СПОРТ

РАКОМЕТ: Успешно заврши Светското младинско првенство за жени

СЛЕДЕН ЧЕКОР - СЕНИОРСКАТА КОНКУРЕНЦИЈА

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Интересно е да се спомне и коментарот на рускиот селектор Акопјан кој рече дека многу & се заблагодарува на македонската публика затоа што со поддршката што ја добила руската репрезентација од публиката тој воопшто не се чувствувал како да игра во друга држава, туку цело време публиката создавала атмосфера како Русија да игра на домашен терен.
  • Сепак, и покрај сите проблеми, нашите млади ракометарки постигнаа успех кој е достоен за почитување. Имено, тие на крајот успеаја да го освојат осмото место, што и не е така мал успех, ако се земе предвид дека ова беше светско првенство.

Македонија ги доби најголемите почести за организацијата на Светското младинско првенство кое од 4 до 8 август се одржа во градовите Охрид, Гевгелија и Скопје. Ова воедно беше и најголемата спортска манифестација која годинава се одржа во Македонија и претставуваше вистински тест за можностите на Македонија за организација на едно натпреварување од голем ранг. Според оценките кои ги дадоа делегатите од Европската ракометна федерација задолжени да ја контролираат организацијата и целокупниот тек на првенството со сите негови придружни појави, Македонија се покажала како најдобар домаќин на едно младинско светско првенство кое според сите оценки било организирано на ранг на едно сениорско светско првенство.

Значи, тестот е положен, добивме највисоки оценки и следен логичен чекор е да се пријавиме за организација на некое сениорско првенство, било тоа да е во машка или женска конкуренција, или пак да е тоа европско или светско првенство. Навистина, искрено кажано, толку убави зборови за Македонија одамна немавме слушнато. Цела организација беше како еден швајцарски саат и се функционираше беспрекорно: од прес-центарот па се до најситните технички детали на теренот. Ова со еден збор кажано беше најдобра можна промоција на Македонија.

РУСИЈА - ЕВРОПСКИ ШАМПИОН

Првото место на штотуку завршениот собир на најдобрите светски младинки во ракомет го освоија ракометарките на Русија. Тие успеаја да ја одбранат титулата и на најдобар можен начин да докажат дека руската школа е се уште најдобрата ракометна школа во светот. Тие беа супериорни во текот на целиот шампионат и навистина впечатокот што го оставија беше импресивен. Интересно е да се спомне и коментарот на рускиот селектор Акопјан кој рече дека многу & се заблагодарува на македонската публика затоа што со поддршката што ја добила руската репрезентација од публиката тој воопшто не се чувствувал како да игра во друга држава, туку цело време публиката создавала атмосфера како Русија да игра на домашен терен. За тоа колку отскокнуваше Русија во текот на целиот шампионат говори и податокот дека нивната репрезентативката, Емилија Туреј, беше прогласена за најсолидна учесничка на натпреварите.

Среброто го освои репрезентацијата на Унгарија која во финалето се обиде да биде достоен противник на Русија, па и тие ги стекнаа симпатиите на македонската публика. На трето место беше репрезентацијата на Норвешка која во малото финале ја совлада селекцијата на Хрватска. Она што пријатно изненади е нагорниот тренд на квалитетот кој го поседуваат репрезентациите на кои досега важеа само како топовска храна чија мрежа се полнеше со голови. Овој пат репрезентациите и на Конго и на Кина покажаа дека во нивните земји се работи напорно и дека сега тие се достојни противници на сите репрезентации.

ДОМАЌИНИ

Како домаќин на шампионатот Македонија ја имаше таа привилегија да ја одбере групата каде што ќе се натпреварува. Македонија беше во група заедно со репрезентациите на Норвешка, Конго, Чешка, Кина и Португалија. Првата цел на избраничките на Крсто Петрушевски беше да се пласираат во втората фаза на натпреварите по групи и евентуално да се здобијат со шанса да се борат за медал. Наш најголем адут беше домашниот терен и поддршката од домашната публика. Првата цел беше остварена и сите оние аномалии кои се појавија во играта на нашите ракометарки сметавме дека ќе бидат надминати, дека ќе ги консолидираме нашите редови и дека ќе успееме да се бориме за едно од првите места на шампионатот. Но, во втората фаза кога трбаше да се избориме за медал најдобро се виде дека нашите ракометарки не се доволно подготвени да се борат за медал. На теренот имаше конфузија, често се правеа брзоплети и непотребни грешки и не можеше да се види некој да се издвои како лидер на оваа репрезентација.

Единствено што е вредно за пофалба во играта на нашата репрезентација е борбеноста и спортскиот дух со кој се влегуваше да се бранат боите на нашата репрезентација. Во тој поглед репрезентативките навистина заслужуваат почит и пофалба. Постојат и некои мислења дека тоа што натпреварите ги губевме на крајот од играта е дел од неискуството и слабото ракометно првенство во Македонија каде веќе цела деценија доминира само еден клуб.

Сепак, и покрај сите проблеми, нашите млади ракометарки постигнаа успех кој е достоен за почитување. Имено, тие на крајот успеаја да го освојат осмото место, што и не е така мал успех, ако се земе предвид дека ова беше светско првенство. Значи, ние сме осми во светот. Тоа е знак дека во Македонија постои квалитет кој треба да се обработи, дека постојат ракометарки кои со многу работа би го носеле и дресот на националната селекција, зашто сакаме ли ние да признаеме или не, сепак ова е иднината на македонскиот ракомет и токму од тука ќе треба да се бараат идните репрезентативки кои ќе треба да го одбранат високиот рејтинг на македонскиот женски ракомет.

На крајот само да кажеме дека најискрено се надеваме оти во многу блиска иднина со залагање на Федерацијата и на институциите во државава ќе бидеме сведоци и на едно сениорско светско или европско ракометно првенство.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"