СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

Житијата на сите досега познати македонски светители (16)

МАКЕДОНСКОТО ВЛИЈАНИЕ ВО ВИЗАНТИЈА

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Македонците имале значајна улога во управувањето на Византија!
  • Неколку македонски светители биле погубени во градот Доростол!

Има и други податоци од времето на Василиј Втори Македонски во кои се спомнуваат Македонците како војници на неговата војска. Некои од нив се бореле во јужна Италија во тогашната тема Лангобардија. За еден од овие Македонци се знае дека по потекло бил штипјанец! Тој се викал Лав и бил висок воен заповедник на македонските и тракиските единици во склопот на византиската војска. Д-р Стјепан Антолјак (цит. дело, стр. 206), во врска со ова пишува:

"Тогаш се наведува како воен заповедник на Трачаните и Македонците патрицијот Лав, кого го нарекувале Стипион, т.е. 'Штипјанец'. Овој стратег го наведува и Константин Профирогенит".

Припадниците на Македонската династија во Византија од своите предци античките Македонци, задржале повеќе традиционални обележја. Познато е дека главни белези на античко-македонските цареви биле: пурпурната боја на облеките, жезолот и дијадемата. Потполно истата состојба ја имаме и кај византиските цареви од редовите на Македонската династија. Поетот Иван Кириотес, наречен Геометрес, кој бил епископ на Мелитена во 10 век, во своите песни ги опеал настаните околу владеењето на Василиј Втори Македонски, при што, во една од нив, сосема јасно ги спомнал (цитат): "кралските жезла и дијадеми, како и пурпурните облеки", што ги носеле византиските цареви од Македонската династија, исто како што, на времето, ги носеле и нивните предци - славните античко-македонски цареви (Joannis Geometrae, J.P. Migne, PG 106, 919; цит. според д-р Стјепан Антолјак, "Средновековна Македонија", Скопје, 1985 год., стр. 242).

И византискиот историчар Михаил Псел (1,31) ја опишува пурпурната боја на облеката во која се облекувал Василиј Втори Македонски. Тогаш дури и постоела изреката роден во пурпур, која се однесувала токму на царевите од Македонската династија.

Да го спомнеме и постоењето на Македонската партија, која дејствувала во Византија во 11 век. Псел (книга 6) ја споменува оваа партија и нејзините активности во времето на императорот Константин (1042-1055). Припадниците на оваа партија, предводени од (како што вели Псел) Македонецот Лео (кој бил припадник на семејството Торник), сакале да го симнат византискиот император Константин (кој му бил втор братучед на Лео). Опишувајќи ги настаните околу овој бунт на Македонците во Византија, Псел дава и еден интересен етнографски опис за нив. Во истата (шеста) книга, читаме:

"Македонците... се симнуваа од коњите и почнуваа да играат танци со заедничко пеење таму каде што секој можеше да ги види. Тие изведуваа смешни гестови на сметка на императорот, згазнувајќи на земјата со нивните стапала во склад со нивната музика и танцувајќи во триумф".

Можеби поради значителното учество на Македонците во самиот врв на општествениот живот во Византија, некои западни историчари сметаат дека Византија не била продолжение на Римската империја, ниту пак била продолжение на некаква грчка држава (древна грчка држава никогаш не постоела), туку дека Византија всушност била продолжение на Македонската империја на Александар Македонски. Во книгата "Outline of History" од авторот Велс, во врска со ова читаме:

"За оваа Источна или Византиска империја главно се зборува дека била продолжение на Римската Империја. Но многу повеќе таа била преродба на Александровота империја". ("The Outline of History" by H. G. Wells, Garden City, New York, 1920, str. 489, цит. според Симе Пандовски "Македонија, праисторија империја и денес", Битола, 2000, стр. 178).

И историчарите Џон Кросланд и Дијана Констанце го сметаат истото, па во врска со ова пишуваат:

"Вториот македонски голем период беше византиската империја, а Тесалоника беше втор по големина градво империјата". ("Macedonian Greece" by John Crossland and Diana Constance, B.T. Bratsford LTD, London, Great Britain, 1982).

Значи, припадниците на Македонската династија не биле никакви туѓинци, а војната помеѓу Василиј Втори и Самуил, во голема мера не била ништо друго освен меѓумакедонска војна, иста какви што биле војните водени помеѓу македонските династии на Селевкидите и Птолемеите кои, иако и самите биле Македонци што владееле со туѓи земји и народи, жестоко војувале помеѓу себе.

Македонската династија на Византија & донела голем просперитет. Територијата на оваа држава била значително проширена, а државата доживеала силен економски процут. Како еден од најзначајните историски настани што се случил токму во времето на владеењето на Македонската династија била шизмата, т.е. одвојувањето на Католичката и Православната црква во 1054 година.

