Избркана полицијата во Слупчане

Мешана полициска патрола во понеделникот попладне била избркана од селото Слупчане од група поранешни команданти на ОНА. На овој инцидент му претходела акција на полицијата меѓу селата Отља и Оризаре каде што било откриено возило со оружје што го пренесувале неколку вооружени униформирани лица. Возилото & избегало на полицијата.

Пукотници во Кумановско

За време на минатиот викенд најголема демонстрација на сила во Кумановскиот регион била регистрирана во селото Оризари, при одржување на комеморација на поранешниот командант на ОВК, Исмет Јашари, при поставување на спомен-бистата во селото.

Злосторниците во Челопек да бидат осудени

"Кога сторителите на ѕверското убиство на двајцата чувари во мотелот 'Бриони' во тетовското село Челопек ќе бидат изнесени пред лицето на правдата, ќе се подобрат меѓуетничките односи и соживотот во овој регион", порачаа педесетина жители на Челопек за време на панихидата во чест на убиените.

Отстранување на лузните на војната

Поправката на манастирската црква "Св. Атанасиј" во тетовското село Лешок и на џамијата во Непроштено почна со пари на Европската унија. Како што најави протојереј-ставрофор Димитрија Крстевски, старешина во манастирот, со обновата на овие два верски објекти треба да почне отстранувањето на лузните од воената криза пред две години.

ОНА ограбува таксисти

"Не ѕвонете на овој број, да не дојдеме и по вас" им се заканил командант на ОНА на таксистите што на мобилен го побарале својот колега за кој не знаеле дека е ограбен од вооружено лице.

Ранет пратеникот Кондарко

Пратеникот Борис Кондарко бил лесно ранет во пукотницата пред бурекџилницата "Фурна" во скопската населба "Чаир". Кондарко ја потврди информација и изјави дека има прострелна рана во левата натколеница.

Фрчковски си подарил три пиштоли

Министерството за внатрешни работи, како што изјави неговиот портпарол Мирјана Контевска, располага со документи дека Љубомир Фрчковски, поранешен министер за внатрешни и за надворешни работи, и советник на претседателот Трајковски, поседува седум парчиња оружје, а самиот себеси си подарил три пиштоли.

Струмичките монаси наградени со пиштоли

Извори за "Утрински весник" потврдиле дека монахот Арсение, возач на струмичкиот владика Наум, со решение од 28 јануари 2001 година добил пиштол од екс-министерот Љубе Бошкоски. Истите извори потврдиле дека и владиката Наум поседува пиштол.

Верушевски го врати станот

Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, го вратил едниот од двата државни стана, а оние 3.000 евра што тој ги вложил за откуп на станот и за реновирање ќе му бидат вратени, соопшти МВР.

Функционерите не смеат да бидат прислушувани

Шефот на државата, пратениците, министрите, судиите, обвинителите и многу други функционери, треба да бидат посебна категорија личности што под никакви услови не смеат да бидат подложени на прислушување од страна на полицијата. Ова се само дел од гаранциите што пратениците од Либералната партија ќе бараат да бидат вметнати во новиот закон што ќе ги уреди условите и процедурата за прислушувањето.

Мисија на добра волја

Третата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија се одржа од 20 до 24 август во Република Грција. Средбата беше оценета како мисија на добра волја, а во нејзините рамки учесниците имаа можност за првпат по 55 години да ги посетат своите родни огништа.

Полска нема намера да ги купи тенковите Т - 55

Министерот за одбрана на Полска, Јержи Шмајдизињски, по средбата со својот гостин, министерот за одбрана на РМ, Владо Бучковски, ги оцени како шпекулации тврдењата на некои медиуми дека се разговара Полска да купи од Македонија тенкови Т - 55.

Англиските хулигани се уплашија од Македонија

Најзлогласните фудбалски навивачи на светот - англиските хулигани, со страв и голема доза на почит гледаат кон Македонија, спроти мечот со Англија, кој треба да се одржи на 6 септември.

"Немојте да почнувате тепачка, зашто речиси сите криминалци се вооружени", е пријателскиот совет на уредникот на една англиска веб-страница, Стивен Мареј.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"