ИСТОРИЈА

"Билет во еден правец": Истражувања од областа на националната историја на Македонија - кои и како ја режираа судбината за геноцидот над Македонците под Грција од 1945 до 1949 (11)

ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА НАЦИОНАЛНА КАТАСТРОФА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ

Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА

  • Еднаш засекогаш треба да се знае дека во годините на Граѓанската војна нашите селани од Леринско, Костурско и Воденско, немаа намери за мотивиран егзодус, туку станува збор за осмислено етничко чистење на еден долгогодишен процес поттикнуван со перфидни методи кои имаа и имаат далекусежни импликации за разнебитување на македонската нација.
  • Кога се знае дека НОФ и АФЖ во тој период немаа ниту политичка, ниту воена власт и не претставуваа никаков фактор, тогаш за кого го повикуваа македонскиот народ!?

Војната ги изобличува разумните и емоционалните статуси на секој нормален човек. На луѓето им го разорува психичкиот живот, но децата ја доживуваат најболно. Тие како и возрасните, понекогаш се чувствуваат несреќни, иако средината им дава "се што им треба", но не им го дава она што останало во поранешната средина, во интимната атмосфера на нивниот дом, воздивот и духот на родното место. Децата, со влегувањето во светот на новата средина, нужно брзо или побавно спознаваат дека тоа не е нивниот свет, дека тие и во новата средина, сепак се само странци, бегалци и страдалници. Во новата средина не можат да го имаат она што покрај исхраната и спиењето им е најпотребно: нескриена љубов, разбирање и емотивно соучествување во нивниот специфичен детски свет, пишува Кочов во книгата "Билет во еден правец".

ЕГЗОДУС

Кочов, во споменатиот труд, прашува дали зборот егзодус е соодветен збор за ова категорија на тогашните деца и на ова прашање дава негативен одговор, затоа што тие тогаш биле деца со неоформена зрелост и немале никакви обмислени мотиви за напуштање на татковата земја, туку тие биле насила одземени (од две страни: од едната тоа го правела владината политика на Атина, а од другата комунистичкиот режим) и биле носени во прифатилишта со политичка цел.

Тие деца не беа во никаков конфликт па да наумат некаков егзодус и што е најбитно, не беа водени ниту од родители, ниту од најблиските, па затоа и не припаѓаат во многу експлоатираниот збор - споменуваниот егзодус. Но, еднаш засекогаш треба да се знае дека во годините на Граѓанската војна нашите селани од Леринско, Костурско и Воденско, немаа намери за мотивиран егзодус, туку станува збор за осмислено етничко чистење на еден долгогодишен процес, поттикнуван со перфидни методи кои имаа и имаат далекусежни импликации за разнебитување на македонскита нација. Акцијата за одземање и иселување на децата спаѓа во моделот на чисто планираните миграциони изместувања на македонскиот народ и за дефинитивно погрчување на новоусвоен простор (1913) во Грција, коментира Кочов.

Според авторот на "Билет во еден правец", категоријата бегалец е измислена категорија на луѓе и доста експлоатирана во историографијата, со цел да се минимизираат и замаглат осмислените зафати што ги имале туѓинците кон македонскиот народ под Грција.

Верувам, додава Кочов, дека на секој учесник во Граѓанската војна му е познат режимот на комунистите што ја претставуваа Привремената влада и единиците на ДАГ. Доколку беше фатен бегалец, беше осудуван и стрелан како дезертер, дури и тоа се случуваше и со мајките на одземените деца, бидејќи и тие беа мобилизирани во единиците на ДАГ. Според тоа, ете зошто и тие не припаѓаат на оваа категорија и ниту беа способни тие деца за размислување на некакво бегство од татковото огниште и мајкината прегратка. Со мал број исклучоци имаше осмислено бегање, на неколку семејства и тоа само од селата што граничеа со СФРЈ, односно со Република Македонија, пишува Кочов.

ДЕЛА

Во книгата "Билет во еден правец" се проследени текстови на повеќе автори кои говорат за оваа проблематика. Осврнувајќи се на трудот на д-р Ристо Кирјазовски "Народноослободителниот фронт и другите организации на Македонците од Егејска Македонија (1945 - 1949), во кој Кирјазовски говори за организацијата НОФ како главен раководител на македонското националноослободително движење, Кочов вели: Кога се знае дека НОФ и АФЖ во тој период немаа ниту политичка, ниту воена власт и не претставуваа никаков фактор, тогаш за кого го повикуваа македонскиот народ!? Зар не знае овој историчар дека за победоносен исход на таа борба, недостасуваа најелементарни внатрешни и надворешни услови. И уште нешто "заборава" да каже за најбитните настани што дадоа повод и покритие, токму овие организации на грчката десница да го подготват терористичкиот поход како средство за пресметка со нас Македонците. Зар не знае дека покрај КПГ и КПЈ/КПМ, со своите акции во егејскиот дел на Македонија во април 1945 година придонесоа за таквиот развој на настаните и дадоа мотив на атинскиот режим да примени репресивна политика со катастрофални последици за нас Македонците. Зар не знае дека македонското население споредено со грчкото осуммилионско население беше за повеќе од 20 пати повеќе во редовите на ДАГ (турнато преку идеолошката пропаганда и мобилизирано од 14 до 56 години да учествува масовно, не по негова желба, туку под паролата "Ако не си со нас, ти си против нас". На крај, овој историчар треба еднаш да сфати дека за нас Македонците Граѓанската војна не само што не беше револуција и продолжување на Илинденските слободарски традиции, туку беше нереална, фатална во која доживеавме национален пораз. Таа вооружена борба беше фатална не само за нас Македонците туку и за грчкиот народ.