УДЕЛОТ ВО УМЕТНОСТА

Македонската династија имала свој голем удел во сликарството во Византија. По забраната на иконоборството (843 година), византиската уметност доживеала нов процут токму во времето на Македонската династија. Во чест на оваа династија овој нов период во византиската уметност среде историчарите на уметноста е познат и како Македонска ренесанса. Посебно значајни во овој период се илустрираните ракописи, како и илузионизмот во сликарството. Во врска со ова во енциклопедијата Енкарта (наслов: Byzantine Art and Architecture) читаме:

"Сликарите на дворот на македонските императори во Константинопол (денешен Истанбул) го оживеале илузионизмот во сликарството и класичните содржини, дури и кога се работело за библиски мотиви".

Карактеристика за ликовната уметност од времето на Македонската династија била и обработката на секуларни теми, инспирирани од древните мотиви, а внимание било посветено и на колоритот. Била форсирана класичната форма со спиритуален облик, а мозаиците биле со груби и тешки облици, подвлечени со темни сенки и контрастен колорит.

Во својот труд "Македонската ренесанса" американскиот историчар Ден Рејнолдс (Dan Reynolds) пишува:

"Кон крајот на 9 век византиската уметност со религиозна содржина влегува во својот ,втор златен период', кој често се нарекува 'Македонска ренесанса' според името на владеачката династија... Монументалната уметност повторно почнува да ги прикажуа прилично природно силно моделираните тродимензионални фигури, честопати карактеризирани со воздржаност и со благороднички израз, каков што е мозаикот на Богородица со Христос од 867 година во апсидата на "Света Софија" (Dan Reynolds: "Medieval art art of the faithfull anno domini 476 - 1400<, RISD, 2001).

Во Енциклопедија на ликовни уметности (Загреб, 1959) достојно место е отстапено на византиската уметност од времето на Македонската династија. Овде читаме:

"Врвот и моќта државата ги постигнала за време на Македонците... Византиската уметност станала уметност на православието и создала своја посебна уметничка заедница".(Enciklopedija likovnih umjetnosti, Zagreb, 1959, FNRJ, наслов: Bizant).

Да го спомнеме и податокот дека во времето на Македонската ренесанса во Византија, т.е. токму во времето коога на престолот на Цариградската патријаршија се наоѓал свети Стефан, била внесена и една новина во уметноста, конкретно во декорацијата. Во споменатава енциклопедија во врска со ова читаме:

"На крајот од 9 век првпат се јавува нов тип на декорација - догматската декорација, која со мали варијанти траела се до крајот на византиската уметност. Овој тип бил наменет за кубињата на црквата со централна купола, која првпат била применета во Новата црква на Василиј Први".

Уметничкиот стил од времето на Македонската династија не се задржал само во Византија. Овој стил стигнал дури и до Русија (мозаиците во "Света Софија" во Киев од 11 век) и во други земји.

СВЕТИТЕЛИТЕ ОД ГРАДОТ ДОРОСТОЛ

Нивниот празник се слави на 25 мај (стар стил), т.е. на 7 јуни (нов стил). Во житието на на свети Пасикрат и свети Валентион пишува дека биле од градот Доростол македонски. Тие биле римски војници, но воедно биле и христијани. Свети Пасикрат имал дваесет и две години, а свети Валентион имал триесет. Гледајќи како паганите им се поклонуваат на идолите од камен и гледајќи како некои христијани се плашат јавно да сведочат за Христа, овие двајца другари отворено почнале да зборуваат за славата Христова поради што биле изведени на суд. Таму биле терани да им принесат жртви на паганските богови, но свети Пасикрат ја плукнал статуата на Аполон. Откако не сакале да се откажат од Христа биле осудени на смрт и главите им биле отсечени. Не долго потоа почнале да прават подвизи и нивните другари. Заради славење на Христа, на смрт бил осуден и погубен нивниот другар свети Јулие, кој исто така бил римски војник. Истата година биле погубени и војниците христијани свети Никандар и свети Маркијан. Пред да биде погубен свети Маркијан бил молен од својата сопруга да се откаже од Христа заради нивното мало дете. Тогаш тој ги кренал рацете кон небото и го повикал Исус да се грижи за детето. Свети Никандар исто така се простил од својата сопруга, која притоа му рекла:

"Десет години бев без тебе во нашиот роден крај и секогаш сакав да те видам. Сега те гледам и се радувам што заминуваш во животот. Се радувам што сум жена на маченик".

Познато е дека градот Доростол се наоѓал на реката Дунав (близу денешната бугарско-романска граница). Доростол е старото име за градот Силистра. Значи, овој град се наоѓал далеку од Македонија, а познато е дека тој никогаш не влегувал и во темата Македонија (византиска административна област, која во 8 век била формирана главно на територијата на денешна Тракија, но и во дел од етничка Македонија). Оттаму се поставува прашањето: зошто во ова житие градот Доростол е наречен македонски? Дали во етничка Македонија или во темата Македонија (главно денешна Тракија) имало некоја друга населба со истото име? Или пак станува збор за грешка во врска со името на овој град (во смисла дека наместо Доростол треба да стои име на град што и навистина се наоѓа во Македонија)? Одговорите на овие прашања засега остануваат непознати.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"