ИСТОРИЈА

Шеесет и една година од стрелањето на Никола Јонков - Вапцаров (2)

РЕАЛНО БЕСМРТИЕ

Пишува: Ванчо МЕАНЏИСКИ

  • "Кога попот им го поднел крстот на осудените, мрморејќи ја својата молитва, Никола му рекол: 'Јас не верувам во никаков бог, но за времето додека ќе ми читате, дозволете ми да испеам една песна'".
  • Овој поет докрај му остана верен на својот богато живеан живот, на она што го беше испеал во стих - директно од своето срце. Тој остана до крајот и борец и поет.

Во случајот со овој наш голем поет е постигната една прекрасна синтеза меѓу подвигот од поезијата и подвигот од животот. Уште подецидно кажано: Вапцаров до крајот остана и борец и поет.

Кога е Никола Вапцаров во прашање, многу битно е да се каже дека тој го заврши својот краток живот вапцаровски - со песна во устата. Поинаку, се чини, не можеше да биде.

СЕЌАВАЊА

Неговото херојско држење пред бугарските фашистички џелати многу пластично го опишува мајка му Елена, па затоа го пренесуваме нејзиното кажување. Откако ја опишуваме крајно трогателната последна средба со Никола, таа се задржува на невидениот пркос и хероизам што тој го манифестирал во миговите непосредно пред стрелањето.

"Потоа го одведоа кон стрелиштето. Помладите, кои можеа да трчаат, јурнаа натаму, а нашите стари, премалени нозе не не послушаа да не одведат до таму. Кога попот им го поднел крстот на осудените, мрморејќи ја својата молитва, Никола му рекол: ' Јас не верувам во никаков бог, но за времето додека ќе ми читате, дозволете ми да испеам една песна'. Џелатот се приближил да му ги врзе очите, но тој ја растресол главата: 'Јас не се плашам од смртта - ќе ја пречекам со отворени очи’. И запеал, така запаел, како што пеел осудениот од неговата "Песна за човекот". Запеал, не нешто друго, туку онаа незаборавна строфа од познатата песна на Ботев:

Тој што во бој за слобода гине

нема да умре: за него се е

в жал - земја, небо, и ѕверовине,

и поетот песни за него пее.

Песната ја потфатиле и другите. И во тој момент тунелот екнал од грмежите. Не издржале џелатите - побрзале да ги ликвидираат поскоро пламените борци кои ништо не можеше да ги исплаши.

ВЕЧЕН УМЕТНИЧКИДОСТРЕЛ

Вапцаров остави мало по обем дело, но тоа има високи уметнички дострели. Тој е автор од исклучително значење за македонската литература (меѓу другото, тој е основач и прв претседател на Македонскиот литературен кружок во Софија - институција од непроцеливо значење за нашата литературна и културно-национална историја). Овој поет докрај му остана верен на својот богато живеан живот, на она што го беше испал во стих - директно од своето срце. Тој остана до крајот и борец и поет.

Само неколку часа пред стрелањето Вапцаров ги напиша последните свои стихови:

Безмилосна е борбата, и волчка,

А велеа дека криела епичности.

Јас паднав. Ќе ме смени друг и точка -

што тука значи некаква си личност.

Рафал и смрт... а потоа си црв.

Тоа е толку логично и грубо.

Но, в луњата, пак ќе сме со тебе

мој народе, бидејќи си се љубевме.

И не би можеле да бидат поинакви последните стихови на Вапцаровата поезија. Тие се прекрасна синтеза меѓу подвигот од поезијата и подвигот од животот. Синтеза преку кој поетовите мисли и поетовите чувства добиваат целосно завршен израз. Ако поезијата на Вапцаров беше продолжение на она што го правеше во животот, без да се измори ниту за миг, претсмртните стихови и чинот на смртта се прифаќаат како природно завршување на една повест - животна и поетска, затоа и како природен почеток на едно реално бесмртие.

(Крај)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"