ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Искрено покајание за човековите гревови и малодушност

ЕДИНСТВО СО БОГА ВО ВРЕМЕТО И ВЕЧНОСТА

Подготвила: Ружица ГОЧЕВСКА

  • Духовник и исповедник може да биде секој канонски расположен православен свештеник кого верниот член на Христовото стадо доброволно го бира.

Исповедувањето е изнесување на гревовите направени од страна на човекот со: помисли, мисли и дела. Односно, изнесување (покажување) пред Бога, се она што човекот го прави нечовек, подчовек и ѓаволчовек. И воедно покажување на огромна желба за сојуз и соживот со Бога, враќање при својот Отец Небесен.

Лесно е и природно да се изнесуваат добрите дела, но овде станува збор за изнесување на лошите. Покажување на гнојните рани пред единствениот Лекар на душите и телата наши, Господ Исус Христос, и Неговиот сведок - свештеникот, нашиот духовен отец. За тоа (исповедувањето) е потребна многу поголема храброст и одважност, отколку при грешењето. Но, ако не ги покажеме раните на небесниот Лекар пред Неговиот свештенослужител, нема ни да бидат исцелени.

ПОКАЈАНИЕ

Искреното покајание и искрената исповед се придружени со голема смиреност, како показател на својата грешност, молитвено плачење, како израз на тага за: злоупотребеното време, нанесените психофизички маки на нашите ближни и извалканиот во себе образ Божји; понатаму, заменување на секој грев со добродетел, соодветно со видот на гревот. На пример: ако станува збор за среброљубие, да се прави милосрдие; за лажење - секогаш да се говори вистината; за скржавост - дарежливост, за непослушност - послушност, за грешни зборови - добри зборови, за оговарање и ширење немир - мир итн.

Ако, пак, духовникот - исповедник, најде за потребно да наложи епитемија врз исповеданиот, тој (исповеданиот) треба со радост да ја прими и исполни, како лек за исцеление и спасение на неговото битие. Духовник и исповедник може да биде секој канонски расположен православен свештеник кого верниот член на Христовото стадо доброволно го бира.

ПРОШКА

Светите Отци препорачуваат дека за духовен отец и исповедник треба да се избере искусен свештенослужител од монашкото или мирското свештенство. Уште во овој контекст би споменале за тоа дека тоа што се исповеда од страна на верникот, исповедникот во никој случај не смее никому да му го каже. Тоа се смета за еден од најголемите гревови. Исто така, се препорачува и верникот по исповедта да не зборува за исповеданото.

По исповедувањето Бог му ги простува гревовите на верникот преку свештенослужителот, при што исповеданиот добива благодатни енергии за поправка и преобразување на понатамошниот живот во Христа и постигнување единство со Светотроичниот Бог во времето и вечноста.

(Извадок од "Воскресение", 1997 година, Скопје)


Апел од "Св. Јован Бигорски"

Почитувани,

Се обраќам кон Вас, знаејќи ја Вашата добра намера и желбата да помагате онаму каде што е потребно. Нашата молба е во врска со обновата на гостинскиот конак, подготовките за отворање погон за полнење природна-манастирска вода, и подготвувањето на материјал за разгледници и фотографии за монографијата на Манастирот.

Сакаме да напоменеме дека овие проекти се веќе подолго време барани од верниците и сите љубители на Манастирот и ќе претставува ретка можност за презентација на нашето духовно богатство овде, па и подалеку.

Меѓутоа, заради актуелната ситуација не сме во можност во целост да ги исплатиме трошоците за да можеме да го довршиме започнатото и затоа Ве замолуваме за спонзорство во границите на Вашите можности.

Нашиот телефон за контакт е 042/478 - 675, а жиро сметката е:

500-000000- 3835-65, депонент на Стопанска банка, а.д. Битола.

Однапред благодарни христијански Ве поздравуваме,

Христос помеѓу нас!

Архимандрит Партениј


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"