По, организирањето во НОФ, АФЖ и НОМС, ние, како што вели Кочов, Македонците требаше да сфатиме дека Македонија под Грција веќе нема да биде онаква (компактна) како што била (а тоа се однесува и на целокупниот македонски народ и етничкиот простор) и дека веќе не сме сами стопани на прадедовата куќа.

Само очајник не може да види дека Граѓанската војна, која историски ја цениме како продолжување на Илинден и Револуцијата, беше само национална катастрофа за Македонците. Нашата политичка и национална улога (на НОФ) во Граѓанската војна, туѓинците ја сведоа само на "Триумф на танцувачи во мракот". Но, проблемот е во нас Македонците, што без чувство за историска димензија не можевме да ја разбереме неправдата. Се покажа дека ние Македонците не се мачиме со такви историски прашања или со долгорочна стратегија како да не ги напуштевме родните огништа. Ние и до ден-денес ги поддржуваме стратезите што придонесоа за нашиот геноцид и не можеме да сфатиме дека намерите на Грција и на тогашната Југославија им беа и посакуваа да си ги разрешат малцинските прашања и ништо повеќе.

Сега, коментира Кочов, многу нешта се измениле, но никогаш не се слушнало од воените и политичките стратези дека ги анализирале сите петна на погубната политичко-воена тактика, туку "нашата судбина се виде кога не однесоа во Ташкент и не оставија и уште толку мајки со црни шамии и илјадници деца, откорнати од своите огништа, ги оставија низ Европа, без чувство на морал за да не вратат и да не претстават пред грчката држава онакви какви што не признаа во времето на Граѓанската војна".

Кочов потсетува на прашањето на новинарката од неделникот "Епикера", упатено до генерал Маркос: "Во што беше смислата на неговата борба". Маркос одговорил: "Смислата беше во тоа што ги протеравме Славомакедонците од северните краеви на Грција. Македонија да остане грчка".

Ете зошто, додава Кочов, се бореше генералот Маркос, доселеник како колонист - маџир, во 1927 година, а ние од него се надевавме дека Синдрофос (другарот) Маркос ќе ни го реши македонското прашање. Значи, со ова што вели Маркос, во Граѓанската војна ние Македонците се боревме за да ја изгубиме Македедонија под Грција!!??

Во "Билет во еден правец" се презентирани и "Нови научни сознанија за егзодусот на децата од Егејскиот дел на Македонија" (Од тркалезната маса, одржана на 25, 26 и 27 јули 1993 година во Домот на АРМ).

Во трудот "Парчосување на прангите" од Евдокија Фотева - Вера, се вели дека "НОФ беше македонска национална организација по Илинден која ја прифати македонскиот народ, заедно со женската АФЖ и младинската НОМС, кои го организираа македонскиот народ во еден сенароден фронт, убеден дека овој пат ќе биде национално и социјално ослободен. Но, и тогаш како и во поранешните востанија, нашата судбина ја кроеја други...".

Ако тргнеме во потрага по вистината, се поставува прашањето: дали ние Македонците треба да бараме дека е виновен некој друг за овој организиран миграционен процес, во кој ние самите соработувавме беспрекорно??!! Како да се премолчи деградирањето на македонската мајка и по налог на партијата назначување "мајка" на по секои 20 деца т.н. "омадархиса", а зошто не била назначена со име, на македонски јазик, додава Кочов.

Многу прашања се раѓаат од нашето робување, но авторот на "Билет во еден правец" предлага да го проследиме и рефератот од историчарот д-р Кирјазовски, низ кој по пола век се расветлуваат многу работи. Станува збор за трудот "Насилна мобилизација - Злосторнички потег" од д- р Ристо Кирјазовски. Во него се вели: "Кога беа пресушени сите извори на регрутација на нови борци за ДАГ, лидерот на КПГ, Захаријадис, презеде еден без преседан авантуристички и злосторнички потег, односно акција - донесе одлука од евакуираните деца да бидат мобилизирани оние деца коишто имаат над 15-годишна возраст. Во повеќе случаи мобилизацијата се вршеше не по возраст, туку по висина на децата. Врз основа на таа одлука беа мобилизирани неколку стотици деца и испратени на фронтот, од кои многу од нив загинаа...".

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"