ФОРУМ

СОВРЕМЕНА БАСНА

Васил Томовски, дипломиран инженер

Едно крволочно животно, се уште недоволно иденти-фикувано во животинското царство, од родот веројатнона рисот, сакало да приграби поголем дел од џунглата само за себе, на балканските ареали. За остварување на таа цел прв и непосреден противник му бил волкот. За да ги избегне законите на џунглата во справувањето со волкот се служи со лукавство: си навлекло јагнешка кожа и како "јагне" на кое му се загрозени основните права, го предизвикало сиот гнев на главатарите на животинското царство, коишто жестоко го казниле волкот, го протерале од мешаниот ареал, а во неговиот му направиле големи штети.

Крволочното животно, охрабрено од лесно постигнатиот успех, со сестрана поддршка на животинското царство, продолжило со иста стратегија, но со нова техника, да го зголемува својот ареал со освојување на делови од други ареали, каде што има животнски претставници.

Следната жртва било кучето. Иако кучето најмногу му помогнало, крволочното животно почнало да му прави штети во соработка со животни од истиот вид, небаре да приграби за нив поголеми животински права од кучешкиот ареал. Но, за да ја задржи поддршката на животинското царство, посебно на главатарите на преријата, за да докаже пак дека во прашање е слабо, незаштитено животно, овој пат навлекло на себе зајачка кожа. Сега животинското царство, покажало мала збунетост, а лисицата "експерт" за лукавства, меѓу сите животни веќе отворено укажувала дека ваков вид лукаство џунглата не познава и бара враќање и почитување на законот на џунглата.

Сепак, главатарите на животинското царство не сакале отворено да ја признаат својата заблуда и се обиделе да најдат решение. Пред нив била дилемата: и понатаму да му помогнат на јагнето - сега зајак, или да го поддржуваат кучето во одбрана на својот ареал и нашле соломонско решение. На зајакот му рекле: "ти бегај", а на кучето (загарот): "ти бркај го". Но, кога загарот му се приближил на "зајакот", главните ѕверки го предупредиле загарот, во контактот да не употребува прекумерена сила. Дозволено било само пропорционално однесување! За обезбедување и контрола на таков соодветен однос испратиле и ѕверови - монитори, со задача да дозволат само возвратна реакција на кучето - одбрана од неочекуван напад на крволочното животно - се уште во зајачка кожа.

Животинскиот нагон кај ѕверовите и од сите џунгли на животинското царство, по еден подолг период, проработел, ги натерал да ја "намирисаат" својата заблуда. И покрај тоа, главатарите од преријата, некои од саваните и од европскиот ареал - животни, продолжиле да го заштитуваат крволочното животно (веројатно имале и свој интерес во зголемениот ареал), но сепак се обиделе да му ја намалат агресивноста и крвожедноста. За таа цел му наредиле на кучето, да се смири и да се воздржи и понатаму и ако веќе некои делови од ареалот му биле (неповратно?) одземени, а на животното - ѕверот доброволно (ако сака) да предаде на "жетварите" животни некои од кожинките за камуфлирање.

Во меѓувреме, едно уште покрволочно животно, камуфлирано во птица ("огнени птици" според Нострадамус), пак недоволно идентификувано, но од истиот род, направило вистински пустош во преријата. Главатарите и целото животинско царство биле многу изненадени од ова неочекувано, масовно злосторство.

Длабоко навредени и повредени, водени од својот природен животински инстинкт, животните одлучиле и се подготвиле во корен да ги сотрат насилствата од овој вид во сите ареали на животинското царство. Епилогот за тоа не е познат! Не се знае и тоа дали нешто во таа насока ќе се преземе и за балканскиот ареал.

Ставот на животните: Лисицата, како на почетокот така и подоцна, водена од својот лисичји инстинкт, енергично реагирала на проѕирните итрини на крволочното животно. Но, за жал, никој не ја слушал и не ја слуша. Нејзината заложба е - да се почитува законот на џунглата.

Мечката, иако од поодамна била соочена со крволочни појави и во степите и правилно ги оценила настаните во балканските ареали, останала како незаинтересиран, рамнодушен опсерватор. Но, сепак, изгледа веќе почнала да се буди. Слично, реагирале и другите животни од тајгите, тундрите и од азискиот ареал.

Сепак, епилогот не е познат и не може да се предвиди според Езоп, Лафонтен, Лесинг и Крилов. А Нострадамус го најавил во негов стил, одамна. Наравоучението е оставено да потекне од македонските простори, а баснописците би се согласиле со тоа: Сите да ги почитуваат природните закони. Животните - ѕверовите да ги води инстинктот и законот на ѕунглата, човеколиките мајмуни и оние што сметаат дека еволуирале, да не го злоупотребуваат законот на џунглата. За крај афоризмот: "Кучето е најдобар другар и пријател на господарот, но тоа не е мислење на кучето!".


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"