а 23 август 2001 година во 3
часот во Лешок одекна силна експлозија по која од црковниот храм "Свети
Атанасиј" останаа само урнатини.
Од стравотната експлозија, каква што дотогаш се нема случено во Полог, се
урнале централната купола со наосот, олтарот со сводниот покрив, двете ниши
(одлево и оддесно) и галеријата, а останале двете куполи над влезната врата
со камбаната, но и тие распукнати и нестабилни. Тие останале како неми
сведоци пред светот за да потсетуваат на уривањето на храмот.
Манастирската црква "Св. Атанасиј" е еден од поновите објекти во
манастирскиот комплекс. Изградена е во периодот од 1924 до 1934 година, а ја
осветил тогашниот српски патријарх г.г. Варнава. Црквата со својата
внатрешна декоративност на иконостасот и со архиерејскиот трон во резба, со
чесната трпеза декорирана со мермерниот оникс, со иконите и фреските, со
стаклената полилеја што ја држеше Христос Седржител, со галеријата, како и
со надворешната белогранитна блоковска фасада со заоблени и прави линии на
олтарот, со певниците и нартексот и трите куполи (една централна и две над
влезната врата) - претставуваше атрактивна монументална градба која со
својата убавина доминираше во просторот и заедно со остатоците од стариот
град беше основно симболично обележје на селото, вели Илија
Петрушевски, лешочанец, географ и еден од авторите на "Монографија за
лешочкиот манастирски комплекс" книга која е објавена, но поради настаните
се уште не е промовирана.
Чукањето на камбаната секое утро и вечер го најавувала животот во селото
и во поблиската и во подалечната околина. Од нејзиното осветување до 2001
година, црквата претставувала магична привлечност за младоженците од Лешок и
од околните села, па и од Тетово, бидејќи тие со задоволство во неа со
крунисување го овековечуваа брачниот живот. Лешок и Лешочкиот манастир има
значајно обележје во историјата на македонскиот народ.
По дваесетина дена од уривањето на црквата во 2001 година беше оштетен и
гробот на обновителот на Манастирот - првиот игумен и македонски просветител,
јеремонахот Кирил Пејчиновиќ. Беше искршена надгробната плоча и бил ископан
гробот по целата должина од јужната страна, раскажува Петрушевски.
Во јуни и јули 2002 година, стручна екипа од Заводот за заштита на
културните споменици од Скопје и од Тетово, со помош на екипа од петнаесет
работници од Лешок и со еден трактор со приколка, работела на расчистување
на урнатините. Во урнатините биле пронајдени и две направи со неексплодиран
експлозив - тритол.
Се очекува дури за две години црквата повторно да биде изградена, додека
за внатрешното уредување е потребно повеќе време.
КОНАЦИ
Првобитно Манастирот бил на друга локација на ридот кој и ден денес се
вика Стар Манастир. Владиката од Лешок од родот на Глајној, кој прво бил
полошки епискот, а подоцна станал скопско-полошки епископ во едни преданија
рекол дека, бидејќи животот на монасите на Стариот Манастир е несигурен, се
одлучил да гради нови конаци во околината на црквата "Света Богородица". Во
1690 година според пронајден запис во кој некој свештеник пишува "Рушиха
манастирот, грабија населението" се добиваат сознанија за тогашната состојба
и рушењето на Манастирот, коментира географот Петрушевски.
Во 1817 - 1818 година во Лешочкиот манастир доаѓа јеромонахот Кирил
Пејчиновиќ кој решил да го обнови манастирот, во што успеал. Наследникот на
Пејчиновиќ-Серафим дури по 7 години успеал да ги пронајде парите кои Кирил
ги оставил за Манастирот и изградил два конака. Околу 1890 година Езикил ги
изградил денешните конаци. Езикил соработувал со скопскиот митропилит
Теодосиј Гологанов кој пак бил за обновување на Охридската архиепископија.
Бидејќи Езикил не се согласувал да припадне кон тогашната Егзархија и
Патријаршија бил убиен со нож. Него го наследил Еротија кој водел двојна
политика, во согласност со тогашните услови. Подоцна во раниот период на
дваесетиот век дел од конаците биле изгорени, а останал да опстојува само
денешниот конак.
Инаку, Манастирот имал околу 102 хектари плодно земјиште во своја
сопственост кое по Втората светска војна во голем дел било национализирано.
ЛЕГЕН ГРАД
Според истражувањата, денешен Лешок почива на темелите на два града,
едниот бил антички, а едниот средновековен. Античкиот град се наоѓал кај
денешните полиња и е разурнат во 169 година пред нашата ера од македонскиот
крал Персеј. За тоа сведочат многу археолошки пронајдоци кои случајно се
откриени. Во 1953 година со копање се пронајдени амфори, монети, фрегменти
од мермери и слично кои говорат за античкото минато на Лешок, вели
Петрушевски.
Средновековниот град се викал Леген Град и тој се наоѓал на Калето
непосредно до Манастирот. По разурнувањето, градчето сепак останало да
опстојува, новата населба се изградила на високиот рид и за првпат се
споменува во 1018 година од страна на Василиј Втори под името Леаскумцосу
при победата на царот Самуил кој ја проширил Охридската архиепископија
вклучувајќи го притоа и Лешок. Градот бил постојана мета на варварите,
додека Стеван Немања во 1189 година наполно го разурнал градот од кого
останале само камења, но сепак останале неколку семејства да опстојуваат, а
дополнително се населувале и нови. Лешок опстојувал како населба и
епископски центар. Во 1927 година пронајден е и саркофагот на првиот полошки
епископ што е доказ дека Лешок бил епископско средиште со духовен и културен
живот, а како доказ се остатоците на околу пет црковни храмови. Во 1690
година после борбите со Пиколомини, населбата и црковните светилишта станале
мета на турската војска, така што единствено останала читава црквата "Света
Богородица".
Населението во тој период во голем дел предводени од Владиката Ефрем
Јован - Тетоец се иселиле во областите Барања, денес поделено меѓу Србија и
Црна Гора, Хрватска и Унгарија. Во Лешок останале само седум семејства, но
се населиле и нови дојденци. Благодарение на староседелците пренесени се
сите настани од тој период. Пренесени се народните преданија, топонимите и
легендите за некогашниот Леген Град, раскажува лешочанецот Петрушевски.
За жал, лешочани повторно ја имаа таа несреќа да бидат протерувани, а
селото да биде палено, но македонскиот дух не може никој да го уништи. Тој
опстојува и понатака.