да им се одмаздуваат", посочи Бивер.

На ваков начин беа оквалификувани и активностите на ОВК и ОНА, криминалци со криминална позадина, иако зад нивните убиства се криеше класична омраза кон другата националност проткаена со елементи на националшовинизам и фашизам. Но, тоа тогаш меѓународната заедница не можеше или не сакаше да го види. Како денес ќе гледа на најновиот развој на случувањата во Бујановац, Гораждевац, Арачиново? Ветувањата на екстремистите се исполнуваат. Тие ветија дека ќе почнат истовремено на сите три места кои ги сметаат за свои територии, северот на Косово, југот на Србија и Македонија. Недели наназад паралелно се бележат насилства и напади насекаде каде што АНА има свои штабови и единици. Сакал некој тоа да го признае или не, сепак билтените на министерствата за внатрепни работи и на Република Македонија и на Србија и Црна Гора го потврдуваат тоа. А сознанијата на разузнавачките служби и на обете држави велат дека налетот на тероризмот нема да стивне, туку напротив добива нов елан. Албански терористи во јужна Србија, но и на границата на Косово со Црна Гора забрзано се подготвуваат за судири од поголеми размери со полицијата и војската на Србија и Црна Гора - велат и странски разузнавачки служби. Надлежните органи неодамна добиле извештај од разузнавачките служби на некои европски држави според кој организирани воени албански формации се снабдуваат со големи количества оружје во пограничните подрачја, а веќе формирале и терористички формации кои имаат цел набрзо да испровоцираат вооружен судир на административната граница меѓу Косово и Црна Гора. Терористите сметаат дека границата со Црна Гора е ослабена, бидејќи нејзиното чување го презема црногорската полиција, но по одржаниот итен состанок во Подгорица е договорено засега да се одложи повлекувањето на српските воени сили од административната граница со Косово и да се зајакнат силите кои го обезбедуваат ова гранично подрачје. "Албански терористи подготвуваат терористички напади во Белград, Ниш и други големи градови во Србија", со вакви ударни наслови се почесто осамнуваат српските и црногорските печатени медиуми и ги вознемируваат своите граѓани. Низ пишувањата може да се забележат и податоци со кои се поткрепуваат тврдењата дека нешто слично се подготвува и во Македонија и во чемериската област во соседна Грција. Но, колку овие најнови стратегии на албанските радикали им одат во прилог на стекнувањето независност на протекторатот од српско-црногорската заедница?

Мајкл Оукс, експерт на тексашката агенција Стратфор, задолжен за Балканот вели: "По најновите случувања на Косово, Покраината е поблиску до некој вид поголема автономија отколку до независност". Оценката на американскиот аналитичар е дека во следните неколку години нема многу надеж дека косовското прашање ќе се реши и оти тоа сега не е приоритет ниту за САД, ниту за Европската унија. Впечаток е дека УНМИК и Обединетите нации се најдоа во ќорсокак. Одржувањето на статус кво ситуација со минимум насилство е доволно за Вашингтон, затоа што секоја друга опција може да доведе до повторно насилство. Интересно е сега прашањето како Скопје и Белград треба да одговорат на се порастечкиот албански екстремизам? Стручњаците велат дека на теророт на радикалите во никој случај не смее да се одговори со воружена сила, туку само со дипломатија што ќе ги натера и САД и ООН да ги осудат акциите на екстремистите. Меѓународната заедница ги дозволуваше акциите на терористичките групи, а ги осудуваше легалните одбранбени акции на македонските и српските одбранбени сили. Анализите покажуваат дека овојпат треба да покажеме мудрост, а не сила.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"